Фото: Маја Јаневска-Илиева

Останувајќи во своите рововски позиции, но и водејќи се од досегашните искуства со нефункционирањето на техничкиот владин состав, станува повеќе од јасно дека формирањето техничка влада губи секаква смисла во услови кога никој во никого нема доверба, никој никому не му дава поддршка, одговорноста одамна е исчезната, кога некој вештачки се обидува да прави симбиоза меѓу политички субјекти што едноставно не сакаат заеднички да функционираат. Единствено е сигурно дека ваквата техничка влада ќе се користи само како алатка за меѓусебна пресметка меѓу партиите, со единствена цел тие што подобро да се позиционираат во пресрет на изборите и што повеќе да го дисквалификуваат политичкиот ривал

Како да се постапи во ситуација во која меѓународните експерименти врз
земјава со години продуцираат само проблеми

Формалните процедури за избор на техничката влада треба да започнат в четврток, кога се очекува да поднесат оставки премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што в петок треба да се избере нов собраниски спикер, а в недела да се пристапи кон гласање на новата техничка влада.
Сепак, по последните изјави и од претставници од власта, но и од опозицијата дека едни на други нема да си ги гласаат предложените кандидати за министри и заменик-министри, јавноста во земјава е исправена пред клучната дилема, дали воопшто ќе се случи техничката влада или, пак, ќе се стави точка на оваа фалична практика со која државата непотребно пред секои избори целосно се блокира речиси половина година.
Имено, пред некој ден од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе предложат имиња за министри и заменик-министри, но нема да гласаат за влада што би ја предводел Талат Џафери. Од друга страна, пратениците на владејачката Демократската унија за интеграција соопштија дека нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада што ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На сето ова, актуелниот премиер Ковачевски уште додаде дека местата во техничката влада треба да останат празни додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада.
Останувајќи во своите рововски позиции, но и водејќи се од досегашните искуства со нефункционирањето на техничкиот владин состав, станува повеќе од јасно дека формирањето техничка влада губи секаква смисла во услови кога никој во никого нема доверба, никој никому не му дава поддршка, одговорноста одамна е исчезната, кога некој вештачки се обидува да прави симбиоза меѓу политички субјекти што едноставно не сакаат заеднички да функционираат. Единствено е сигурно дека ваквата техничка влада ќе се користи само како алатка за меѓусебна пресметка меѓу партиите, со единствена цел тие што подобро да се позиционираат во пресрет на изборите и што повеќе да го дисквалификуваат политичкиот ривал.

Реформската агенда во застој на штета на граѓаните

Трагично е што во време кога од суштинска важност е македонската економија да функционира, кога и меѓународните претставници истакнуваат дека следните месеци ќе бидат клучни во пристапувањето на земјава кон заедничкиот европски пазар, некој свесно да ја става државата во стендбај-позиција на половина година само заради туркање партиска предизборна агенда. Реформите во стопанството запреа, реформите во судството исто така, реформите во здравството и образованието стојат или, пак, се козметички… реформите во социјалата се ставени под тепих…
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски нема никакви дилеми дека постоењето на техничката или пржинската влада сто дена пред избори повеќе нема никаква смисла, дека се губи драгоцено време, а реформската агенда гасне.
– Пржинската влада, секако, треба да се укине и не гледам никаква поента околу нејзиното формирање. Таа е доказ дека ние не знаеме да функционираме и не можеме една работа нормално да направиме – вели Пекевски.
Ниту комуникологот Петар Арсовски не гледа никаква поента да се гласа техничка влада кога партиите нема да гласаат за предложените кандидати за министри и заменик-министри од спротивниот политички табор.
– На крајот на краиштата, се поставува прашањето, која е поентата од пржинската влада ако во неа не учествува опозицијата, бидејќи единствената причина за пржинската влада е воведувањето контролни механизми од опозицијата. Ако опозицијата нема да учествува, тогаш тоа е политичка влада, без оглед на тоа дали ќе се смени премиерот или нема да се смени – вели Арсовски.

Политичка криза на хоризонтот?!

Според комуникологот Петар Арсовски, доколку се заплетка целата работа околу изборот на техничката влада, земјава би можела да влезе во политичка криза.
– Самото неизгласување на преодната влада не нѐ носи директно во политичка криза, бидејќи таа ќе трае 100 дена, без оглед на нејзиниот состав. Суштинското прашање е дали неизгласувањето на преодната влада ќе ѝ дозволи на некоја партија потоа да го оспорува легитимитетот на изборите. Ако се случи тоа, тогаш – да, ќе влеземе во многу сериозна политичка криза – смета Арсовски.
И други политички аналитичари се осврнуваат на апсурдите од постоењето на техничката влада или попозната како пржинска.
– Власта требаше да прифати кога опозицијата понуди да се укине ваквата техничка влада и три-четири месеци ќе се отидеше порано на избори и никому ништо. Вака државата се држи во заложништво поради партиски суети. Наместо да се фокусираме на важни прашања, пред сѐ околу економското поврзување на земјава со регионалните пазари, но и со европскиот пазар, ние ќе сведочиме на инаетења и препирки. Се покажа дека таа техничка влада повеќе не функционира и требаше да завршиме со тоа – категорични се соговорниците.
Според нив, следната влада, која и да биде, треба да се договори со опозицијата веднаш да го укинат Законот за техничка влада и конечно да се отстрани тоа, како што велат, диво месо од македонскиот систем.