Фото: ЕПА

Критички осврт на американскиот сенатор Берни Сандерс за интервенцијата на САД во Венецуела

Нападот на Соединетите Американски Држави врз Венецуела во текот на изминатиот викенд предизвика остри осуди низ целиот свет, а денес критиките беа насочени кон Советот за безбедност на Обединетите нации, каде што дури и клучните американски сојузници предупредија дека киднапирањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро претставува опасен преседан во меѓународното право. Американскиот сенатор и поранешен претседателски кандидат, Берни Сандерс, на социјалните мрежи објави шест причини зошто смета дека воената операција на САД била длабоко погрешна. Демократот од сојузната држава Вермонт, притоа образложи зошто постапките на американскиот претседател биле погрешни.
1. Акцијата е нелегална и неуставна. Конгресот на САД не ја одобрил, па дури не ни знаел за оваа воена акција.
2. Оваа акција ќе го направи светот помалку безбеден. Зошто?
Затоа што ако меѓународното право се игнорира, секоја нација или терористичка организација може да оправда насилен напад со наведување на постапките на Трамп во Венецуела.
3. Зошто ова е очигледен империјализам? Имено, моќните нации немаат законско или морално право да ги напаѓаат помалите земји за да ги присвојат нивните природни ресурси. Венецуелската нафта му припаѓа на народот на Венецуела, а не на американските корпорации.
4. Во време кога целиот свет се оддалечува од фосилните горива кон поевтина, незагадувачка, одржлива енергија, заштитата на интересите на „големите нафтени компании“ е лоша за климата и лоша за економијата.
5. Николас Мадуро е корумпиран и антидемократски лидер. Истото важи и за Мохамед бин Салман од Саудиска Арабија и за многу други лидери низ целиот свет.
– Но само затоа што не ни се допаѓа лидерот на една земја, не значи дека имаме право да ја собориме нејзината влада – вели Сандерс.
6. Трамп се кандидираше како „кандидат за мир“, кој веруваше во политиката „Америка на прво место“, а не како некој што би „водел“ друга земја.
– Во време кога 60 проценти од Американците живеат од плата до плата, можеби треба да се обидете подобро да ја водите оваа земја (мислејќи на САД – н.з.), а не да ја преземете Венецуела – заклучи Сандерс. Р.С.