На недела од двојните избори на 8 мај, партиите и коалициите продолжуваат со промоција на своите политички понуди на терен, со активности, средби со граѓани, митинзи и прес-конференции.
Додека политичките партии во рамки на кампањата за парламентарните избори ги вкрстија ставовите околу уставните измени, двајцата претседателски кандидати со пораки за просперитетна иднина.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера од Неготино порача дека „со граѓаните ќе ја внесеземјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме“.
– СДСМ заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски. Режим кој ја блокираше целата наша иднина. СДСМ е заслужен што Македонија стана рамноправна земја членка на НАТО, а ефектите ги чувствуваме денес. Ви гарантирам, СДСМ заедно со вас, со граѓаните ќе ја внесе земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме. И јас, но и сите ние во СДСМ, можеби ја плаќаме цената на тешките одлуки, но тоа не смее да не одврати од идејата за прогрес и за суштински напредок на државата. Македонија мора да биде европска земја и нема друг начин како да се направат вистински и опипливи промени дом – истакна Ковачевски.
Оние граѓани што избраа да не излегуваат на избори на 24 април, рече дека ги поттикнуваат да излезат сега и да го дадат својот глас за европската иднина.
Свесен сум, подвлече, дека нашата инклузивност и концептот на едно општество за сите, често беше злоупотребувана од одредени политички сили и структури во земјата, за лична корист.
Ковачевски потсети дека со СДСМ Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, вчера порача дека идната влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, а ДУИ ќе одат во опозиција и ќе има одговорност.
Мицкоски, рече дека коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, а иден претседател ќе биде Гордана Силјановска Давкова. Тој, истакна дека народот треба да се слуша и затоа, како што рече, ДУИ оди во опозиција и со тоа завршува една неславна ера.
Во текот на денешниот ден ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи ново име за технички министер за внатрешни работи со цел, како што денеска изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, да не и дозв
Во интервју за „360 степени“, Мицкоски вчера рече дека е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе добие мнозинство од 61 пратеник, но и бадентерово мнозинство и го повтори партискиот став во однос на уставните измени, нагласувајќи дека ако уставните измени се услов на коалицијата „Вреди“ за влез во влада, таквиот услов нема да биде прифатен. Македонската евроинтеграција останува приоритет, рече, и тука нема дилеми, но земјава мора да има многу попрецизна позиција и точно да знае дали и каков план има Европа за неа.
Во однос на коалицирањето со Вреди, Мицкоски е дециден дека треба да и се даде шанса на опозицијата.
– Има многу работи кои сметам дека треба да се променат на политичката сцена. Ако ги прашате граѓаните, повеќето, три четвртини од народот, се за тоа ДУИ да оди во опозиција. предолго време се на власт. Треба да им дадеме шанса и можност на другите да се истакнат. Да видиме со каков потенцијал располагаат партиите кои се обединија околу Вреди. За уставните измени нашиот став е јасен и тука нема промени. Не сме отвориле на таа тема разговор. За ЕУ имаме јасна позиција, ние сме за продолжување на македонската евроинтеграција и тука нема дилема, грешките се направени од претходната влада, немаме намера да ги прифатиме, но не ги игнорираме и затоа сакаме да имаме многу попрецизна позициа, да видиме што во суштина има план за нас Европа, дали воопшто има план за нас, да бидеме појасни зашто вака ова е повторно магловито – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски, исто така, подвлече дека црвениот картон на СДСМ и ДУИ мора да се даде масовно на 8 мај.
Имаме програма која ќе биде дел од идната владина програма и во неа се состојат уставните измени, рече вчера носителот на листата со кандидати од коалицијата Влен/Вреди за Изборната единица 6 и лидер на политичката партија, Биљал Касами во одговор на новинарското прашање за коментар на изјавата на Христијан Мицкоски дека засега немаат добиено услови за заедничко коалицирање во идната влада. Тој потенцира дека основен услов се спроведување на уставните измени.
– Ние сега не разбираме што тоа значи. Ако некои други, во овој случај ДУИ праќаат емисари до него за да безусловно влезат во идната влада како што влегоа и во досегашните влади, за нас тоа е непоимливо. Во делот на таа програма има и уставни измени, интегрирање во ЕУ и сè што е во делот на подобрување на животот на нашите граѓани и унапредување на државата во процесот на евроинтегрирањето – изјави Касами.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши вчера на прес-конференција истакна дека албанската опозициска коалиција „Вреди“ е гаранција во идната Влада за усвојување на уставните измени.
– Албанската коалиција „Влен“ е гаранција во идната влада дека уставните измени ќе се усвојат и за ова ќе имаме посебна рамка за мерките и роковите за спроведување на оваа обврска. Секако, нашето инсистирање е тие да се усвојат што е можно побрзо и преговорите за пристапување во ЕУ да започнат што поскоро. Мојот последен апел е да работите со голема трудољубивост, посветеност и грижа, со цел победата на 8 мај да биде што повеличествена. Убедени дека сето тоа вреди да се направи. Додека сме овде, морам да Ве повикам да бидете спокојни дека е само пропаганда тоа дека некој ќе ги блокира уставните измени и евроинтеграцискиот пат – рече Гаши.
Потенцира дека процесот на уставните измени е комплициран процес и посочи оти за тоа е потребен широк консензус и широка дебата, да се отвори дијалог и да се биде во контакт со пријателите од меѓународната заедница и со бугарската страна.
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, претседателот на ДУИ и носител на листата со кандидати за пратеници во шестата изборна единица, Али Ахмети, на средби во Теарце и Желино, порача дека граѓаните на 8-ми мај ќеодлучат меѓу две филозофии – интеграција и изолација.
– Ние сме за мир, ние сме за стабилност, ние сме за најголема безбедност, ние сме за иднината, ние не сакаме да ја враќаме болната историја, на неа треба да се сеќаваме, но да не ни се повтори, да ја изградиме иднината. Нашата иднина е во ЕУ, нашата иднина е 0 проблеми со соседите, да работиме како што сме работеле досега, како што го решивме проблемот со Грција, и како резултат, станавме членка на НАТО, со што обезбедивме многу голема безбедност на нашето место. Како што дадовме придонес и во проблемот со Бугарите, рече Ахмети.
Тој посочи дека кога разговара со граѓаните, од нив добива барање земјата да оди напред кон ЕУ.
Левица вчера излезе со јавна понуда за за потпишување Македонска платформа во пет точки од страна на сите промакедонски политички партии, со цел, како што порачаа, утврдување национален консензус заради превенција од постојните уцени при составување Влада, кои доаѓаат од партиите на албанското малцинство (потписници на т.н. Тиранска платформа).
Лидерот на Левица Димитар Апасиев од Битола вчера истакна дека пред граѓаните стојат три платформи во изборот за претстојните Парламентарни избори и порача дека Левица ќе коалицира со влада која ќе ги прифати црвените линии во одбрана на македонската држава.
Претседателот на Движењето ЗНАМ За наша Македонија, Максим Димитриевски, вчера од Охрид и Ресен ги повика граѓаните да се придружат во борбата за менување на владејачката структура, која, како што нагласи, се однароди и од членството на СДСМ и од народот.
Нашата цел е да работиме согласно програмските определби, од граѓаните, заедно со граѓаните и за граѓаните“, рече тој и упати порака до сите чесни социјалдемократи дека вратата на ЗНАМ е отворена за нив.
– Ги повикувам заедно да работиме на менување на оваа владеачка структура којашто се однароди, не само од сопственото членство, туку и од народот. Истите тие кои се претставуваат дека се наводно потомци на АСНОМ-ци, а всушност ги избришаа АСНОМ-ските постулати од Уставот на Македонија – потенцира Димитриевски и ги повика сите да се придружат за да ја водат оваа борба заедно до крај.
„Да победиме на овие избори и во иднина да бидеме коректив на секоја власт и на секоја опозиција во државата од позиција на трета политичка сила, која се вика Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, рече тој.
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван низ земјава вчера имаше средби со граѓаните во Желино и во Тетово. Тој на граѓаните им порача да не ги обесхрабруваат бројките од првиот круг на претседателските избори, потенцирајќи дека станува збор за дијаметрално спротивни понуди од двајцата кандидати за претседател.
– Значи станува збор за дилема која е суштинска, нашите концепти не се разликуваат во нијанси, нашите концепти се драстично различни. Тие предлагаат ревизија на сите документи врз кој почива државата, стабилноста безбедноста и нејзиниот економски просперитет и тие предлагаат ревизија на сите документи кои нè направија членка на НАТО, и земја која преговара со ЕУ. По сите основи, нашите меѓуетнички односи интеграцијата во евроатлантските структури, ние нудиме концепт кој е проверен, досега гледате каде стигнавме. Дали тоа беше со задоволително темпо? Се разбира дека не беше, знаете дека имаше надворешни блокатори од нашите соседи, сопки на секој чекор, сопки и од внатрешната опозиција, политичка опозиција олицетворена во најголемата опозициска партија – рече Пендаровски во Тетово.
Од Желино кандидатот за претседател Стево Пендаровски порача дека овие пет години се трудел да биде коректив на извршната власт и додаде оти секој претседател на државата треба така да постапува.
– Пред вас има два концепта кои никако не се приближуваат. Јас и мојата опција сме за ваква Македонија каква што ја имаме со разбирање со меѓусебна почит, без меѓуетнички конфликти, другата опција е ризик за поделби и тензии, опција со која сигурно нема да просперирате – порача Пендаровски.
Тој изрази уверување дека најголем дел од гласовите кои завршија кај кандидатите кои испаднаа во првиот круг, во вториот круг ќе завршат кај него затоа што граѓаните препознаваат кој работи во нивен интерес.
Кандидатката за претседател, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на митинг во Куманово вчера посочи дека нејзината програма е испечатена на сите јазици на етничките заедници, на албанскиот, српскиот, ромскиот, турскиот, бошњачкиот… и порача дека на 8 мај очекува „политички вулкан“.
– Ако резултатот во првиот круг со спортски речник беше 2-1, и замислете уште имаат идеализам дека на волшебен начин нешто во паузата меѓу двата натпревари ќе се случи тогаш логично е бидејќи логично е опозицијата да размислува политички, на 8 мај резултатот да биде барем 3-1 – кажа Силјановска Давкова.
Таа нагласи дека граѓаните се нејзина инспирација, изворот на „Македонија горда“ нагласувајќи дека Македонија и од Балканот може да се направи пристојно, стандардно, европско катче за живеење.