Викендов, од околината на Битола, мноштво граѓани со пораки на задоволство

Вистинска зимска идила владееше изминатиот викенд во ски-центарот Нижеполе, со кој стопанисува ЈП „Стрежево“ од Битола. Голем број скијачи, бордери, деца на санки, љубители на зимските спортови, но и посетители што едноставно уживаа во чистиот воздух, зимското сонце и снежните убавини, со топол чај, кафе и варено вино, беа дојдени не само од Битола туку и од околните градови. Опуштена, одлична атмосфера и расположение имаше кај многубројните посетители, кои зависно од возраста, секој на свој начин, уживаа во планинските убавини.

Добро подготвени патеките, ски-лифтовите, а и пошироката околина на ски-центарот

Директорот на ЈП „Стрежево“, Менде Граматковски, информира дека подготовките на терените за сезоната ги започнале со време, уште во декември.
– Уште кога падна првиот снег и кога имавме минимални врнежи на снег започнавме со подготовка на ски-патеката. Ниските температури овозможија и покрај недоволните врнежи на снег да се натапка патеката. За тоа се заслужни работниците, кои два дена работеа на нејзина подготовка. Претходно во текот на подготвителниот период направивме сервис на електромашинската опрема и набавивме инспекциско возило, кое изврши увид на ски-лифтовите. Снегот задоцни, но сепак заврна и го има некои 30 сантиметри, доволно за скијање. Со минималните врнежи ние како општествено одговорна институција започнавме со подготовка на ски-патеката. Сето ова го направивме за сите оние што доаѓаат во ски-центарот Нижеполе. Викендов имаше голем број вљубеници во зимските спортови и чистиот планински воздух од Велес, Прилеп, Ресен, Охрид, Демир Хисар – информира првиот човек на јавното претпријатие „Стрежево“ од Битола, Менде Граматковски.

Задоволни скијачи од ноќното скијање

Од ски-центарот Нижеполе додаваат дека од минатата недела на големо задоволство на сите оние што сакаат да скијаат ноќе, под ѕвездено небо, започна и ноќното скијање, кое сѐ повеќе ги провлекува скијачите.
Од центарот подготвуваат и низа други изненадувања за љубителите на зимските спортови за време на викендите.
Горан Марковски, одговорен за ски-центарот Нижеполе, изјави дека веќе цела седмица се скија под посебни услови поради минималните 30 сантиметри снег.
– Снегот го нема како што го посакуваме, но желбите и меракот се големи. Задоволството е уште поголемо кај скијачите, кои го чекаат од декември. Се надеваме дека ниските температури ќе го задржат снегот уште некој ден, за да има уште некој ден за скијање. Сите ние сме подготвени. Ски-центарот Нижеполе е опслужуван од 29 луѓе, секој на работно место со своја тежина и одговорност – во ски-центарот, на лифтовите, во чајџилницата. Сите ние се трудиме сѐ да биде во најдобар ред за гостите што ни доаѓаат – додава Марковски.
Инаку, ски-центарот Нижеполе е сместен во падините на Баба Планина, лоциран над селото Нижеполе, на надморска висина од 1.300 м н.в. до 1.610 м н.в. и со градот Битола е поврзан со асфалтен пат со должина од 15 километри.
Скијачката сезона во ски-центарот Нижеполе традиционално започнува од почетокот на месец декември и трае до крајот на месец март. Има три ски-лифтови со вкупна должина од 2.150 метри и капацитет од 3.000 посетители на час, со можност за скијање на висина од 1.300 до 1.610 метри надморска височина. Професионалната подготовка на патеките се прави со помош на три ратраци. Должината на скијачките патеки под жичниците е околу 5.500 м.
Ски-центарот Нижеполе има соработка со ски и сноуборд-школата ССНЛ, во која работат врвни ски-инструктори, а располага и со патеки за почетници и за напредни скијачи.