Фото: „Нова Македонија“

Каков пакет за проширување на ЕУ станува реална бриселска опција (2)

  • Моделот на таканаречена „надворешна интеграција“ во ЕУ без полноправно членство, според примерите на Исланд, Норвешка, Швајцарија и на Луксембург, со придржување до релевантните норми и политики на ЕУ, би можел да биде „корисна опција“ за одделни земји кандидатки за влез во ЕУ. Таа т.н. надворешна интеграција на Македонија во ЕУ, според толкувањата на наши соговорници, би ѝ овозможила учество во европската трговија, слободно движење на нејзините граѓани, соработка во политиката, „фер глас“ во донесувањето на заедничките одлуки, низок степен на политички и економски и безбедносни потреси, продлабочување и динамизирање на внатрешниот реформски капацитет, како и подобрена геополитичка тежина…

Неславниот јубилеј од 20 години изминати во чекалницата на Европската Унија (ЕУ) одбележан неодамна, на 9 ноември, одново го актуализира прашањето – кои понатамошни чекори може да ги преземе Македонија за одблокирање на евроинтеграциите соочени со бугарски уцени, земајќи ги предвид последните сигнали од Брисел, кои сугерираат дека „ЕУ многу скоро би била подготвена за групен прием на земјите од Западен Балкан, со тоа што тој пакет би се дополнил со Украина и Молдавија. Притоа се изнесува и идејата дека „брзиот прием ќе биде со т.н. членство со ограничени надлежности, односно тоа значи дека „новите членки нема да имаат право на вето, нема да имаат право на еврокомесари…“ и веројатно уште на некои други можности со кои би влијаеле врз заедничката европска политика. Соговорниците го истакнуваат фактот дека во тој ист контекст „и албанскиот премиер Еди Рама, чија земја неодамна го отвори последното поглавје во преговарачкиот процес со ЕУ, побарал Албанија да стане дел од ЕУ дури и без да има право на вето или еврокомесари, ниту, пак, одлучувачки глас, односно да биде примена со скратени надлежности!“

Дали е ова тој „креативен евроинтеграциски модел“, баран од македонската
шефица на државата?

Земајќи го предвид ваквиот развој на настаните, врвни европски политички и евроинтеграциски експерти со кои се консултиравме, велат дека е можна и „надворешна интеграција“ со ЕУ, како модел на ефективно доближување до ЕУ, иако без полноправно членство, што би претставувал реален начин да се излезе од еврочекалницата, а потоа да се пристапи кон преосмислување на патот до вистинско, реално полноправно членство во ЕУ. Во согласност и со европското право и темелниот акт на ЕУ – Договорот од Мастрихт, ваквиот „креативен евроинтеграциски модел“, според соговорниците, би овозможил и развој на форми и методи за поефикасна (однатре) заштита на македонскиот национален и јазичен идентитет од бугарските напади врз него.
Во тој контекст треба да се посочи и на научниот труд „Интегрирање на различноста во Европската Унија 2035: три сценарија за надворешна диференцијација“, кој го објави во 2021 година д-р Паоло Киокети, предавач и истражувач за европска интеграција.
– Веќе сега постои застој на проширувањето, предизвикан од слабоста на „интеграцискиот капацитет“ на ЕУ во однос на можните нови членови и „заморот“ од нивното пристапување кај клучните европски влади. Шесте земји од Западен Балкан активно се стремат кон членство во ЕУ, но многу нерешливи економски, административни, демократски, политички и други пречки го попречуваат нивниот пристап. Малку е веројатно дека тие ќе бидат надминати на среден рок, иако приемот на мал избор на земји, особено на членките на НАТО, Албанија и Црна Гора, сè уште може да биде остварлив од геополитички причини – анализира овој италијански експерт и наведува дека моделот на „надворешна интеграција“ во ЕУ без полноправно членство, според примерите на Исланд, Норвешка, Швајцарија и Луксембург, со придржување до релевантните норми и политики на ЕУ, би можел да биде „корисна опција“ за одделни земји кандидатки за влез во ЕУ.
„Надворешната интеграција“ на Македонија во ЕУ би ѝ овозможила, според сценариото на Киокети, „учество во европската трговија, слободно движење на нејзините граѓани, соработка во политиката, мир, фер глас во донесувањето на заедничките одлуки, политичка и демократска стабилизација, како и подобрена геополитичка тежина“.

Потсетување на проектот на Брисел наречен „Хоризонт 2020“

Овие ставови и сценарио на Киокети не се празна теорија, туку веќе циркулираа низ Брисел како дел од проектот „Хоризонт 2020“, финансиран од ЕУ, кој е спроведен токму заради дефинирање не само на иднината на ЕУ до 2035 година туку и за да се разработат колку е можно пореалистични сценарија за проширување на ЕУ со нови членки. Што значи, реформулирајќи ја својата евроинтеграциска политика, Македонија ќе треба поинтензивно да размислува и да разработува реална ситуација и сценарио за тоа колку за неа во овој и во наредниот период е отворена или е затворена вратата на ЕУ, земајќи го предвид и предизвикот за бараните уставни промени од Брисел.

Свето Тоевски


Студијата: „Европа во 2030 година“ – предупредување за иднината на европскиот блок

Четири алтернативни иднини на ЕУ

 

Во својата научна студија „Европа во 2030 година – четири алтернативни иднини“ од 2017 година професорите по политички науки д-р Луис Симон и д-р Улрих Шпек дефинираат и разработуваат четири можни сценарија за иднината на Европската Унија и воопшто на европскиот континент. Едното сценарио е на Шпек, насловено како „Европа што пропаѓа“. Според него, „европските национални држави нема да можат да изградат посилна унија“. Според ова сценарио, големите сили ќе се „ценкаат“ за сферите на влијание, во процес што ги претвора политички и воено послабите земји во обични сателити.
– Висока цена ќе плати Европа, ако остане поделена наместо да се обедини. Во таква ситуација само двете нуклеарни сили на Европа – Франција и Велика Британија – ќе бидат во можност да задржат релативно висок степен на независност, додека остатокот од европскиот континент ќе западне во различни сфери на влијание. Четирите сценарија опфаќаат широк спектар на можни иднини за Европа. Но едно нешто е заедничко за сите тие сценарија: европските интереси и вредности веќе се изложени на опасност во еден сè понестабилен и кревок свет. Големото прашање ќе биде: Дали Европа ќе успее да стане покохезивна и да ги развие способностите што ќе ѝ овозможат да биде глобален актер? Во овој контекст постои и алтернатива да станеме „геополитичко игралиште“, препуштено на милост и немилост на други сили. На Европа е да одлучи дали сака да биде играч или пион – напишаа Симон и Шпек во заклучокот на својата студија уште пред седум години.
Нивните согледувања се актуелни и денес, особено за Македонија, од гледна точка на прашањето како таа да ги осмисли своите наредни потези на патот кон ЕУ.
Студијата на Луис Симон и Улрих Шпек уште во 2017 година предупреди дека „ЕУ не смее да стане геополитичко игралиште, препуштено на милост и немилост на други сили“. Исто така и дека „Европа треба да одлучи дали сака да биде играч или пион во наредните години и децении“.
Европските интереси и вредности веќе сега се изложени на опасност во овој сè понестабилен и кревок свет, а во случајот со Македонија преовладеа „повисоките геополитички“ европски интереси и беа жртвувани вистинските вредности и идеали. Св.Т.


Националниот идентитет е клучен дел од колективното идентификациско „јас“ на европските народи и граѓани што се во ЕУ

Се бара Европа од Мастрихт и Лисабон

Во двата темелни акта на Европската Унија – Договорот од Мастрихт и Договорот од Лисабон – е вграден како основен принципот на принципот на почитувањето на националните идентитети. Почитувањето и запазувањето на националниот идентитет на 27-те европски народи што се веќе влезени во ЕУ се загарантирани и во уставната рамка на ЕУ и во нејзиното општо право, кое експлицитно бара од Унијата да ги почитува националните идентитети на своите земји членки. Ова потврдува дека националниот идентитет е клучен дел од колективното идентификациско „јас“ на европските народи и граѓани што се во ЕУ, но и за сите други народи и граѓани на европскиот континент.
Но, кога станува збор за Македонија и Македонците и сите други македонски граѓани, овие европски принципи и вредности како да не важат. Од една страна, и Брисел им „кумуваше“ на „добрососедските договори“ на Македонија со Бугарија и Грција, со кои се уриваат темелните белези на македонскиот народ и држава. Од друга страна, во своите резолуции и закони „високо ги цени и ги почитува европската различност и вредноста на јазиците, културите и народите на Европа“. Токму поради оваа невидена дволичност, непринципиелност, би се рекло и противмакедонска политика, во изминативе 20 години Македонија сепак веќе стана во нешто европска: се претвори во „европски гробишта на идеалите и вредностите на ЕУ“. Барањето да се спроведат уставните измени повторно во полза на Софија е само уште една потврда на таквата состојба. Св.Т.