Квазиаргументите „за“ Преспанскиот договор се главно во опсегот дека „меѓународната заедница го очекува тоа и строго опоменува за тоа“, дека непочитувањето на спогодбата „ќе ги разлути соседите и повторно ќе ни стават вето за евроинтеграциите“ (кое воопшто и не е отстрането и по уставното спроведување на Преспанскиот договор), дека „Македонија ќе биде исфрлена од НАТО“ (иако истите луѓе нѐ уверуваа дека кога еднаш ќе се влезе во Алијансата, нема опција да се биде исклучен). Приврзаниците на (ништовниот) Преспански договор дури потсетуваат и на некакви предвидени „процедури“, во кои тврдат дека како обврска „новата претседателка на државата треба да собере двотретинско мнозинство во Собранието и да го раскине договорот, но да не си ’поигрува’ со негово игнорирање“(?!). Кој тоа сее магла за Преспанскиот договор?

Актуализирањето на темата за Преспанскиот договор по инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова (кој, и покрај новите вета и уцени на евроинтегративниот пат на Македонија, тлее како незатворена рана за Македонците) ги активира и поддржувачите на овој билатерален договор со „аргументи“ за потребата од придржување до обврските наведени во него, исклучиво за македонската страна.

Квазиаргументи во комбинација со „аргументи на силата“

Квазиаргументите „за“ Преспанскиот договор се главно во опсегот дека „меѓународната заедница го очекува тоа и строго опоменува за тоа“, дека непочитувањето на спогодбата „ќе ги разлути соседите и повторно ќе ни стават вето за евроинтеграциите“ (кое воопшто и не е отстрането и по уставното спроведување на Преспанскиот договор), дека „Македонија ќе биде исфрлена од НАТО“ (иако истите луѓе нѐ уверуваа дека кога еднаш ќе се влезе во Алијансата, нема опција да се биде исклучен). Приврзаниците на (ништовниот) Преспански договор дури потсетуваат и на некакви предвидени „процедури“ во кои тврдат дека како обврска „новата претседателка на државата треба да собере двотретинско мнозинство во Собранието и да го раскине договорот, но да не си ’поигрува’ со негово игнорирање“(?!). Овие ставови се праќаат сѐ позасилено во јавноста преку социјалните мрежи, во одредени електронски и печатени медиуми, а и преку авторски колумни, во обид да се искомплицира и замагли едноставниот приод за иницирање на решавањето на наметнатите уцени и ултиматуми.

Природата на т.н. конечна спогодба за решавање на разликите меѓу Грција и Македонија

Преспанскиот договор од самиот почеток, како идеја за решавање еден апсурден спор што ги оспорува универзалните човекови права за (национално) самоопределување, како и принципот јус когенс на перемпторното (обичајно) право, кој едноставно не е подложен на дерогирање со никакви меѓународни договори, ниту со „доброволно откажување“ од нив под меѓународен притисок, е преседан (срам) на меѓународното право, кој никогаш не требало да се случи ниту со изговорот за „големата слика на реалполитиката и геополитиката“. Со оглед на прекршувањето на принципите на јус когенс во целата асиметрична содржина на Преспанскиот договор, каде што обврските се наметнати исклучиво на македонска страна, тој е ништовен уште од самиот почеток, од потпишувањето!
Натаму, според природата и процедурата за негово усвојување и вградување во македонскиот устав, е нелегитимен, поради непочитување на резултатите од референдумот во Македонија за прифаќање на Преспанскиот договор, а особено по контроверзниот начин на неговото усвојување во Собранието, надвор од законитоста и владеењето на правото. И покрај апсурдното спроведување на одредбите од договорот од македонска страна (од менувањето на името на државата, преку менувањето на името на институциите, до брусењето на шахтите), тој се покажа и како тотално неефикасен за нашите евроинтеграции. Наместо да биде трајно решение за надминување на практиката на вето за Македонија во ЕУ, Преспанскиот договор се покажа како генератор и инспиратор за нови уцени и апсурдни барања од земјава во процесот на евроинтеграциите.

Грчки политичкоправни итроштини

Најновите реакции и изјави на грчките политичари ја потврдуваат таквата дерогативност на меѓународното право содржана во самото постоење на Преспанскиот договор. Откако еден пратеник го кинеше Преспанскиот договор во грчкиот парламент за да манифестира дека тој не е никаква обврска за Грција, грчкиот премиер Мицотакис и официјално потврди дека грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми поврзани со овој билатерален договор, за неговата земја да не се обврзе на ниво спроведување. Но, сепак, Мицотакис и понатаму очекува Македонија да го спроведува договорот, зашто го ратификувала во својот парламент. Ваквите политички „итроштини“ од грчка страна целосно го делегитимираат Преспанскиот договор, потврдувајќи ги неговата ништовност и промашената политика на Македонија во овој нелегитимен проект, со надеж за забрзување на своите евроинтеграции. Сите постапки и активности од (не)спроведувањето на ништовниот Преспански договор, се доволен аргумент и даваат основа за негово раскинување и нема никаква потреба од шпекулативни замајувања на јавноста дека „треба да се активира Собранието во некакви заплети со барање и пребројување на некакво мнозинство за да се случи тоа “. Заплашувањата со блокирање и изолирање на Македонија од евроинтегративните процеси и меѓународните односи веќе неколкупати ги имаме „преживеано“!


Грција знае(ше) дека Преспанскиот договор е ништовен

Грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми од договорот од Преспа сè додека не постои целосно усогласување со одредбите – е најновата „конечна изјава“ на грчкиот премиер Мицотакис, притоа предупредувајќи ја новата влада во Скопје дека секое отстапување од спроведувањето на договорот ќе има сериозни последици за билатералните односи, но и за патот на Македонија кон Европа.
Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, економската соработка меѓу Грција и Македонија и надзорот над воздушниот простор.
Мицотакис вели дека укажал на проблемите од договорот од Преспа, кој ги утврдува термините македонски и македонски јазик.
– Предупредив во 2019 година дека ратификацијата на договорот, со кој не се согласувавме, нѐ обврзува да го спроведеме – рече Мицотакис.
Тој го обвини Стефанос Каселакис за „усвојување на најлошите навики на неговиот претходник“ во ова прашање.
– Ознаката „македонски“, за жал, е запишана во Договорот од Преспа и тоа беше нашето големо несогласување: Агресивната ознака „македонска етничка припадност“ и „македонски јазик“ – ги наведува Мицотакис своите „проблеми“ со Преспанскиот договор.
Но меѓу редовите на аргументацијата за нератификување на меморандумите со кои би се потврдило прифаќањето од Грција на Преспанскиот договор се наѕира и свесноста на грчката страна дека овој договор е ништовен, а оттука и неприменлив, нефункционален и апсурден. Затоа и одбегнува да се обврзе на негово спроведување со ратификација на какви било акти поврзани со него, притоа да ја „заглави“ Македонија во обврски, зашто самата го ратификувала ништовниот договор. Експертите со кои се консултиравме велат дека очекуваат многу скоро и Владата на Грција да упати нота во која ќе ги извести Обединетите нации дека Преспанскиот договор за нив е неважечки.