Неколку клучни показатели за односот на претседателот на САД кон ММФ и Светската банка
Од вчера, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), во Вашингтон, САД, ги започнуваат своите пролетни самити. Според економските експерти и нивните изјави во светските медиуми, оваа година, пролетните самити ќе бидат многу подинамични, потензични и повозбудливи од вообичаено, и тоа од две причини. Едната е бидејќи Трамп и неговата администрација веќе најавуваат намалување на поддршката на овие институции, па и излегување од нив. А втората причина се трговско-царинските политики на претседателот на САД, со кои тој од корен сака да го смени односот на трговските „партнери“ на Америка и нивниот однос кон САД.
Повлекување на САД од ММФ и од Светската банка?
Сомневањата околу намерата на САД да се повлечат од споменатите меѓународни институции се засилија откако беше обелоденет дел од документот познат како „Проект 2025“ – изготвен по изборната победа на Доналд Трамп. Во документот, ММФ и Светската банка се нарекуваат „скапи посредници“ што само ги пренасочуваат американските пари. Имајќи ја предвид историјата на Трамп – повлекување од Парискиот климатски договор и од Светската здравствена организација – сѐ поголема е веројатноста сомневањата за ваквиот потег на Вашингтон да се исполнат.
За потсетување, пред два месеца, претседателот на САД нареди ревизија на сите американски донации за меѓународни организации, што практично го парализира УСАИД, а во истиот контекст, Вашингтон сè уште нема именувано извршни директори во ММФ и на Светската банка. Тоа е повеќе од јасна порака до јавноста за ставот на претседателот на САД во врска со ММФ и СБ.
ММФ и Светската банка управуваат со фондови од околу 1,5 билион долари – најголем дел од нив потекнуваат токму од САД. Ако Трамп ја прекине поддршката, институциите ќе останат без свеж капитал, а тоа силно би им ја ограничило способноста. Р.С.
Куса опсервација на метаморфозата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и на Светската банка (СБ)
Онакви какви што требаше да бидат воопшто не се, ниту ќе бидат
Зацртаните цели на ММФ, како главна светска финансиска институција, беа: развој на меѓународната монетарна соработка, поддршка на стабилни девизни курсеви, помош во одржувањето на конвертибилноста на валутите и доделување краткорочни заеми за балансирање на платниот биланс. Кога беше основан ММФ, неговата цел беше да помогне во развојот на националните економии и да им овозможи на неразвиените земји – користејќи ги неговите финансиски ресурси – побрзо да се развиваат и да станат поразвиени со своите компаративни предности и со намалување на јазот меѓу богатите и сиромашните. Таква беше идејата на почетокот на неговата работа, но во пракса ММФ со текот на времето стана „алатка“ во рацете на Волстрит и ФЕД (Федерални резерви, Централна банка на САД).
Синоним за неолиберализам и глобализација
Имено, сега, доктрината на ММФ се темели на неолиберализам, каде што, меѓу другото, се бара намалување на регулаторните функции на државата во областа на економијата. Земјите со долгови и дефицити се принудени да ги либерализираат трговијата, цените, девизните курсеви на националната валута, каматните стапки, странските инвестиции, потоа приватизацијата, намалувањето на јавната потрошувачка, поголемите заштеди, отпуштањето на вишокот работна сила, намалувањето на платите во јавниот сектор, намалувањето на пензиите итн.
Неолиберализмот, всушност, го формулираше таканаречениот Вашингтонски консензус (од 1990 година), обединувајќи ги основните принципи врз кои треба да се темели економската политика и да се насочи кон „стабилизација, либерализација и приватизација“. Оваа многу позната фраза во дискусиите за трговијата и развојот се смета за синоним за неолиберализам и глобализација.
ММФ не е развојна институција
Во формулирањето на овие неолиберални глобалистички принципи, ММФ, Светската банка и Министерството за финансии на САД (со седиште во Вашингтон, оттука и името) одиграа клучна улога. Но денес, ММФ сѐ повеќе ја губи важноста што ја имаше некогаш, па затоа се обидува да ги ублажи критиките што ги добива со воведување разни нови и непознати „институции“, честопати со нејасно значење и функции (што денес го нагласува американскиот претседател, односно дека тие институции се „скапи посредници“ што само ги пренасочуваат американските пари) наместо да се придржува до својот статут и да дејствува како што е напишано во членот еден, кој првенствено е во монетарната сфера.
На овој начин, со проширување на својата „активност“ речиси во сите области на економијата и општеството, тие институции длабоко пенетрираат во политиката и механизмите на другите меѓународни развојни институции, што доведува до одредена доза забуна кај земјите приматели на помош. ММФ не е развојна институција, поради што има на располагање мал број структурни реформи. ММФ повеќе нема конструктивна улога во светската економија каква што имаше неколку години по Втората светска војна, а „системот и институциите на Бретон Вудс“ мора фундаментално да се реформираат. Затоа е потребна трансформација на ММФ – кој е организиран како акционерско друштво – пред сè во самиот механизам за донесување одлуки, односно прераспределбата на националните квоти и гласачката моќ на земјите членки, што го спречуваат најбогатите земји предводени од САД, бидејќи оние со највисока квота и број на гласови можат да го блокираат донесувањето на сите најважни одлуки, бидејќи тие се единствените што имаат право на вето. Р.С.
Индикатори за рекомпонирање на светскиот монетарен поредок
Рекомпонирањето на светскиот монетарен поредок особено е присутно во последните години и со избувнувањето на војната во Украина, кога во процесот на дедоларизација се намалува важноста на американскиот долар, како единствена главна резервна валута во светот. Постои долгорочен тренд кон диверзификација на валутите во глобалните финансиски трансакции и трговија, како и зголемена употреба на национални валути во меѓусебните плаќања. Без оглед на трговијата со други валути, американскиот долар сè уште е релативно силна светска валута и глобално средство за плаќање. Улогата на доларот постепено се намалува во контекст на долгорочното поместување на моќта кон Исток и тој останува валута на колективниот запад во процесот на намалување на улогата на западните валути и дедоларизацијата, додека регионалните валути ќе се зајакнат во остатокот од светот и глобалниот југ, односно зголемената употреба на националните валути како средство за плаќање и порамнување меѓу одделни земји. Растечкото значење на земјите од БРИКС – кое станува и пообемно и посилно, во светската економија и политика нужно ќе доведе до одредени промени во силите и центрите на моќ во процесот на трансформација од униполарен мултиполарен поредок во светот. Р.С.