Европската иднина на Македонија заплеткана во флоскули и неподготвеност на политичарите од ЕУ
Во нејаснотиите што ги остави зад себе германскиот канцелар со дипломатската офанзива низ Србија, Косово, Македонија и Бугарија, особено „мистериозна“ остана неговата наводна порака во Софија за „исполнување на сите бугарски услови за Македонија“. Тоа, секако, предизвика реакција на непријатност во македонската јавност и сомнежи за двојни стандарди и калкулативност на европските политичари, лицемерство, па дури и непознавање на меѓународното право и неподготвеност за процесирање на меѓународноправното битие и постапка во врска со споровите во меѓусебните релации на државите, вклучувајќи, се разбира, и за балканските земји
По седумнаесетгодишниот стаж на Македонија пред портите на Европската Унија, со сите искажани пофалби и неисполнети ветувања од страна на Унијата, и по сите контроверзни одлуки и промени што ги направи земјата… уште една изјава на европски политичар од видот – „ги исполнувате сите услови за почеток на преговори со ЕУ“, во земјава се дочекува како рутинска фраза, празна флоскула, за што научивме дека нема никакво ефективно значење на вистински почеток на македонските евроинтеграции. Сепак, кога неколку часа по искажаната пофалба и поддршка (макар и рутинска) на македонска територија од еден европски политичар од висок формат ќе стигне вест од соседството дека истиот тој официјален европски претставник кај нив кажал дека „Македонија мора да ги исполни сите услови што соседот ги бара“ се активира повторно комплексната симптоматологија на регионалните односи, како и на односите Македонија – ЕУ.
Олаф рекол, Шолц одрекол
Неодамнешната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Балканот се чини дека наместо јасни ЕУ-перспективи за регионот, донесе уште повеќе нејаснотии. Во одредени балкански политички кругови, пораките на Шолц беа прочитани како ултиматуми, но и сигнали дека Германија во моментов има други приоритети и Балканот не е на таа листа. Во нејаснотиите што ги остави зад себе германскиот канцелар со дипломатската офанзива низ Србија, Косово, Македонија и Бугарија, особено „мистериозна“ остана неговата наводна порака во Софија за „исполнување на сите бугарски услови за Македонија“. Тоа, секако, предизвика реакција на непријатност во македонската јавност и сомнежи за двојни стандарди и калкулативност на европските политичари, лицемерство, па дури и непознавање на меѓународното право и неподготвеност за процесирање меѓународноправното битие и постапка во врска со споровите во меѓусебните релации на државите, вклучувајќи, се разбира, и за балканските земји
– Што му рекол германскиот канцелар Шолц на бугарскиот претседател Радев знаеме само од интерпретацијата на Радев. Мислам дека никој јавно не слушна од Шолц дека ги поддржува условите на Бугарија за подигнување на ветото за почеток на македонските преговори во ЕУ. Но, секако, ќе дознаеме наскоро, на самитот на ЕУ, по 23 јуни, кога ќе се знаат и резултатите од парламентарните избори во Франција. Зашто во ЕУ е познато дека за каква било работа во Унијата, прво треба да се согласат Германија и Франција. Се чини дека Бугарија својата сила за ветото за Македонија ја зема по ветото на Франција за воведување покомлицирана методологија за преговори. А изјавите со двосмислени пораки на европските политичари, најчесто се должат на отежнатите услови за избирање зборови за сложени прашања – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.
Официјалните претставници на ЕУ не смеат да дозволат во барањето решение да бидат прекршени стандардите на ЕУ, ОБСЕ, ОН и воопшто на меѓународното право
Во однос на подготвеноста и заинтересираноста на европските политичари за суштината на билатералните спорови, кои ја блокираат и отежнуваат европската иднина на земјите од Западен Балкан, професорката по меѓународни преговори и медијација, Ида Мантон, смета дека официјалните претставници на ЕУ никогаш не смеат да дозволат во барањето решение да бидат прекршени стандардите на ЕУ, ОБСЕ, ОН и воопшто на меѓународното право.
– Суштината на постоењето на ЕУ и другите меѓународни организации е заштита на граѓаните од неодговорните влади на национално ниво. Затоа е изграден тој супранационален систем со принципи и стандарди што се регулирани со меѓународното право за доброто на граѓаните. Во повеќе ситуации европските политичари со некои свои изјави предизвикале недоумици дали воопшто ги знаат стандардите на Унијата. Ако ги знаат и почитуваат стандардите на ЕУ, не смеат да дозволат барањата на Бугарија да бидат услов за повлекување на ветото, доколку се спротивни на европските стандарди и принципи. Самото барање за менување устав во друга држава е прекршување на принципите градени врз основата на Хелсиншкиот документ, во чиј декалог сме се обврзале на немешање во внатрешните работи на други држави… А да не зборуваме понатаму за непочитување на правата на малцинствата и обид за извртување на вистината за таа состојба… Германија, имајќи пракса со справување со своето фашистичко минато од која сите ние учиме, би можела да помогне со споделување добри практики и експертски тимови за да се надминат обидите за ревизија на историјата и да му помогне на регионов во успешно менаџирање на различностите, што ќе бара долгорочни програми за градење доверба и отворен дијалог. Но европските политичари се чини дека не сакаат да навлегуваат во суштината на споровите и таквата неподготвеност или незаинтересираност за проблемите им остава привид дека лесно можат да ги решат со тоа што една страна ќе ја „убедат“ да голта „горки апчиња“ – вели професорката Ида Мантон.
Според Мантон, во ситуацијата во која се западнати македонско-бугарските односи и македонските евроинтеграции, најразумната опција е француското претседателство да остане доследно на францускиот модел на проширување, но да отвори можност за дијалог меѓу Бугарија и Македонија надвор од пристапните преговори, каде што би се дискутирале барањата на Бугарија, а во кој и ЕУ ќе има своја експертско-медијаторска улога. Чешка, како нареден претседавач со Советот на ЕУ, би имала можност да осигури принципиелни преговори со што ќе се надминат забелешките што таа и Словачка веќе ги споделија со Советот на ЕУ. Со ваков посистематски приод, МК ќе може да отпочне преговори за членство, а ЕУ ќе покаже дека има волја и вештини за менаџирање и надминување на долговековните европски проблеми, бидејќи досегашната неодлучност не е опција во време кога идентитетски наративи станаа подлога за војна во Украина.
На штета на европските стандарди, во полза на „балансирање на интересите“
За однесувањето на лидерите на ЕУ, што понекогаш наликува на спротивност од европските стандарди кога се практикува на теренот на Западен Балкан, директорката на Институтот за европски политики – Скопје, Симонида Кацарска, оценува дека тоа се должи на обидите за балансирање на интересите.
– Дејствувањето на лидерите на ЕУ секогаш подразбира балансирање на односите со другите земји, како и националните интереси и интересите на Унијата. Нашиот регион честопати во поголемите теми е од второстепено значење и поради тоа честопати е запоставен. Очигледно е дека во големата слика не постои вистинска политичка волја да им се испорача на земјите во регионот она за што ги исполниле сите критериуми. Притоа да не заборавиме дека покрај почетокот на преговори со нас и Албанија со години чека, за што исто комисијата препорача со одлука на Советот на ЕУ – вели Симонида Кацарска.