Фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска во своето годишно обраќање во Собранието повика оти е време за храбар ЕУ исчекор, по примерот на оној од 2004 година, што, како што нагласи ќе означи реунификација, односно реинтеграција на регионот во ЕУ.

-Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија подржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир – истакна Силјановска Давкова.

Таа нагласи дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, бришејќи ги границите меѓу балканските држави.

Претседателката истакна дека Западниот Балкан не е никаков проблем за апсорбциониот капацитет на Унијата.

-Во бројните средби со ЕУ претставниците укажувам на некои парадокси – прво, Европската заедница со децении повикуваше на рушење на авторитарните системи, тогаш, има морална обврска за солидарност со нив/нас по падот на комунизмот; второ, профитната логика на западните економии бара поголем пазар и работната сила; трето, стабилноста на европскиот континентот зависи и од Истокот, вклучувајќи го и Западниот Балкан, како гео-политичка ентитет; четврто, лоциран меѓу Европа и Блискиот Исток како конгломерат на култури и религии отсекогаш Балканот се перцепирал како потенцијална конфликтна зона; петто, Балканците секогаш се перцепирале себеси како Европјани, па европската интеграција е недовршена без европскиот југоисточен дел – истакна Силјановска Давкова.

Претседателката истакна дека неколку месеци, на секоја мултилатерална или билатерална средба ја акцентира нужноста од проширување на ЕУ со земјите од т.н Западен Балкан.

-Укажувам на логиката на ЕУ доктрината  „единство на различности“,  како нејзин modus vivendi, која не може да важи само за нејзините членки, туку и за кандидатитете, па и за кандидатите за кандидати. Во спротивно, ниту има преговори, ниту разговори. Има еврократија изразена во  формулата: „слушај, молчи и извршувај“ оти имам неограничено право на вето – нагласи претседателката.

За неа, како што посочи, ЕУ е сеуште најпосакуваниот демократски политички систем и дом.

-Не случајно. Денес, граѓаните на членките на ЕУ имаат подобро мислење за нејзиниот демократски капацитет, од оној на своите националните власти, со исклучок на Луксембург. Некои западни политолози метафорично пишуваат дека Западен Балкан е ЕУ Ахилова петица. Ако е така, ниту Париз не смее да нишани во неа, а Берлин и Брисел, не смееат да дозволат да биде на нишан – рече Силјановска Давкова.

Искрено, продолжи претседателката, по децениско отуство на стратегија за регионот, во Планот за раст и во реформските агенди, а особено во нашата Реформска агедна, препознавам стратешки пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимуира процесот од обете страни.

-Токму затоа, не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратешките цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, согласно Заклучоците на Советот и протоколите, односно записниците. Ако зборуваме за Pacta sun servanda”, да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени – нагласи претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.