Кај нас одговорност не се презема по никаква основа, ниту од политичка, ниту од морална, уште помалку од етичка причина. Кога има сестрано отсуство на одговорност, тогаш последователно не може да се утврди ниту кривична, прекршочна или некаква друга одговорност, па поради тие причини состојбите се повторуваат, а земјата назадува по сите основи
Сите се согласуваат со американската амбасадорка Агелер за нефункционалниот
систем и сите се себеамнестираат
Практиката за непреземање одговорност и за префрлање на надлежностите на друга адреса, сето тоа надополнето со неказнивост, целосно го урниса системот во државата, кој подразбира функционирање врз принципот на врзани садови, односно надлежност-одговорност.
За жал, во овие триесет и кусур години независност на Македонија, овој систем никогаш не профункционира како што треба, па за многубројните афери, несреќи и други настани со негативни последици никогаш не беше пронајден виновник, некој што ќе преземе одговорност или, пак, некој што ќе биде казнет за лошата работа.
Неодговорноста – системски вграден фелер
Неодамна американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер упати остра критика на сметка на актуелните функционери, обвинувајќи дека затаил системот во државата, поради што се случија две грозоморни убиства, првото на велешанецот Панче Жежовски, а второто на младата Вања Ѓорчевска.
– Системот не успеа да ѝ помогне на таа млада девојка. Станува збор за криминалци за кои се знаело дека се криминалци, дека се насилни, а не се во затвор. Не биле претходно апсени и затворени. Не биле апсени и гонети за нивните претходни злосторства, не морале да ја платат таа цена, па цената ја плати една млада девојка. Вања ја плати цената – рече Агелер.
Според неа, време е конечно институциите да се запрашаат што можеле да направат за да го спречат ова злосторство, но и да не дозволат такво нешто да се случи во иднина.
– Време е институциите во земјава да фрлат еден безмилосен поглед на себе и да се прашаат: Што можевме да сториме за да ги спасиме оваа млада девојка и сите други деца во земјава? Зошто дозволуваме криминалците слободно да се движат и да вршат злодела врз кого било во државата? Ова е трагедија. И се надевам, се молам дека оваа држава, институциите и државните претставници ќе се погледнат и ќе се прашаат: Што треба да направиме сега за да обезбедиме дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се случи – истакна Агелер.
И наместо сите да се запрашаат каде и зошто системот дозволува вакви пропусти, некои од функционерите повторно прстот го вперуваат кон некој друг, амнестирајќи се себеси од секаква одговорност.
– И кога говорев за неказнивоста за сите што ја пљачкаа државата, го уништуваа народот и беа главни во општеството без да преземат одговорност, сето тоа е нешто што мора да го разбереме и прифатиме како состојба што треба да се менува. Менувањето на системот мора да се прави брзо и ефикасно – рече Спасовски, коментирајќи ја изјавата на Агелер, притоа додавајќи дека полицијата работи како што треба, но другите институции се тие што потфрлаат и на тој начин влијаат врз неефикасноста на системот.
Оваа матрица на однесување кога, народски кажано, секој си ја ишка мувата од својата капа можеше да се види и преку случаите во Онкологија, преку издавањето пасоши на лица со потврдено криминално минато, преку автобуските несреќи кај Ласкарци и во Бугарија, преку пожарот во тетовската модуларна болница, преку многубројните лекарски грешки, па до Диво Насеље, Смилковско Езеро и уште многу други афери, кога секогаш недостигаше некоја алка во системот за да се утврди кој е тој што е одговорен. Тоа што секогаш вината се префрла на некоја друга институција, има цел потрагата по виновникот намерно да се изгуби низ институционалните лавиринти и да заврши во вообичаено неефикасните анкетни комисии како некаква сатисфакција за јавноста, комисии што се формираат за ништо да не се разјасни, за на крајот повторно никој да не биде виновен и да не одговара.
Неопходно е системски да се лоцира одговорноста
Кај нас со децении одговорност не се презема по никаква основа, ниту од политичка, ниту од морална, уште помалку од етичка причина. Кога не може системски да се лоцира одговорноста, тогаш не може да се утврди ниту кривична, прекршочна или некаква друга одговорност, па поради тие причини состојбите се повторуваат, а земјата назадува по сите основи.
Тој „дефект“ во македонскиот систем за кој говори американската амбасадорка се заканува целосно да го блокира функционирањето на државата, бидејќи понатамошното толерирање на неодговорноста и неказнивоста ќе доведе до нови инциденти, по кои последиците врз општеството ќе бидат страшни. Ако убиството на малото девојче предизвика длабока општествена траума, повторувањето на ваков системски пропуст со нови трагични последици, сериозно ќе го оштети македонското општество, кое наместо одлучно да се бори против ваквите појави, почнува да станува имуно, бидејќи нефункционалниот систем го направил такво, апатично и анемично. Тоа некому очигледно му одговара, па затоа продолжува оваа системска дисфункционалност.
– Кога системот ќе атрофира, кога тој однатре е длабоко корумпиран, тогаш немаме институционална реакција. Во тоа е проблемот на кој посочува американската амбасадорка. Дури некои од тие негативни работи стануваат нормални во нашето општество. Кога системот ќе се корумпира, добиваме партизирани институции, партизирани вработувања, тогаш и најбазичните работи не функционираат – вели социологот Илија Ацески.
Општеството што станува апатично и анемично
Според социологот Ацески, нема повеќе критична маса во општеството што може да повлече промени и затоа самото општество станува апатично и анемично.
– Таа општествена анемичност, разочараност, таа не предизвикува реакција со која ќе се изрази згрозеност од некој чин, особено како што беше ова со последните две убиства. Сега реакцијата се сведува само на тоа како да се спаси поединецот од ваквиот дисфункционален систем. Решението го бараат така што ја напуштаат државата. Тука навлегуваме во тешки процеси не само на непрепознавање на она што е зло, туку таквите лоши работи почнуваме да ги доживуваме како нормални, што само по себе е поразително. Ние сега како општество влегуваме во таа фаза, ако не сме навлезени и уште подлабоко. Така ќе тонеме сè додека не се препознае општеството во некој лик, кој со својот пример ќе ја врати вербата дека работите можат и нормално да функционираат во оваа држава и кој ќе воспостави систем што ќе функционира и кој нема да дозволува пропусти што резултираат со вакви трагични настани – констатира Ацески.
И некои од другите соговорниците со кои се консултиравме сметаат дека нефункционалниот систем е таков поради корупцијата во државата, која, според нив, потекнува токму од политичките партии, бидејќи од оној момент кога тие востановија систем без одговорност, едноставно сите се тепаат за функција бидејќи знаат дека што и да направат, нема да преземат општествена одговорност. Тие сметаат дека за ваквата состојба, меѓу другото, придонесе целосно партизираното судство, кое постапува (исклучиво) по партиски директиви на секоја власт, која правдата ја користи за пресметка со неистомислениците.
– Непреземањето одговорност е појава што ја продуцира системот. Таков човек во Македонија што можете лично да го посочите за одговорен, едноставно, не постои. Во ваква партизирана држава, кога во ингеренциите на институциите директно се мешаат партиите поставувајќи свои луѓе на моќни функции, тие луѓе ѝ одговараат само на партијата. Тоа е коруптивен систем што го штити само моќниот оти има полза од него. Затоа секој сопствената одговорност ја префрла врз друг, тој продолжува да обвинува трет и така во недоглед. Амбасадорката Агелер сака да помогне и затоа е вака директна во изјавите, оти и самата гледа дека ваквиот нефункционален систем ќе ја уништи и Македонија како држава – појаснуваат соговорниците.