Новата студија, која го следела развојот на повеќе од 600 доенчиња, покажала дека повисоките нивоа на бисфенол А (БПА) во урината на бремената мајка повеќе од тројно ги зголемуваат изгледите детето да развие симптоми на аутизам до двегодишна возраст
„Нејчр комуникејшнс“ објави делови од нова научна студија за аутизмот
Вообичаен пластичен додаток што се наоѓа во предмети што се користат секојдневно, од цуцли до метални конзерви за храна, па дури и хартиени крпи, е поврзан со „зголемен ризик од аутизам кај момчињата“, укажува нова студија чии заклучоци ги пренесуваат светските медиуми.
Новата студија, која го следела развојот на повеќе од 600 доенчиња, покажала дека повисоките нивоа на бисфенол А (БПА) во урината на бремената мајка „повеќе од тројно ги зголемуваат изгледите момчето да развие симптоми на аутизам до двегодишна возраст“. Истите тие момчиња имале шест пати поголема веројатност да бидат дијагностицирани со аутизам до 11-годишна возраст, во споредба со оние чии мајки имале пониски нивоа на БПА за време на бременоста.
БПА е хемикалија наменета за стврднување на пластиката и за спречување ’рѓосување на металите, а исто така е поврзана со зголемен ризик од дебелина, астма, дијабетес и срцеви заболувања. Таа е наречена и хемикалија што го менува полот поради нејзината улога во поттикнувањето хормонални и сексуални нарушувања кај луѓето, рибите и другите видови.
Но гореспоменатата нова студија тврди дека пронашла докази оти специфичните хемиски реакции придонесуваат за случаи на аутизам.
– Нашата работа е важна затоа што покажува еден од потенцијалните биолошки механизми. БПА може да го наруши развојот на мозокот на машкиот фетус на неколку начини. Меѓу другото, влијае на клучниот ензим, ароматазата, кој ги контролира неврохормоните, што е особено важно за развојот на мозокот на машкиот фетус – вели епидемиологот д-р Ен-Луиз Понсонби за студијата на нејзиниот тим.
Новата студија тврди дека ароматазата помага некои машки полови хормони во мозокот, познати како нервни андрогени, да се претворат во нервни естрогени. Ова се соединенија што им помагаат на луѓето, без разлика на полот, да го регулираат воспалението во мозокот, да ја одржуваат флексибилноста на синапсите, кои им помагаат на невроните да комуницираат во целиот нервен систем, а исто така помагаат и во управувањето со холестеролот. Мозокот е најбогатиот орган со холестерол во човечкото тело и користи приближно 20 отсто од резервите на масни молекули за да ги извршува своите витални функции.
– Откривме дека БПА го потиснува ензимот ароматаза и е поврзан со анатомски и невролошки промени во однесувањето. Се чини дека ова е дел од сложувалката за аутизам – посочува д-р Вах Чин Бун, еден од авторите на студијата што е објавена во списанието „Нејчр комуникејшнс“. Н.М.