Правиме напори да ги започнеме уставните измени и верувам дека ќе ја започнеме постапката во Собранието кон крајот на јули, вели првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за „Студио 10“ на телевизија 24.
– Во Собранието има 120 пратеници, не 80. Сметам дека сите тие, со исклучок на двајца пратеници, се за интегрирање на нашата земја во ЕУ, како што беа за во НАТО. Убеден сум дека ако се претстави добро оваа техничка измена во Уставот, би ја прифатиле и граѓаните, а не само пратениците. Ова се само технички амандмани за да го продолжиме европскиот пат на Македонија – изјави Груби.
Тој порача дека е битно тоа што го кажа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на 7 јуни.
– Ќе се памти тој ден, не по тоа што ми е роденден, туку по изјавите на Мицкоски. Сакам јавно да му се заблагодарам за можноста што ни ја даде да продолжиме кон европскиот пат. Се покажа дека адресата не им е на друго место, туку во Брисел и Вашингтон. Тој не беше свесен дека го прифативме неговиот предизвик. Седми јуни ќе се памети дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ прифатија уставни измени, прифатија Бугарите да се вклучат во Преамбулата и Уставот, прифати да нема предвремени парламентарни избори и се надевам дека сме на нов терен. Охрабрувам да почнеме со постапката и да ги разгледаме предлозите на Работната група – истакна вицепремиерот.
Груби вели дека 7 јуни бил „клучен ден за одлуки“.
– Нашиот став од 7 јуни е најдоброто нешто што сме можеле да го направиме. Ние ветивме европска интеграција. ДУИ е партија која ветува и остварува. Во насока на нашата партија, ние би се жртвувале само Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Небитна е власта. Меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе бираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. После сите кризи, ова е вистинскиот пат – кажа Груби.