Се покажа дека ниту започнувањето на скрининг-процесот не ја донесе потребната реформска енергија, туку напротив, политичката криза продолжи дополнително да се продлабочува, вистинско владеење на правото речиси и нема, партизацијата е присутна на секој чекор, а еуфоричните најави за борба со корупцијата спласнаа како меур од сапуница во моментот кога од земјава си замина американскиот тим што требаше да го даде толку потребниот импулс за истражување и начин на ефикасно спречување на оваа негативна општествена појава
Каде да го пронајде македонското општество потребниот стимул за да тргне напред
Станува сѐ поочигледно дека клучните реформски процеси во Македонија нема никогаш да се случат доколку земјава педантно не добие конкретна, прецизна и јасна европска перспектива и опиплива временска рамка кога реално може да очекува зачленување во Европската Унија. Ваквиот впечаток на граѓаните во целост се совпаѓа со уверувањето на аналитичарите, чиј став е дека реализирањето на ветувањата на ЕУ е единствениот стимул за да се случи нешто суштински околу почнувањето на реформскиот процес.
Се покажа дека ниту започнувањето на скрининг-процесот не ја донесе потребната реформска енергија, туку напротив, политичката криза продолжи дополнително да се продлабочува, вистинско владеење на правото речиси и нема, партизацијата е присутна на секој чекор, а еуфоричните најави за борба со корупцијата спласнаа како меур од сапуница во моментот кога од земјава си замина американски тим што требаше да го даде толку потребниот импулс за истражување и начини за ефикасно спречување на оваа негативна општествена појава. Во една ваква констелација, залудни се повиците на европските дипломати Македонија да се посвети на реформите, кои во принцип секогаш се болни и бараат многу жртви и откажувања, нешто што во овој момент ниту една политичка гарнитура во државата не е подготвена да го направи и да си го наруши комодитетот на владеењето.
– Европската Унија и нејзината заложба кон процесот на проширување особено со оваа земја не е милост, туку тоа е заемен интерес и јасно е дека за нашата безбедност, просперитет и демократски интерес е вие да бидете дел од Европската Унија. Отворањето на преговорите, отворањето на скрининг-процесот почна, така што сега фокусот треба да се премести на спроведувањето на реформите што се потребни – изјави евроамбасадорот Дејвид Гир во своето обраќање на економскиот форум што неодамна се одржа во Скопје.
Пораката е јасна, интерес на ЕУ е Македонија да биде дел од европското семејство, но интерес и на земјава е да знае дали членството е реална опција за 10, 15, 20 или можеби 30 години, за да им каже на сопствените граѓани дека постои временски одредена цел до која мора како општество да си ја завршиме домашната работа. Брисел токму тоа го направи во 1998 година, кога стави временска рамка за зачленување на тогашните земји-кандидати до 2004 година и тоа се покажа како успешен модел, бидејќи тогаш се случи и најголемото проширување. Во сите овие земји реформите беа во некаков помал или поголем застој, но реалниот датум за членство ги мотивира тамошните општества да ги впрегнат сите сили и да ги направат потребните реформи во предвидениот рок.
За жал, по последното проширување со Хрватска во 2013 година, Брисел заборави на секакви рокови и наметна поинаков наратив во врска со проширувањето, во кој изостана каква било временска рамка и членството во Унијата стана далечна и маглива цел.
Несомнено ваквата недефинирана состојба не остава никаков простор за какви било реформи, а уште помалку некој ќе ги убеди граѓаните дека реформите се потребни заради нас самите, по сите жртви што досега ги поднесоа во името на некаква европска иднина, а за возврат добија само уцени и омаловажувања од истата таа Европа. Тука треба да се бараат причините за растот на евроскептицизмот од година на година.
– Не треба да постои какво било сомневање дека во нашето општество има желба, волја и капацитет за реформи, но проблемот е што постојаното одложување на европската интеграција влијае на угледот на ЕУ во земјата. Тоа е сериозен проблем, бидејќи онаа моќ што ја имаше ЕУ кај нас, таканаречена мека моќ, па и интегративна, па и можност во име на европските интеграции да се влијае на голем дел на процесите во земјава, сега е истрошена во целост, и тоа неповратно – вели Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор.
Според него, со самото тоа што ЕУ не зборува за датуми кога би можело да се случи членството на земјава во Унијата, всушност кажува дека нема ништо од проширувањето.
– Секое проширување се одвиваше во рамките на еден мандат на влада што влегуваше во ЕУ и еден мандат на ЕК, значи сите процеси траеја четири-пет години. Ова нашево веќе е смешно. Амстердамскиот договор беше донесен во 1997 година, преговорите беа затворени во 2002 година, а земјите при најголемото проширување се зачленија во 2004 година. Значи исти влади го затворија целиот процес. Истото тоа беше и со Хрватска, кога одлуката беше донесена по самитот на НАТО во Букурешт. Во прашање беа три-четири години. И Шпанија и Португалија кога преговараа, преговорите ги завршија една влада и една комисија. Така оди тоа, не може да оди поинаку. Самиот факт што во нашиот случај се зборува за 2030 година, кажува дека нема договор, дека нема решенија, бидејќи отсега до 2030 година има минимум две комисии и минимум две влади во секоја земја што тешко дека ќе ги продолжат процесите што ги започна претходната влада или комисија – категоричен е Боцевски.
Затоа и смета дека ЕУ со односот кон Македонија всушност самата ја изгубила моќта да наметне некаков реформски процес, бидејќи не го исполнила претходно ветеното.
– Не постои реформа поврзана со европското законодавство што во Македонија не може да се прифати, имплементира итн. Ние не сме против тоа. Проблемот е во тоа што ЕУ ја изгуби меката моќ во Македонија со сите овие одложувања и со двојните стандарди што кулминираа со последното барање за промена на Уставот. Тоа е демотивирачки момент за граѓаните, така што прашање е како истата таа ЕУ сега ќе говори за реформи. Лично, не се сомневам утре да има референдум, дека европската интеграција ќе помине кај нас. Нашите луѓе се мудри и рационални, но мора и другата страна да испорача, а не да настапува со уцени и потоа да очекува мотивација во општеството за реформи – заклучува Боцевски.