Оваа филантропска, универзална човечка потреба за почитување на слободната волја на поединецот е загарантирана со Повелбата на Обединетите нации, КЕПС и други светски организации. Ова му дава разум и право на секој слободоменски Македонец, без страв, очигледно и одлучно да се сплотува и да се бори за своите права. Ова е задолжително браќа Македонци. Нема друга алтернатива, Георги Христов
93 години од раѓањето на Георги Христов, алијас Јан Пирински, борец за македонските права и слободи во Република Бугарија
Денеска, 17 мај, се одбележуваат 93 години од раѓањето на Георги Христов, познат и како Јан Пирински, поранешен главен и одговорен уредник на весникот „Народна волја“. Во македонската национална мисла останува запаметен како личност што своето целосно битисување го посвети на унапредување на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија. Потекнува од семејство со изразена македонска национална свест, неговиот брат Александар Христов е истакнат македонски национален деец, еден од основачите на весникот „Народна волја“ и прв главен уредник. Поради активностите за правата на македонскиот народ, како и поради пропагирањето македонска национална свест кај македонскиот народ во бугарското општество, Георги Христов бил проследуван од бугарските безбедносни служби. Поради неуморната борба за македонските човекови и малцинските права, Георги Христов се оформи како симбол за издржливоста на македонскиот национален дух во Република Бугарија. Почина на 11 ноември 2021 во Благоевград, а со неговата смрт, припадниците на македонскиот народ во бугарското општество изгубија лидер, кој трајно ќе остане во македонската национална меморија.
Кој е Георги Христов?
Роден е на 17 мај 1931 година, во селото Јаново, Сандански (порано Свети Врач), во пиринскиот крај на Македонија. Уште како ученик пишувал стихови, а неговите дела се објавувани во тогашниот весник „Пиринско дело“. Ја има објавено и стихозбирката „Попатен изгрев“. Во 1992 година, Георги Христов од својот брат Александар Христов ја презема улогата на главен и одговорен уредник на весникот „Народна волја“. Своите текстови ги потпишува со псевдонимот Јан Пирински, а за основната идеја на весникот „Народна волја“ велеше дека ја кажува вистината за Македонија, за македонската историја, како и дека весникот ги разобличува бугарските обиди за фалсификување на македонската историја. На 15 декември 1994 година, Георги Христов во весникот „Народна волја“ образложи дека „како Македонци морално сме должни да им зададеме дробен удар на сите кои страдаат од апсурдните амбиции на големата шовинистичка хегемонија! Но, тоа мора да се направи со моќта на вистината, знаењето и доказот!“
– Ова, пак, бара право на слободен печат, еднаквост на аргументација, факти и информации од релевантните страни. Нивното право на еднакво користење радио и телевизиски преноси. Ова ќе бара меѓусебно почитување во општеството на индивидуалната волја на личноста! – напиша Христов во весникот „Народна волја“.
Христов исто така ги разоткриваше и оперативните дејства на бугарските служби и нивните методи за оневозможување на весникот „Народна волја“. Според него, на сите киосци од страна на бугарските служби им било наложено да ги примат сите примероци на „Народна волја“, меѓутоа да не ги изложуваат, а на купувачите да им посочат дека сите броеви на споменатиот весник се продадени.
Еден од најобемните трудови што ги има потпишано со псевдонимот Јан Пирински е делото „Гневот на правдата“, во кое хронолошки се опишани повеќето настани што влијаеле на правата на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија, како и нивната борба за човековите права. За овој труд, Ристо Никовски (дипломат и поранешен амбасадор) вели дека е илустрација и доказ за малтретирањата на кои тие биле изложени.
– Христов пишува за голготите низ кои врвеле тие, ама можеме да замислиме дека е тоа само мал дел од сите нивни премрежиња. Негова единствена цел беше да докаже дека вистината не може да се игнорира, дека Македонците се реалност, без оглед дали некој ги прифаќа како такви или не. Улогата што весникот „Народна волја“ ја игра во Бугарија е историска. Такви се и текстовите на Георги Христов, алијас Јан Пирински, кои, преку неговата книга, ќе станат културно наследство на сите Македонци, каде и да се тие. Христов е дел од темелите на македонизмот во Бугарија, кој сѐ повеќе се губи – нагласува поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Георги Христов беше член на Светскиот македонски конгрес. На Осумнаесеттото генерално собрание на Светскиот македонски конгрес, одржано на 9 август 2008 година, на Георги Христов му е врачено највисокото светско семакедонско признание, почесната титула македонски сенатор. Од 2012 до 2021 година беше копретседател на ОМО „Илинден“ – Пирин, а во јуни 2021 беше избран за почесен претседател на споменатата македонска партијата.
Што кажаа за него?
– Еден од најобемните трудови што ги има напишано Георги Христов е делото „Гневот на правдата“, во кое хронолошки се опишани многу настани поврзани со борбата на Македонците во Бугарија за своите основни човекови права. Во 1992 година, Георги Христов од својот брат Александар Христов ја презема улогата на главен и одговорен уредник на весникот на Македонците во Бугарија – „Народна волја“. Своите текстови ги потпишува со псевдонимот Јан Пирински, во чест на пиринскиот цар Јане Сандански. Георги замина пред обележувањето на 30-годишнината како главен и одговорен уредник на „Народна волја“, весникот што тој го издаваше наспроти сите проблеми на кои наидуваше – конфискување, подметнувања од бугарските служби, смртни закани по телефон итн. Македонците во Бугарија изгубија голем борец и лидер, кој трајно ќе остане во македонската меморија и историја – ОМО „Илинден“ – Пирин
– Весникот „Народна волја“, Георги го издаваше од 1992 година, а на бугарските националшовинисти им бодеше очи и како копретседател на ОМО „Илинден“ – Пирин. Иако тој никогаш не зборуваше за тоа, можеме само да замислиме со какви сѐ притисоци, закани и уцени се соочувал од властите на источниот сосед, кој е инаку член на ЕУ, ама во однос на Македонците се однесува како да е сѐ уште во 18 век. Имав привилегија лично да го познавам Георги и да го чувствувам како пријател. Секогаш се восхитував на неговиот оптимизам со кој ги премостуваше сите тешкотии и на трајната увереност дека ќе успее, што значеше дека ќе излезе и следниот број на весникот. Неуморен во секоја пригода, до последниот атом беше посветен на македонската кауза. Георги мораше да моли и проси за да го издаде секој нов број од својот и наш месечен весник бидејќи „Народна волја“. Им даваше поддршка на Македонците во Бугарија, оставени во немилост од сите, особено од матичната држава Македонија. Сепак, тој никогаш не ја критикуваше Македонија, што со прст не мрднуваше да му помогне во неговата и наша света мисија. Ги голташе нашите неразумности, а помош бараше и добиваше на други страни – Ристо Никовски, поранешен амбасадор и дипломат. Д.Ст.
„Народна волја“
Првиот број на „Народна волја“ излезе на 1 октомври 1980 год. во Сиднеј, Австралија. Како негови основачи се јавуваат повеќемина македонски емигранти, претежно од пиринскиот крај на Македонија, а меѓу нив се Александар Христов, Крсто Енчев, Ангел Вретовски, Георги Чочков, Митре Мојсовски и други. Името „Народна волја“ е земено во спомен на истоимениот весник издаван во почетокот на 20 век од Јане Сандански и неговите приврзаници, познати како санданисти. За прв главен уредник на новата „Народна волја“ е избран Александар Христов (1929-2005). Поради неговото враќање во Лондон, заедно со него се сели и седиштето на редакцијата, па долги години потоа весникот излегува во Англија. Во 1989 година во Република Бугарија паѓа комунистичката власт, со што се создадени неопходните услови за понатамошна демократизација на бугарското општество. Кај припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија се раѓа надеж за подобрување на нивната положба, па така доаѓа до решение весникот да се пресели во родниот крај на неговите основачи. Во април 1992 година во Благоевград излезе и првиот број во новото седиште, сега и со новата редакција, чиј главен уредник е Георги Христов, брат на Александар Христов.
Иако е регистриран според важечките бугарски закони, во првите години на излегувањето во Благоевград весникот се соочува со голем број проблеми. Така, без некакво образложување, Бугарската пошта одбива да потпише договор за дистрибуција низ земјата, а бугарските служби за безбедност преземаат разновидни мерки за да го попречат излегувањето на весникот. Таквите мерки, меѓу другото, се изразени и преку притисоци кон членовите на редакцијата или распространувачите на весници што се осмелуваат да го продаваат весникот. Треба да се споменат и неколкуте акции на бугарските служби, чиј резултат е запленување одделни текстови, па и конфискување на целиот тираж на весникот „Народна волја“.