Кога некои културни манифестации, некои ликовни изложби ќе се наредат по некој нивен ред, најчесто случаен, кога значајни творци за кои се прават таквите манифестации не се повеќе на овој свет, а притоа оставиле длабоки творечки белези, од друга страна кога ќе влеземе малку подлабоко во некои сознанија што сме ги знаеле и порано, ќе се увериме дека бурните и драматични животни секвенци низ кои минувале некои ликовни творци се причината што ги поврзува и дејствуваат како сите да живееле еден ист живот, со што и изложбите поставени во нивно име добиваат нешто заедничко истовремено и многу различно.
Не треба да заборавиме, речиси станува правило, кога ќе се најдеме пред едно ликовно дело дека секогаш покрај него или во нашите мисли се појавува и авторот што го создал делото и низ слика или скулптура, и покрај неблагодарните услови, можеме да видиме дека работел, се борел со себе, творел, сликал докрај, се трудел тоа што го носел во себе или сѐ што гледал околу себе да го пренесе на платно и преточи во ликовни вредности, нешто што денес претставува општочовечко ликовно богатство.
Винсент ван Гог е познат како со полскиот штафелај на рамо и торбата со сликарски материјал во раката крстосуваше низ пределите од малото место Овер сур Оас, каде што ја изработи митската слика на црквата од Овер сур Оас, ги сликаше жетварите што се наоѓаа во жолтите полиња со жито или ги црташе селаните како работат во рамните предели од Холандија. Може некој да се запраша од каде и зошто сега одеднаш се споменува и фрла во игра Ван Гог? Во музејот „Орсе“ во Париз во тек е изложбата насловена ,,Последните два месеци“ што Винсент ван Гог ги поминал во Овер сур Оас, организирана од музејот „Ван Гог“ од Амстердам и Орсе, изложба во која на јавноста ѝ се нудат значаен број дела изработени од Ван Гог во Овер сур Оас.
Ликовните творци како Ван Гог заслужуваат одвреме-навреме да се потсетиме на нивниот живот и нивните ликовни дела и не само за нив туку и за публиката, која го цени убавото во ликовниот свет, со што за момент ќе им го разубави секојдневното еднолично живеење.
Но времето во кое живееме понекогаш знае да ни приреди неубави и неразбирливи случувања. Чиниш како некој да посакува трагичните настани што ги живееле некои од ликовните творци да им се случуваат и денес, а грдата судбина да ги следи вечно во кои било историски и временски околности.
Зошто го кажувам ова? Неколку часа стојам во долг ред за да дојдам до билет за влез во музејот „Орсе“, каде што, како што споменав предмалку, во тек е изложба посветена на чудесниот Ван Гог.
Одеднаш чувар на редот, со извесна трагика, јавува дека музејот се затвора поради сомнеж од поставен експлозив во изложбените простории! Зарем е можно, се запрашав? Експлозивна бомба во изложбена просторија во која се наоѓаат дела на Винсент ван Гог! Дали во денешно време сѐ е можно! Да се уништат ликовни дела на Ван Гог, кој сликајќи жолти полиња со жито над кои лета црн гавран, со четките во рака, од незнајни причини се застрелува во слабината и по два дена починува во Овер сур Оас! Ако бил трагичен животот на Гог, зарем некој посакува и неговите дела да ја споделат судбината на тој што ги создал и претворил во колоритен прав?
И Луј Четиринаесетти добил исти закани, за експлозивни бомби! Дворецот „Версај“ четири пати беше предупредуван и половина или цел ден беше затворен за публиката, „Лувр“ трипати го доживеа истото тоа, музејот „Орсе“, каде што чекав во долгиот ред, ја дели истата судбина со другите културни институции во Париз! Си велам зарем сѐ уште постојат личности што се кадарни да сместат експлозивни материјали и разурнат дел од „Версај“, „Лувр“ или „Орсе“? Зарем дојдовме дотаму во име на некаква политичка или верска идеологија или од што било друго да се сквернави светско културно наследство, кое не мора да се наоѓа само во Париз, Лондон, Мадрид, Скопје, Охрид, Москва, Њујорк, Амстердам или Пекинг туку и каде било од Земјината топка и за некому тукутака да му текне за некаква експлозивна бомба и да ни приреди „ексклузивно“ терористичко чудо?
За среќа, додека сум во Париз такво злодело не се случило, верувам дека нема ни да се случи, а за тоа време да се вратиме во просториите на музејот „Орсе“, каде што е поставена изложбата на Ван Гог.
Од каталогот за изложбата ги извадив следниве информации.
На 30 март 1853 година во малото место Грот Зундерт, Холандија, е роден Винсент Вилијам ван Гог, од родители Теодорус ван Гог и Ана Корнелија Корбентус. Винсент ван Гог е шесто дете од семејството Гог и уште од млади години покажува интерес кон цртањето, често посетувајќи ја продавницата за продажба на слики и книги сопственост на еден од браќата на татко му.
Како финансиски добро ситуирана фамилија, Тео, еден од браќата на Винсент ван Гог, завршува медицински универзитет и доброволно се обврзова да ги намирува или плаќа скромните средства за живот на Винсент, кој прво шета во поголемите градови од Холандија, за на крајот да се најде и во Франција.
Како и многу ликовни творци, Ван Гог се воодушевува од делата поставени во „Лувр“ од неокласицизмот и импресионизмот. Исто така во Париз почнува да се дружи со Тулуз Лотрек, се запознава со Пол Гоген и Ками Писаро. Истовремено, во 1888 година со три свои слики учествува на Салонот на независните, а по некое време заедно со Пол Гоген заминува за јужна Франција. Таму има плоден сликарски период, истовремено и жестоки професионални препукувања со единствениот свој пријател Пол Гоген, и по една таква расправија, во емотивен ефект, Ван Гог си го пресекува левото уво.
По таквите недоразбирања Гоген заминува за Тахити, а Ван Гог паѓа во депресивни состојби и по негово барање е сместен во клинички центар во Сен Реми де Провенс. По една година престој во медицинскиот центар, Ван Гог заминува за Париз и се сместува кај својот брат Тео. По сугестија на сликарот Морис Утрило и во договор со Тео, Винсент ван Гог оди во гратчето Овер сур Оас, каде што се запознава со лекарот Пол Гише, кој истовремено е и сликар аматер. Престојот во Овер сур Оас на Ван Гог му дава сила и творечка енергија и за два месеца изработува три портрета на Пол Гише и над педесет слики, некои од нив се и на изложбата во „Орсе“.
Сите околу него веруваа дека конечно животот на Ван Гог ќе се насочи кон спокојна насока, никој не дозна зошто желбата за живот и ликовно творење го напуштаат бурниот и експлозивен Винсент ван Гог, за по два пресудни месеца од престојот во Овер сур Оас да реши да се застрела во слабината. По два дена, во присуство на својот брат Тео, Винсент ван Гог за разлика од неговиот драматичен живот, сега кротко го напушта овој свет.
Во отсуство на Винсант ван Гог, жетварите од жолтите полиња со жито и понатаму продолжија да ја вршат својата работа, црниот гавран постојано ги следеше.