Договорите со Бугарија и со Грција се само последица на долготрајното системско и систематско еродирање на институциите како такви, не само оние што се раководени од извршната туку и од законодавната и судската власт, по вертикала и по хоризонтала. Сите тие институции, наместо да се грижат за спроведување на законите, се доведоа во ситуација самите внатрешно да се еродираат, како од организациски, кадровски, ментален, патриотски, така и од секаков друг аспект, и сето тоа оди сѐ подолу и подолу, односно државата тоне со децении. Токму поради таквиот деструктивен елемент, Македонија се најде во ситуација странците да ѝ подготвуваат договори што некој буквално ги потпишувал на слепо, без да знае што точно потпишува, какви ќе бидат последиците по државата и граѓаните, но и по националните интереси
Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба со Грција се само последици на системската и институционалната ерозија
Институционалната ерозија во Македонија се чини дека го доживува својот климакс и клучната дилема пред која сега се исправени македонските граѓани е како да се спасат институциите од ова девастирачко медиокритетско цунами, кое се заканува да ја избрише државата онаква каква што беше замислена, концептуирана и донекаде воспоставена пред нешто повеќе од три децении, како држава на македонскиот народ и на другите заедници.
За жал, таа Македонија од пред 30 години веќе никој не ја препознава, а многумина причините за системскиот распад што го доживува сега, динамичниот подем на тоа го лоцираат во Охридскиот договор, а пикот го лоцираат во Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, како и во Преспанската спогодба со Грција.
Споменатите „договори“ несомнено се погубни за Македонија како држава, но и за македонскиот народ, па затоа фрустрациите за загубеното име, достоинство, загрозениот идентитет, јазик и историја, се претвораат во поширока општествена агонија, во која системските аномалии едноставно се занемаруваат и се остава работите да течат по линија на помал отпор, без постоење на критичка маса и без вистинска желба да се спречи институционалниот колапс. Перцепцијата што постои кај дел од граѓаните е дека Македонија тоне сѐ подлабоко токму поради двата погубни договора, иако вистината за системското и институционалното дерогирање е малку поинаква.
Договорите со Бугарија и со Грција се директна последица на системската институционална девастација
Договорот за пријателство и соработка со Бугарија беше потпишан во август 2017 година, додека Преспанската спогодба во јуни една година подоцна. Ако се оди по некоја временска аналогија, тоа значи дека пред потпишувањето на двата договора Македонија веќе имала 27-годишен стаж на независна држава и доволно време институционално да созрее и да ги препознава и системски да ги решава сите предизвици со кои се соочува.
Со други зборови, договорите со Бугарија и со Грција се само последица на долготрајното системско и систематско еродирање на институциите како такви, не само оние што се раководени од извршната туку и од законодавната и судската власт, по вертикала и по хоризонтала. Сите тие институции, наместо да се грижат за спроведување на законите, се доведоа во ситуација самите внатрешно да се еродираат, како од организациски, кадровски, ментален, патриотски, така и од секаков друг аспект и сето тоа оди сѐ подолу и подолу, односно државата тоне со децении. Токму поради таквиот деструктивен елемент, Македонија се најде во ситуација странците да ѝ подготвуваат договори што некој буквално ги потпишувал на слепо, без да знае што точно потпишува, какви ќе бидат последиците по државата и граѓаните, но и по националните интереси. И сето тоа бидејќи не се организирани институциите, кадрите во тие институции се слаби, не располагаат со соодветни интелектуални капацитети, анализаторските способности се целосно занемарени, така што државата дополнително беше забетонирана во целата таа ситуација.
Потпишувањето на договорите со Бугарија и со Грција беше кулминација на некои процеси што се одвивале уште од 1991 година наваму, односно двата договора се последица на системскиот и институционалниот колапс во Македонија, а не причина за она што се случува сега.
Кога нема институционален одговор, други ни ја кројат судбината
За сите клучни прашања и предизвици со кои се соочи државата во изминатите три децении едноставно немаше вистински институционален одговор. Дури институционално не се решаваа ниту најбаналните внатрешните проблеми, па решенијата често се бараат на затворени средби, лице в лице, на лидерите со странските дипломати.
Причините зошто нема институционален одговор сиве овие години треба да се бараат во руинирањето на системот, а со тоа и на институциите.
– Македонија 45 години функционираше како држава во рамките на поранешна СФР Југославија и имаше воспоставено систем по кој функционираа институциите и тоа даваше одлични резултати. По независноста, само го оставивме истиот институционален систем да функционира, се разбира, ослободен од идеолошките матрици на минатото. Тој југословенски институционален систем го задржаа сите поранешни републики, вклучувајќи ја и Словенија, но го прекопираа и многу актуелни членки на ЕУ од источниот блок бидејќи беше добар и функционален. Дури и една Шведска кај себе имплементираше делови од поранешниот југословенски систем, особено во делот на локалната самоуправа и социјалните политики. За жал, ние нешто што беше добро успеавме да го уништиме – велат некои од соговорниците со кои разговаравме во обид да ги утврдиме причините што доведоа до системскиот и систематскиот институционален колапс во државата.
Според нив, причините зошто се најдовме во ваква ситуација, да немаме ниту една функционална институција, се видливи и не е потребна некоја посебна умешност прецизно да се лоцираат.
– Наследивме одличен институционален систем, но го девалвиравме со текот на годините. Тоа се случи затоа што партиите се свртеа кон партизирање на институциите, почнаа да ги полнат со партиски медиокритети, го тргнаа настрана мерит-системот, така што, наместо квалитет, секоја институција почна да се користи како место за вдомување партиски послушници. Сите тие работат исклучиво за партијата, не за државата. Тоа резултираше со нефункционални институции, кои немаа капацитет да ги решаваат проблемите, па затоа решенијата ни ги наметна некој однадвор. Целата оваа партизација и руинирање на системот и на институциите доведоа до договорите со Бугарија и со Грција, а не обратно. Двата договора се само последица – констатираат соговорниците.
Тие уште појаснуваат дека утре и евентуалното гласање за уставни измени, всушност, ќе биде последица на низа постапки од претходно, почнувајќи од тајните преговарања со Бугарија до скандалозното прифаќање на „францускиот предлог“.
– Преговорите и со Бугарија и со Грција требаше да се водат низ институционален систем, во кој ќе беа вклучени сите капацитети за да се дојде до најдоброто решение. Грција ги вклучи сите институции, почнувајќи од дипломатски, културни, образовни, економски, и постигна договор со кој доби максимум, за разлика од Македонија, која е само „втора страна“ во договорот, што мора само да исполнува одредби, за сега да се најдеме во ситуација да ја прашуваме Грција дали може да пролонгираме рокови дома за издавање лични документи. Проблемот е што кај нас индивидуалците се поистоветуваат со институциите и мислат дека сами можат да ги водат работите – објаснуваат соговорниците.
Ако системот и институциите функционираа, Македонија одамна ќе беше членка на ЕУ
Несомнено, да се бара единствената вина за целосниот институционален колапс во државата во договорите со Бугарија и со Грција е само ишкање на мувата од капата на сите оние што со години работеа свесно на системската деградација. Со двата катастрофални договора се доби само политичкоправна аксцелерација на целиот процес, поради што државата сега е доведена во ситуација да се биде или не.
Ако постоеше вистинско владеење на правото, на системот, на институциите, Македонија како држава едноставно немаше да биде доведена во ситуација да потпишува погубни договори и немаше да се најде во подредена ситуација во однос на соседните држави.
– Македонија требаше да го следи примерот на Словенија. Бевме добар тандем на почетокот и така требаше да продолжиме, без разлика на спорот за името. Ако уште оттогаш воспоставевме здрав институционален систем, владеење на правото, мала, професионална и ефикасна администрација, ќе се најдеше решение и за името и можеби во Унијата ќе бевме пред Бугарија, бидејќи бевме многу поподготвени. Очигледно на политичарите, веројатно од лукративни причини, им одговараше некаква лимбо-ситуација во земјава и затоа се раскомотија, си ги запоседнаа институциите како да се партиски испостави, си тераа партиски агенди под државна капа и таквите институции само тонеа. Сега го достигнаа дното и веќе никој ништо не очекува, а уште помалку верува во институционален одговор. Веројатно ова е последната шанса да се спасат институциите и да се воспостави систем што ќе креира решенија, наместо други да ни ги испорачуваат, се разбира секогаш на наша штета – заклучуваат соговорниците.