Годинава во областа на информирањето има два значајни јубилеи – 77 години од 29 октомври 1944 година, кога е објавен првиот број на најстариот македонски дневник „Нова Македонија“, и исто толку години од 28 декември 1944 година, кога првпат од Радио Скопје во ослободената татковина прозвучи во етерот милозвучниот македонски јазик и се прошири насекаде. На тој историски ден првиот директор, новинар и писател Владо Малевски, со малобројна екипа ентузијасти, новинари и техничари, вршеше директен пренос од Второто заседание на АСНОМ. Така, во мугрите на слободата на македонскиот народ, во разурнато од фашистичките окупатори Скопје, точно месец и пол од неговото ослободување, започна во воздушниот простор да се шират новата вредност и ведрина во безграничниот простор: „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје, драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија…“ Оттогаш македонското Радио Скопје успешно се развива, станувајќи јавен сервис на македонски и на други јазици. Интересни се и историјата на создавањето и развојот на македонската телевизија. Официјално е забележано дека на 1 септември 1960 година во зградата на тогашното Радио Скопје, на Марксова 17, се одржа првата професионална средба на штотуку формираната Редакција на телевизија. Истиот ден беа снимени два ТВ-прилога, кои беа емитувани во ТВ Белград, како дел од мрежата на Југословенската радио-телевизија, во која беа и ТВ Загреб и ТВ Љубљана. Со тоа, според сите важечки критериуми, се роди и Македонската телевизија, далеку пред Грција, Бугарија, Албанија, Турција, Црна Гора и други. На 31 март 1961 година, во заедничкиот ТВ-дневник на ЈРТ во Белград директно беше емитуван првиот телевизиски прилог на македонски јазик. Како автор за ова, се сеќавам со чувство на посебна среќа и гордост, бидејќи оттогаш МРТ почна да дејствува и со новиот медиум со збор и слика. Го коментирав општествениот живот на младите во Македонија, со најава на претстојната сојузна младинска работна акција за изградба на автопатот Куманово – Миладиновци. Потоа, на 13 мај 1961 година, Телевизија Скопје преку ТВ Белград ја прикажа во живо емисијата „Балетски концерт“, со најава: „Овде ТВ Скопје“, првенците на скопскиот балет Елпида Паковска и Јован Пашти, со придружба на пијано на Љубомир Бранџолица.
Уредник беше Евгенија Кацаволу, а режисер Ацо Алексов. На 11 октомври 1961 година, во чест на јубилејната прослава на 20-годишнината од Денот на востанието на македонскиот народ, од заедничкото студио во ТВ Белград беше емитувана целовечерна ТВ-програма посветена на Македонија. Покрај разговор со претседателот на Собранието, беше прикажан документарец „Прилеп град херој“, како и македонски игран филм „Волча ноќ“. Како резултат на ваквите успеси, на 1 јуни 1962 година Извршниот совет на СР Македонија донесе легитимна одлука за промена на името на Радио Скопје во Радио-телевизија Скопје.
На 26 јули 1963 година, по скопскиот земјотрес, ситуацијата налагаше да работиме неколку месеци во шаторски услови кај радиопредавателот во Маџари, при што уште еднаш дојде до полн израз ентузијазмот, со голема исконска љубов преку радиото и телевизиите што подобро и поуспешно да се пренесе вербата во солидарноста за подобра иднина. Како ден на МТВ се одбележува 14 декември 1964 година, кога од импровизираното студио во Долно Нерези беше емитуван и првиот ТВ-весник на Телевизија Скопје, кој го уреди Димче Божиновски, а спикери беа Бранка Станковска и Александар Ацев, камерман Љубомир Вагленаров, а реализатор Ацо Алексов. Историски е значајно дека во 1986 година МРТ се преселува од Долно Нерези во нов радиотелевизиски дом во центарот на Скопје. Ноќта помеѓу 26 и 27 декември е извршено емитување на програмата од стариот во новиот објект без прекин, што беше вистински подвиг, единствен на Балканот и пошироко.
Програмски и технички, МРТ станува меѓу најсилните информативни куќи на овие простори. Фактички, весникот „Нова Македонија“, заедно со Македонската радио-телевизија, не само што се медиумска историја туку се и создавачи и расадници на голем број квалитетни кадри, кои во плурализмот придонесоа за создавање нови печатени и електронски медиуми. Поради тоа, не случајно сметам дека тие се своевидна наша академија на информирањето. Но со посебен ентузијазам во информирањето треба се шират моралните и етничките вредности во пласман на вистината како голем приоритет пред лажните вести. Според моите позитивни чувства, сметам дека таквите морални норми на вредности треба да им користат на сегашните и идните генерации во нашата земја во сите области на дејствување. Впрочем, ширењето на лажните вести значително го руши рејтингот на новинарската професија и етика. Притоа, посебна грижа треба да се води за нашата автентична историја, за посебноста на македонскиот јазик и националниот идентитет и култура. За овие прашања не треба да се создаваат поделби и раздор меѓу луѓето.
(Авторот е доајен во македонското новинарство и еден од
основоположниците на МТВ)
На колегите од Македонската радио-телевизија им го честитаме јубилејот и им посакуваме уште многу понатамошни успеси
Од редакцијата на „Нова Македонија“