Сеќавање за проф. д-р Александар Стојчев (5.4. 1975 – 18.4. 2021)

Пред една година, тивко и без заслужените почести, поради пандемијата, се разделивме од нашиот колега, пријател и другар Александар. За еден професор, многу е тешко да зборува за студент што заминал пред него, т.е. предвреме. Имено, редот на нештата е поранешен студент да зборува во чест на некој свој професор, ама судбината понекогаш сака да биде поинаку, како што е, за жал, во овој случај.
Ние професорите ги паметиме нашите студенти, ама не можеме сите, особено не кога имаме голем број. Затоа професорите најмногу се сеќаваат на две групи студенти. Едната се оние работливите и жедни за знаење коишто истакнувајќи се на часовите, ви бодат очи, a другата се мрзливите и молчеливи студенти коишто зборуваат само на испит – зашто тогаш мораат.
Нашиов Александар, секако, спаѓаше во првата група студенти. Во моето видно поле Александар влезе веднаш, т.е. на почетокот од првата година на студирањето, на еден од семинарските часови, и токму поради Александар убаво се сеќавам на изворот и темата за тој час. Во далечната 1995/6 год. уште немаше превод на македонски јазик на ниту еден извор за античка историја. Користевме преводи на српскохрватски, но со осамостојувањето на Р Maкедонија, знаењето на српскиот јазик се губеше. Студентите, не само што тешко читаа, поточно пелтечеа, туку често пати, поради неправилното нагласување на зборовите, читањето беше мачно за слушање и речиси неразбирливо. На моето прашање кој сака да чита, рака крена едно момче од првиот ред. Кога почна да чита, јас го слушав вчудовидено, бидејќи Александар не читаше, туку буквално го пееше посочениот дел од Историјата на Херодот. Со оглед на неговото македонско презиме, моето прашање по читањето беше неизбежно: Како и каде толку убаво го научивте српскиот јазик? Александар тогаш кажа дека основно и средно училиште завршил во Белград, каде што неговиот татко, Ванче Стојчев, службувал во JНA. По распаѓањето на СФРЈ и доселувањето во 1995 год. во Mакедонија, многу брзо дознавме дека татко му како воено лице се занимавал со воена историја и дека како вљубеник во историјата самоиницијативно донел копии на голем број документи од воениот архив во Белград, нешто што одамна требаше да го направат нашите институции, но, како и многу други важни работи, прибирањето документи го запоставија, дури и од таму од каде што можеа лесно да ги добијат. А излишно е да се каже дека историските документи се непобитни докази за нашето опстојување, а уште повеќе за нашиот, постојано, и до ден-денес сѐ уште оспоруван идентитет.
Нашиот Александар, иако не стана воено лице, сепак, зачекори по воените патеки на неговиот татко, но не во физичка, туку во интелектуална смисла. Секако дека татко му, макар и непосредно, има удел и вина за таквата негова определба. Очигледно, „средбата“ со документите и нивното читање го натерале Александар да се откаже од студиите по економија (пред доселувањето во Македонија бил запишан на Економскиот факултет во Белград) и да се запише на нашиот Филозофски факултет – насока историја, и својот интерес да го насочи кон воената историја на македонскиот народ во времето на Балканските војни, водени главно на македонска територија, како и на Првата светска војна. Поделбата на Македонија и Македонците уште еднаш беше аминувана од големите сили по т.н. Голема војна. Александар, во неговите стручни и научни трудови, но и во секоја можна прилика ги разјаснуваше овие трагични настани, особено учеството на македонскиот народ во овие војни, што беше запоставено од нашите историчари. Имено бугарските, српските и грчките историчари до неодамна го премолчуваа учествoтo нa Македонците во Балканските војни, нарекувајќи ги според името на војските во кои биле мобилизирани, а со цел да се оправда поделбата на Македонија. И токму на оваа историска тема од научното поле нашите патишта повторно се вкрстија, иако никогаш не беа целосно разделени, зашто со Александар постојано се среќававме на разно-разни предавања и изложби.

Овој пат тoa беше отворањето на една изложба како дел од програмата за одбележување на стогодишнината од Првата светска војна, програма осмислена од француската влада, а спроведувана од француските културни институции во земјите-учеснички во Големата војна. Во Скопје, малата изложба беше поставена во галеријата „Остен“, на француски јазик насловена „Изложба за Источниот фронт“, а на македонски „Изложба на тема Фронтот во Република Македонија“, како да станува збор за две различни изложби! Згора на тоа, несоодветниот македонски наслов беше напишан на латиница! Со оглед на тоа дека во француската амбасада и францускиот институт во Скопје има врвни преведувачи – зналци и на двата јазика, јасно беше дека не станува збор за грешка во преводот. И картата со оригинален наслов: Македонскиот фронт на 16 декември 1916, на македонски беше несоодветно преведена како Штабна карта – Фронтот на 16 декември! Само по себе се поставува прашањето како е можно еден јужен фронт, во изворните документи означен како македонски, солунски или Јужен фронт (за да се прави разлика од фронтот на Исток – азискиот и африкански дел), да се нарекува, односно да сe преименува во Источен фронт, кога се знае дека Источниот фронт го сочинувале балтичките земји, Русија, Романија и Бугарија? Притоа терминот „фронт во Република Македонија“ во македонскиот наслов на изложбата е анахронизам зашто во тоа време уште немало македонска држава! Во ист стил се и анахронизмите на денешниве македонски политичари коишто настаните од минатите векови ѝ ги припишуваат на државата прекрстена со наметнато име Северна Македонија.
Втората манипулација на изложбата беше во врска со топонимијата. Имено, на паноата, како и во каталогот подготвен за таа прилика, сите топоними беа напишани во турска или грчка верзија, без автентичните имиња што во тоа време биле во употреба кај домашното население, а во Р Македонија, до ден-денес се официјални имиња. Ова може да се разбере за периодот на Балканските војни кога официјален јазик на државата бил турскиот, но не и во Првата светска војна, кога во Р Македонија, тогаш Вардарска бановина, се користеле србизирани облици на топонимите. И за помалку упатените не беше јасно за кој фронт и за која земја станува збор. На војничките картички и писма испраќани во текот на Првата светска војна од фронтовите или од воените логори, не само што топонимите се словенски (Скопје), а не турски (Ушкуп) итн., туку се адресирани до Македонија, tout courte – како што милуваат да кажат „браќава“ Французи – Македонија, кратко и јасно! Имено, сите се сеќаваме на збирката што во 2006 год. ja откупи институтот Отворено општество на Македонија. По прочистувањето на воениот архив на генералштабот на бугарската војска во Софија, овие документи биле зачувани од вработен по потекло од Штип, исто како и семејството на нашиов Александар. Прст или игра на судбината – кој би можел да знае.

Но најголемото искривување и манипулација со документите бeше тоа што македонското име, свесно и систематски беше избегнато. Имено, ниту на паноата, а ниту во брошурата не беа споменати македонските војници, иако повеќе од јасно е дека во голем број биле регрутирани во војските на завојуваните балкански држави коишто војниците ги нарекувале според нивните национални агенди. Учеството на Македонците во сите овие војни се гледа не само од војничките дописи туку и од дивизиите со македонско име, како што била 11. македонска – во склоп на бугарската војска. А, пак, на едно од паноата дури пишуваше дека: други жители доброволно се вклучувалe во судирот, како што биле комитите членови на ВМРО и албанските платеници. Имено, платениците беа означени со нивната националност, но комитите – членови на ВМРО, организација создадена за ослободување на Македонija – немаа име! Организаторите и авторите на изложбата најмалку што можеле да направат, и тоа на елегантен и дипломатски начин, било барем да кажат дека имало војници од Македонија, или, пак, само домородни војници – аборигини. Тоа е најмалку што се очекува од држава – лулка на дипломатија – како што е Франција.
На моите прашања и упорното настојување да дознаам кој е автор на изложбата и на брошуратa, не успеав да добијам одговор ниту од вработените, ниту од директорката на францускиот институт, која дрско и речиси простачки ми возвраќаше, за на крајот да каже дека забелешките можам да ги напишам во тетратката за впечатоци. По ваквиот разговор поточно расправија, заедно со Александар демонстративно излеговме од галеријата токму во мигот кога госпоѓата амбасадорка на Р Франција, свечено отворајќи ја изложбата, благоглаголеше за непостојниот Источен фронт во Mакедонија. На кафе-муабетот во блиското кафуле, Aлександар раскажа дека на ваквото прекрстување на фронтот укажал на едно предавање претходно одржано во францускиот институт во Скопје од некојси француски полковник. Но иако забелешката била прифатена, од избегнувањето на македонското име и преименувањето на македонскиот фронт во Источен фронт, јасна е лицемерноста односно дека прифаќање било само навидум, а последователната преписка со француската амбасадорка за ваквиот однос беше остра.

При пишувањето труд за методологијата, односно за злоупотребата на историските документи, несебичната помош од Александар, за литературата за оваа тема и овој период, што се многу далеку од античкиот период и од мојата потесна специјалност, ми беше драгоцена. На тој начин СТУДЕНТОТ АЛЕКСАНДАР, СО СВОЕТО ЗНАЕЊЕ, МУ ВОЗВРАТИ НА СВОЈОТ ПРОФЕСОР ЗА ЗНАЕЊЕТО ШТО ГО ДОБИЛ ОД НЕГО.
Со истрајноста и храброста со која Александар ги распретуваше закопаните докази за најболниот дел од историјата на македонскиот народ, тој самиот си издигна незаборавен и неизбришлив споменик. Кажано со зборовите на римскиот поет Хоратиј: Exegi monumentum aere perennius, Александар си издигна споменик потраен и од споменик во бронза.
Вечна му слава!

Наде Проева