Петнаесеттиот век беше период на големи истражувања и морски патувања кон далечни простори за откривање нови светови. Во тоа време владееше вистинска треска за патувања кон непознатото и далечното, зад што стоеја цели кралства како тие на Шпанија, Португалија или на Холандија, а најзначајните морепловци по потекло биле од Италија, но ангажирани од Шпанија или од Португалија.
И во тоа време се случуваа многу бизарни случајности, па така, Америго Веспучи, роден во Фиренца, прв стигнал до новиот континент Америка, (подоцна се именува според неговото име Америго). Пристигнал до Бразил и Хондурас, мислејќи дека тоа е Индија.
Но значајните морепловци како Америго Веспучи, Кристофер Колумбо, Васко де Гама или Магелан, нека не ни се замери ако кажеме дека биле и трговци. Во сите нивни патувања покрај желбата за откривање нови континенти, една од важните задачи била трагање по богатство од секаков вид, кое се носеше од далечните простори кон Европа.
Исто така, не случајно сите патувања беа насочени кон запад, никако кон исток. И тогаш се мислеше дека на исток нема ништо ново што треба да се истражува. Можеби Атлантикот бил поводот и причината што исклучиво се одеше во таа насока, кон запад.
Ако за момент ги заборавиме возбудливите патувања од времето на Америго и Колумбо и се вратиме во денешново време, ќе забележиме дека некои нешта се случувале и тогаш и сега. И ние сме насочени кон запад, кон Европа и ЕУ, како и тие кон Атлантикот и запад. Ние, како и тие, полно работи правиме од незнаење, затоа често ни се случува да лутаме низ силни политички бури и невремиња во отсуство на видливи позитивни резултати.
Сега, кога сме пред избори, некои лидери велат, ние не се откажуваме, одиме само напред кон Европа и ЕУ! Други категорички тврдат, тие што не сакаат во Европа и ЕУ, тие се за Русија и Истокот! Ова е исто ако Кристофер Колумбо кажеше, ако некој не сака да дојде кон запад и да го поминеме Атлантикот, тој е за Азија и Истокот! Според ваквите слогани изгледа како ние сега да ги откриваме Европа и ЕУ, исто како во времето кога Васко де Гама откри морски пат од Европа до Индија.
Ние од многу одамна сме во Европа и живееме со неа. Дека не ја откриваме Европа ќе раскажам една случка, која потврдува дека ние од поодамна живееме и дејствуваме во Европа и сме составен дел од неа. Во тоа време кога се случуваше приказната ЕУ не постоеше. Пред неколку години ја имам споменато оваа случка, но во една друга насока.
И еве ја приказната. Во Уметничкото училиште од шеесеттите години постоеше пракса да се организираат патувања, екскурзии најчесто низ државата, со намера да се запознае татковината и истовремено да се видат и одберат убави простори, пејзажи за идно сликање.
Во еден септември од тоа време, во училиштето се слушна дека за учениците од петтата година ќе се организира патување во Европа, во Италија, каде што ќе се видат градовите Венеција и Милано. Училиштето ќе го плати поголемиот дел од цената за патувањето, но еден симболичен дел ќе треба да го намириме ние. Неколкумина од нас (меѓу кои и јас) и тој мал дел не можеа да го платат. Тоа значеше дека за нас ќе заврши патувањето уште пред да почне! Како да го испуштиме ова патување, кое нѐ води кон Европа?
Тројца решивме да најдеме некоја работа со која ќе си дозволиме да одиме на екскурзија, и тоа во срцето на Европа, во Венеција и Милано. Со Кошникот, кој беше мајстор за калиграфија, и Ташко, одејќи низ градот забележавме дека фирмата од продавницата на „Скопски метал“ е поткршена, а наредниот ден беше уште повеќе искршена (кој ли направил такво злодело?), па беше готова за пишување нова фирма.
Неколку дена потоа влеговме во продавницата на „Скопски метал“ (која се наоѓаше спроти сегашното Министерство за правда) и со одговорните од продавницата се договоривме да им напишеме друга, нова фирма.
Повеќе од дваесет дена ја пишувавме фирмата на „Скопски метал“, полно вечери спиевме во продавницата, времето беше кратко за доплата на патувањето кон убавиот свет Европа. Зарем да се пропуштат Венеција и плоштадот „Свети Марко“, да не ги видиме сликите на Тинторето или во Милано да не се посети црквата „Санта Марија дел грацие“ во која Леонардо ја наслика „Тајната вечера“? Како може такво нешто да се пропушти? Европа нѐ кани, а ние да не одиме! За нас оваа екскурзија е поважна отколку патувањата на Колумбо, Васко де Гама или тоа на Америго Веспучи, кој кога дојде до Америка мислеше дека е Индија.
Кога фирмата на „Скопски метал“ беше готова, парите дадени, отидовме во училиштето. Професорот Драгутин Аврамовски-Гуте ни соопшти дека поради недоаѓање на часови ние тројцата сме исклучени од училиштето. Само директорот Миле Корубин може да ве врати во училиште ако му кажете дека сте имале важна причина, ни рече Гуте.
На директорот Миле Корубин му објаснивме дека пишувавме фирма, ни требаа пари за екскурзијата во Италија. Корубин разговараше со професорот Љубомир Белогаски, кој ни предаваше украсно писмо, па така, нашето отсуство се замени со пракса по калиграфија и украсно писмо.
Така ги отстранивме сите пречки за нашето одење кон Европа, таму добивме творечки датум за преговори, со што сите бевме задоволни и среќни.
Во овој предизборен период, нека не ни се продаваат приказни за Европа и ЕУ, демек некој од позицијата ќе нѐ внел во ЕУ.
Господа, тоа го знаеме подобро од вас. Ако имате нешто друго да ни понудите, добро, ако немате, чао рагаци.