Фото: ЕПА I Молњи над Вашингтон

Громогласниот татнеж „Да ја направиме Америка голема“ одекнува и во Европа

„Со започнувањето на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп започнуваат и деновите на грмотевиците!“ – многу сликовито во интервјуто за „Политико“ кажа Стив Бенон, поранешниот стратег на Трамп, за тоа што мисли дека ќе следува од денеска, па натаму.
Ќе има сѐ повеќе „грмотевици“ и на европското небо, Европската Унија допрва ќе почне забрзано да се трансформира, нешто слично како што заклучи францускиот експерт Пјер Верлуи уште пред десет години. Македонското државно-политичко раководство веќе ги фаќа фреквенциите на овие емитувања на политички бранови. Нивното вистинско „фаќање и толкување“ би имале исклучителен импакт при кроењето и спроведувањето на надворешната политика на Македонија и во 2025 година и во наредниот период.

Американски грмотевици над европскиот континент

Илон Маск, светскиот милијардер број еден, сопственикот на социјалната мрежа „Икс“, заедно со Вивек Рамасвами, од Трамп назначен како одговорен за новосоздадениот оддел за ефикасност при американската влада, на 18 јануари на „Икс“ во своја објава им порача на европските народи дека и кај нив, на „Стариот Континент“ ќе има или ќе треба да има „европски грмотевици“, „ако сакаат да имаат надеж во иднината“, како што нагласи Маск. „Толку многу луѓе во Европа немаат надеж за иднината или мислат дека Европа е ‘лоша’ на некој начин“.
– Од МАГА – Да ја направиме Америка повторно голема! (MAGA – Make America Great Again!) до МЕГА – Направете ја Европа повторно голема! (MEGA – Make Europe Great Again!) – напиша во овој момент еден од најблиските соработници Маск во својата порака, со која ги шокира некои од сегашните европски лидери.
А Доналд Трамп веќе започна да ја прави и МАГА и даде поттик и за МЕГА!

Глобалистите ги нарекоа европските гости кај Трамп „уривачи на европскиот поредок“

Коментаторот на британската телевизија „Скај њуз“ Дејвид Бултон го нарече Трамп „уривач на постојниот светски поредок и создавач на новиот поредок“, а европските гости на неговата инаугурација „уривачи и на европскиот поредок“!
Новиот шеф на американската држава тотално ја изигнорира Урсула фон дер Лајен, не поканувајќи ја на својата инаугурација, и со тоа многу јасно и без никакви „политичко-дипломатски ракавици“ порача што мисли за ЕУ и ова нејзино раководство. Италијанката Џорџа Мелони беше забележителната лидерка од некоја земја членка на ЕУ поканета кај Трамп. Но, на вчерашната „забава на уривачи на поредоци“ во Вашингтон беа поканети и лидери на десни партии во Европа, како што се Алис Вајдел, шефица на германската партија Алтернатива за Германија, и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, „палавиот непослушник“, кој речиси катадневно им го зголемува внатрешниот притисок на еврократите во Брисел. Потоа од Франција беше поканет предводникот на „противимиграцијата“ Ерик Земур, а и Белгиецот Том ван Грикен и поранешниот полски премиер Матеуш Моравјецки, кои влегоа во „фронтална пресметка“ со Европската Унија во долг спор за владеење на правото. Белата куќа ги имаше покането и лидерот на португалските десничари Чега, како и шефот на шпанската партија Воск, на која неолибералите ѝ го залепија епитетот дека е „ултранационалистичка“.

Трамп почнува со „демонтажа“ на ЕУ, ваква каква што беше досега?!

Што може да се согледа од овој список на поканетите? Доналд Трамп уште од првиот ден од своето влегување во Белата куќа почна да потврдува дека еден од неговите надворешнополитички приоритети ќе биде и „демонтажата“ на Европската Унија, а во првата фаза нејзиното стратегиско економско и политичко слабеење. Трамп сѐ повеќе ја обиколува, но и ја напаѓа „централата“ на ЕУ во Брисел. Американските суверенисти, под негово раководство, градат своевидно сојузништво со европските суверенисти: првите ја прават „Америка повторно голема“, а вторите ја прават „Европа повторно голема“, кажано со терминологијата на Илон Маск.
Не случајно и европратениците во Европскиот парламент ќе расправаат одделно за влијанието на Трамп врз досегашните трансатлантски односи: исто како и челниците на ЕУ, како лидерите на Германија и на Франција така и европратениците имаат многу дилеми, поточно гајлиња и стравувања, поради „долгата сенка“ на американскиот претседател, која паѓа и врз „европските кулоари“ и институции, врз ЕУ.
Новите политички сили во Германија, Италија, Франција, Унгарија, Чешка, Словачка и други земји членки на ЕУ не случајно ги отфрлаат политиките и диктатите на неолибералните лидери на ЕУ. Тие не случајно бараат темелна трансформација на оваа и ваква Европска Унија во еден нов „европски сојуз на суверени нации држави“, а не таа да се стреми да прерасне во некаква квазиевропска наддржава, отуѓена од европските граѓани. Европските „суверенисти“ во оваа 2025 година допрва ќе се зајакнуваат. Сите нив ги „крепи“ една идеја: отфрлање на диктатите на оваа и ваква Европска Унија, која форсира политики спротивни на автентичните интереси на европските народи. Германија се деиндустријализира забрзано, во Велика Британија десетици и десетици илјади семејства немаат пари да си ги платат сметките за струја и други енергенти, а исто така е или слично и во Франција и во другите земји членки на ЕУ.

Свето Тоевски


Студија на Пјер Верлуи: Кон падот на тежината и влијанието на Европската Унија во светот

Д-р Пјер Верлуи, француски експерт за геополитика и меѓународни односи, уште во 2015 година во својата научна студија со наслов „Кон падот на тежината и влијанието на Европската Унија во светот“ констатира: „Студијата за демографските, економските и стратегиските параметри на Европската Унија покажува дека нејзиниот статус како глобален играч се намалува во споредба со нејзините големи планетарни врсници. Станува сè потешко да се игнорира исчезнувањето на Европската Унија… Таа е сила што избледува на меѓународната сцена. Демографските, економските и стратегиските показатели укажуваат на нејзиниот пад. Овој тековен процес се забрзува“.
Уште појасно кажано, може да се констатира дека оваа и ваква Европска Унија престана да биде релевантен геополитички чинител во веќе настапената мултиполарна ера во светот. Релевантен геополитички фактор во веќе настапената мултиполарна ера во светот е онаа држава или онаа заедница на држави што промовира мир, разбирање и соработка на народите и државите, која ги има почитувањето и спроведувањето на политичката волја на суверените нации и суверените држави, нивните интереси и барања, како појдовна точка на своето политичко дејствување во меѓународните односи. Европската Унија веќе не го прави тоа.