Едно одговорно општество не смее да си допушти Уставниот суд, највисоката институција за заштита на законитоста и уставноста, како и за заштитата на слободите и правата на граѓаните, да не може нормално да функционира
НАЈВИСОКИОТ СУД ВО ДРЖАВАТА СО ПРЕПОЛОВЕН СОСТАВ
Уставниот суд годинава ја започна со речиси преполовен состав. На тројца од вкупно девет судии им заврши мандатот, а од месецов судот што би требало да биде заштитник на владеењето на правото, ќе остане само со петмина судии.
За да може нормално да функционира судот е потребно двотретинско мнозинство, односно вкупно шест судии, затоа што судот носи одлуки со најмалку пет гласа „за“.Тоа значи дека со помал број судии за одредени прашања може да има проблем во носењето одлуки. Причина за ваквите состојби со кадровската недоекипираност на Уставниот суд е и во тоа што Собранието доцни во изборот на нови уставни судии.
Пратениците повеќе од половина година воопшто не дебатираа за тоа кој ќе треба да седне на испразнетите столчиња во Уставниот суд.
Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, неодамна апелира да се комплетира судот, бидејќи не можат да одлучуваат за предмети и закони за кои е потребно двотретинско мнозинство.
Поради недостиг од двотретинско мнозинство, лани повеќе од половина година Уставниот суд не одлучуваше по указите што беа пристигнати во судот, како на пример оние поврзани со предметите за оспорените укази за Законот за употреба на јазиците и Законот спречување и заштита од дискриминацијата.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трандафил Ивановски, смета дека сегашното мнозинство со пет судии е несистемско мнозинство.
– Тоа е вовед во една уставна криза и едно одговорно општество не смее да си допушти Уставниот суд, највисоката институција во заштитата на слободите и правата од аспект на заштита на законитоста и уставноста, да не може да функционира. Тоа е несериозен однос на сите субјекти во државата, пред сѐ на одговорните субјекти, а тоа е парламентот, тоа е Собранието на Републиката, кое знае кога се избрани тие судии и требало благовремено да дејствуваат – вели Ивановски.
Судијата го гледа проблемот во неодговорноста на политичките партии што носат одлуки во Собранието.
– Никој не го спречува парламентот да изврши избор на испразнетите места на уставни судии. Тоа се политикантски внатрешни игри, меѓу опозицијата и власта, меѓу комисијата за избори и именување, која треба да предложи судија. Тоа е сѐ, со еден збор, неспроведување на Уставот, неспроведување на Уставот од страна на парламентот и неговите тела и служби. Тој со таквиот начин на однесување придонесува да не функционира ниту заштитата на уставноста и законитоста – вели Ивановски.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, во својот осврт на случувањата вели дека она што се случува во моментов на Уставниот суд е само уште едно еродирање на системот.
– Поради инволвираност на политичките партии, некои од луѓето што седат на местото уставен судија имаат нарушен легитимитет, а неизбирањето нови професионални лица е само дополнителен проблем на општите состојби во оваа наша највисока институција. Според правилникот, и во вака намален број уставните судии носат одлуки, но тие, според мене, немаат кредибилност, бидејќи не се во полн состав и бидејќи сите мислења на евидентните правни експерти не се разгледани во предметите. Јас мислам дека за да излеземе од кризата, ние треба да најдеме нов начин како да се избираат уставните судии, кој во никаква форма не треба да биде поврзан со партиите. Тие треба да се избираат од фелата на начин што нивното реноме и успеси во кариерата ќе бидат главните адути кој може да седне на тоа „високо“ столче во правниот систем на Македонија. Ова правно „корзирање“ доаѓа оттаму што Уставот не ги регулира децидно постапката и условите за избор на уставните судии, па тоа е повод за епизодната „партиско-политичка врева“ во разбирањето на тоа со каков правен габарит треба да биде секој иден уставен судија. А кај нас, законите се направени како упатства за употреба, па ако нешто не е напишано, останува да се толкува според партиската диоптрија, па може да му се „намигне“ на Уставот. Практиката покажа дека овој широк полигон, никогаш не беше доволно „стеснет“, за да стане јасно што всушност треба да исполнува еден кандидат за да биде судија заштитник на Уставот – дали тоа се годините поминати со правнички стаж, одредена академска титула од правото, научна или професорска дејност, меѓународно искуство… Можеби затоа низа одлуки на овој суд беа толкувани повеќе како штета, отколку како уставносудска заштита – вели Илиев. Тој резимира дека повозрасните паметат дека своевремено Уставен суд важел за бастион на правото, каде што за влез била потребна импозантна кариера и каде што, каков и да бил законот, избраните судии малку биле оспорувани, а нивните одлуки биле неспорни и правно издржани, слободно кажано, до „милиметар“.