Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија, излезе во јавноста со многу експлицитен став за лицемерноста, дволичноста и лажливоста на ЕУ спрема Македонија
За поттикнувачите, соучесниците или главните организатори од ЕУ
Актуелната возбуденост и вознемиреност на Атина во врска со појавувањето на сѐ повеќе „пукнатини на стаклените нозе на Преспанскиот договор“, сега веќе предизвикуваат и отворена реакција на поранешни функционери на самата Европска Унија. Свесни дека Брисел, во содејство со уште неколку членки на ЕУ, практикува „политики на двоен колосек“, спроведува непринципиелни, па дури и политики спротивни на меѓународното право, поранешни високи функционери на ЕУ, послушувајќи ја (конечно) својата совест (и правдина, се разбира), излегуваат во јавноста остро критикувајќи дека она што е побарано и добиено од Македонија создаде и најлош преседан во надворешната политика на ЕУ. Така, Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија, излезе во јавноста со многу експлицитен став за лицемерноста, дволичноста и лажливоста на ЕУ спрема Македонија.
– Ова е уште еден несреќен пример за двојните стандарди на Европската Унија и нејзините земји членки, кои забораваат дека токму ветото на Франција во 2019 година го спречи официјалното отворање на пристапните преговори со ЕУ таа година, и покрај посветеноста содржана во Преспанскиот договор.
За работите да станат полоши, Бугарија во 2020 година го наметна сопственото вето на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија. Ова вето немаше врска со копенхашките критериуми, туку многу повеќе имаше врска со бугарската внатрешна политика.
Тоа што оваа бугарска позиција подоцна беше поддржана од ЕУ не само што целосно ги прекрши правилата од политиките за проширување на Унијата туку создаде и најлош преседан во надворешната политика на ЕУ кон нејзиното најблиско соседство.
Резултатот од овој несреќен преседан е тоа што за да почнат преговорите за пристапување кон ЕУ, македонскиот устав ќе треба да се смени и да има референца за постоење на бугарско малцинство во земјата.
Иако ова само по себе не треба да претставува голема пречка, начинот на кој овој услов беше наметнат, без никаков реципроцитет за бугарската страна, предизвика раздор во македонското општество – пишува во своја колумна Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Македонија.
Фуере: Наместо меѓуетничка хармонија, ЕУ поддржува меѓуетнички тензии, како во бугарско-македонскиот случај
Понатаму, Фуере во својот текст констатира дека последователните барања наметнати на Македонија од ЕУ и нејзините земји членки, во изминатите години направија поголема штета на кредибилитетот на ЕУ во нејзините политики за проширување отколку во кое било друго време по последното големо проширување во 2004 година.
– Тоа покажува како Унијата и нејзините земји членки не успеаја да ја разберат и продолжија да ја потценуваат комплексноста на регионот на Западен Балкан, неговата историја и длабоките вкоренети општествени поделби, каде што помирувањето по конфликтите од 1990-тите години останува далечен сон.
Наместо да промовира политики што поттикнуваат меѓуетничка хармонија, Европската Унија поддржува предлози што, како во бугарско-македонскиот случај, дополнително ги поттикнуваат меѓуетничките тензии – укажува Фуере на штетните последици од политиката на двојни стандарди што Унијата ја спроведува во регионот, потценувајќи ја комплексноста на Западен Балкан.
Креативноста со двојни стандарди на ЕУ многупати досега ја констатирале и
пишувале за неа видни (гео) политички аналитичари, универзитетски професори, интелектуалци…
Бриселските итроштини со двојни критериумски стандарди не можат да ги покријат и оправдаат грчките антицивилизациски и културоцидни желби и намери спрема Македонија и Македонците. Дрскоста на грчките политичари да го прогласат Преспанскиот договор целосно необврзувачки за Грција, а целосно задолжителен за Македонија со можност да ѝ се додадат нови барања и клаузули, засега се чини дека ги надминува и можностите за манипулација со принципите на меѓународното право што ги давала извежбаната практика на користење на политиките со двојни стандарди на ЕУ.
Таквата креативност со двојни стандарди на ЕУ многупати досега ја констатирале и пишувале за неа (гео)политички аналитичари, универзитетски професори, интелектуалци што не биле директно инволвирани и ангажирани во структурите на Унијата.
– Нашата предолга одисеја кон ЕУ не смееше да поминува ниту преку Атина ниту преку Софија, но таквата моќ тие ја добија најмногу поради кокетирањето на Франција со цел да го одложи или спречи проширувањето, но и поради геостратегиските потреби со војната во Украина. Двојните стандарди произлегуваат од неусогласените политики внатре во ЕУ, мешање баби и жаби во преговорите (условување на буџет со неповрзани теми на други преговарачки нивоа) и немањето долгорочен план за Балканот, за кој е потребно подлабоко разбирање на историјата, динамиките, борбите за самоопределување и сите други културолошки, религиозни и лингвистички комплексности, резултат на долгата и турбулентна историја што ја преживувале народите од нашиот регион. Грчката дипломатија направи чуда и го убеди светот дека нејзиниот сосед нема да влезе во НАТО или во ЕУ без да ги прифати нејзините услови. Бугарските дипломати помислија дека Европа ќе има трпеливост за истото тоа или дека можат да поминат низ истата врата. Од друга страна, Европа го прецени дипломатскиот успех на лошо напишаниот и испреговаран Преспански договор, со кој очекуваше дека ќе му се стави крај на старото ривалство, дека ќе се изградат мостови на пријателство или дека балканските лидери во ЕУ (и на нејзиниот праг) сега станаа европски господа. Тоа можеше да се постигне, ама со сериозен, помогнат и поискрен преговарачки процес. Официјално, ние сме во ќор-сокак, кој може да се надмине и поинаку од простото вметнување во Уставот, но важно е за сите вклучени страни (Бугарија, Македонија и Европската Унија, како и нејзините земји членки) решението да биде систематско, инклузивно и раководено од експерти за дијалог и за оспорените области (уставно право, малцински прашања и недискриминација, но пред сѐ од разбирачи на меѓународните принципи и стандарди што не обврзуваат) и да не се брза и/или тоа да не се сведе на едноставна вежба на штиклирање со ад хок средби по хотели и аеродроми. Ова им беше одговорност и опција на располагање на Унијата и на земјите членки од многу одамна, ама упорно со итроштини, по скратена постапка и оти ќе ни избегал возот, одбираат краткорочни и штетни решенија, кои не решија ништо, туку нѐ втурнаа во овој ќор-сокак. За жал, „кафепиењето во Брисел“ некои го сместуваат во групата „креативни решенија“ или „тактики при одлучувањето“, а не е ни едното ни другото, туку најпросто пикање под тепих. Се чини дека сѐ уште не допира до Брисел дека таканареченото „македонско сценарио“ (што стана симбол на лажни ветувања на ЕУ и неисполнување на ветеното дури и откако послушното учениче колективно голтна горчлив пелин) е закана за губење доверба во целиот европски сон!
Затоа, иако европските политичари не се колебаа кога ги буткаа на мускули прекршувањата на принципите на современа Европа со колонијалистички тактики недолични на либерални демократии, нашите претставници на власта мораа и мораат одново да ги потсетат дека ако не заради нас, мораат да бидат принципиелни заради зачувување на Европа во време кога се водат војни за превласт и доминација на одреден светоглед и малите народи лесно може да потпаднат во апатија и верба во наративот дека сите велесили се исти и работат само за свој интерес и профит. Европа и Западот сега мора да се изборат за морална превласт, ама тоа не се постигнува со лажни ветувања, скратени постапки, проектчиња, тендери и итроштини. Заради европскиот сон, во кој неколку генерации што во ЕУ гледаа единствен зрак светлина – скршени од војните во Југославија, грчкото ембарго и бескрајната транзиција, а сега губат верба, заради тој сон Европа мора да понуди позрел пристап, да ја ревитализира вербата во „заедничкиот европски дом“, а тоа е можно само со принципиелен пристап, сериозна поддршка на структуиран процес на дијалог, воден паралелно со ургентната постапка по која мора да ја внесат Македонија во ЕУ. Пролонгирањето е штетно за Македонија, но е погубно за ЕУ ако нејзиното кокетирање ја стави во ист кош со Русија и Кина, кои не се веќе далечна опција. Политичката мапа се менува. Во време на растење на авторитарни, конзервативни, па и екстремистички лидери низ Европа, македонското сценарио лесно може да стане изговор за мрзливите политички хулигани, кои сакаат да ги срушат постојните системи наместо да ги унапредиме и усовршиме заедно – вели експертката за меѓународни преговори и медијација Ида Мантон.