Странските критики во обид да се фрли светлина на опскурното судство во државава
Секојдневните скандали што се појавуваат во јавноста и критиките на странските претставници во земјава што следуваа поради непостапувањето на
судските органи покажуваат дека нишките што го поврзуваат правосудниот систем одамна се распарани по сите шевови, почнувајќи од врвот, па кон подножјето.
По објавувањето на името на струшкиот градоначалник на „црната листа“ на американскиот Стејт департмент, веднаш како да „се раздвижија“ судските органи и почнаа да излегуваат со изјави дека „и тие од претходно имале оформени предмети“, но не даваат одговор зошто по нив не е постапувано?!
Имено, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) неодамна обелодени дека за струшкиот градоначалник доставила предмет до Јавното обвинителство уште во 2019 година, но овие предмети мистериозно завршувале во нечии фиоки без да има некаков судски епилог. ДКСК се жали дека уште многу нивни иницијативи завршуваат во фиоките на Обвинителството и дека со години некој намерно ја опструира работата на антикорупционерите.
Кога пред некој ден австрискиот амбасадор Георг Вуцас посочи конкретен предмет за судско непостапување, одеднаш основните јавни обвинителства во Гевгелија и во Скопје, како и Вишото јавно обвинителство Скопје, соопштија дека „водат три посебни постапки, по поднесени кривични пријави од австриска фирма“. Зарем требаше австрискиот амбасадор да излезе во јавност, за да почне (вистинското) постапување по предметите?!
А зар треба да претпоставиме дека и Уставниот суд, поттикнат од шумот што го крена австрискиот амбасадор, инстантно реагираше и побрза да ја брифира јавноста дека „ќе ја интензивира својата работа така што веќе во септември или октомври пред уставните судии ќе се најдат иницијативите за оцена на уставноста на Преспанската спогодба и на Законот за употреба на јазиците, кои досега вешто се чуваа во фиоките и се избегнуваше секаква расправа за овие чувствителни теми“?!
Невообичаената раздвиженост меѓу судската фела во последниот период може да се протолкува само на еден начин, дека е сфатена пораката што пристигна од САД и ЕУ и дека помина времето кога судството ќе продолжи да ги ужива сите благодати сè додека работи во интерес на секоја власт. Сега прстот кон правосудството директно е вперен од страна на меѓународниот фактор, кој отворено прашува каде се милионите евра инвестирани за градење функционален правосуден систем, но се поставува и уште посериозно прашање: Каде е одговорноста за илјадниците застарени предмети и непостапувањето по илјадници други актуелни предмети?
Несомнено, најголем дел од вината за севкупните состојби се крие во подредениот однос на Јавното обвинителство кон секоја власт, кое наместо да постапува според словото на законот, претставуваше само продолжена рака на политичарите од власта, кои нарачуваа кои предмети да останат во фиока, кои да се процесираат, кога да се прикаже фингирана борба со корупцијата, кој да биде колатерална штета и слично. Тука треба да се бараат причините зошто не се промени процедурата за избор на јавен обвинител сиве овие години, имајќи предвид дека секоја партија кога е во опозиција бара јавниот обвинител да го номинира опозицијата, додека кога ќе дојде на власт, брзо заборава на она што претходно го барала. Партиите уште помал интерес имаат јавниот обвинител да го избираат граѓаните на непосредни избори, бидејќи во тој случај нема да можат да го стават под сопствена контрола и постои сериозна опасност таквиот обвинител да започне вистинска борба против корупцијата и криминалот, што очигледно некому во оваа држава не му одговара.
Притиснати од секојдневните критички бомбардирања, сега одеднаш судските органи се разбудија од повеќедеценискиот сон и почнаа да постапуваат, но повторно вината барајќи ја во најниските ешалони, свесно изземајќи се себеси од каква било одговорност.
Факт е дека вистинската реформа на судскиот систем ќе се случи во оној момент кога таа ќе започне од врвот, односно од првиот човек на Јавното обвинителство, преку изборот на обвинители, да продолжи со расчистувањето на од пред четири години вгнездениот непотизам во Академијата за судии и обвинители, па дури и нејзино укинување, бидејќи се покажа дека во најголем дел таа стана инкубатор за функции во правосудството за децата на функционерите, до начинот на избор на судии што ќе престанат да излегуваат од нечии партиски тефтерчиња.
– Кога меѓународната јавност ќе почне отворено, преку медиуми да бара правда и да укажува на нефункционалноста на цел систем, тоа значи дека сме доведени во очајна ситуација. Тоа укажува дека е неминовно да се направи некоја реформа во смисла и на организациска промена и преземање одговорност на сите судии вклучени во системот. Не може да функционира судство со такви критики и неажурно постапување по соодветни предмети. Состојбата е алармантна и затоа се потребни итни мерки – вели поранешниот врховен судија Дане Илиев.
Со крајно иронична забелешка за македонскиот судски систем, особено откако стана јасно дека некој свесно ги чувал предметите против струшкиот градоначалник во фиока, излезе поранешниот министер за финансии и коментатор на политичките состојби Џевдет Хајредини.
– Со оглед на довербата што граѓаните ја имаат во судиите и обвинителите, се очекува, по објавувањето на резултатите од контролата од Републичкото јавно обвинителство на струшкото обвинителство и на Вишото обвинителство во Битола, државниот секретар Блинкен да ја повлече забраната за влез на Мерко во САД, со што и Али Ахмети ќе може да ги продолжи прекинатите партиски избори во струшкиот разгранок, Мерко да го одмрзне членството во партијата и да го продолжи „ураганот“ против „огнената група“ – симпатично иронизира Хајредини, со што уште повеќе ја нагласува сериозноста на состојбите во кои се наоѓа нашето правосудство и воопшто состојбите на „самракот на македонското правосудство“.