Повеќе од јасна е намерата на официјална Атина да продолжи да ја притиска Македонија да спроведе буквално сѐ од договорот, па затоа продолжува да изнесува меѓународноправни небулози и толкувања, на кои, за жал, се надоврза и дел од меѓународната заедница, но, во исто време, продолжува да го одложува ратификувањето на трите меморандуми, со образложение дека чекала земјава да заврши сѐ, па потоа таа да пристапела кон ратификација на документите Без оглед на демократските принципи на кои се повикуваат, за грчките власти личното чувство на самоидентификација и самоопределување не е дозволено кога станува збор за функционер (?!), иако функционерот, пред сѐ, е човек со свои лични права и слободи, а потоа сѐ друго
Грчките толкувања на настапот на македонската претседателка излегуваат надвор од основните демократски начела
… или правото на самоидентификација се однесува и на колективните права на народот и на нацијата
Полемиката што се отвори во јавноста во Македонија и во Грција за тоа дали е прекршена или не Преспанската спогодба за време на полагањето на свечената заклетва од страна на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова продолжува и натаму, но забележлива е интенцијата од грчка страна нејзиното толкување на точките од договорот од Нивици да биде земено како една и единствена вистина на сите можни нивоа, дека функцијата е пред човековите лични права.
Повеќе од јасна е намерата на официјална Атина да продолжи да ја притиска Македонија да спроведе буквално сѐ од договорот, па затоа продолжува да изнесува меѓународноправни небулози и толкувања, на кои, за жал, се надоврза и дел од меѓународната заедница, но, во исто време, продолжува да го одложува ратификувањето на трите меморандуми, со образложение дека чекала земјава да заврши сѐ, па потоа таа да пристапела кон ратификација на документите.
Без оглед на демократските принципи на кои се повикуваат и со кои постојано се удираат во гради, сепак за грчките власти личното чувство на самоидентификација и самоопределување не е дозволено кога станува збор за функционер, иако функционерот, пред сѐ, е човек со свои лични права и слободи, а потоа сѐ друго.
– Сите сфаќаме дека новото раководство на С. Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се над нивната волја. Не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното – изјави шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, во интервју за грчката телевизија ЕРТ, коментирајќи ја неупотребата на уставното име од страна на новата претседателка на државата, Гордана Силјановска-Давкова, при давањето на свечената изјава во Собранието, како и нејзиниот став зошто не го направила тоа.
Правото на самоопределување и самоидентификација ги засега и
колективните права на цела една заедница
Професорот по меѓународна право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, оди чекор понатаму, објаснувајќи дека правото на самоопределување и самоидентификација ги засега и колективните права на цела една заедница.
– Претседателката Силјановска-Давкова треба да им објасни на Грците дека правото на самоопределување се однесува и на колективните права на народот и на нацијата, за кои таа е надлежна да ги штити и да се грижи за истите тие како претседателка на државата. Имено, самоопределувањето, кое произлегува од самоидентификацијата, спаѓа во рамките на колективните права (каде што потпаѓа и правото на национално самоопределување), а секундарно, како дериват самоопределувањето е и индивидуално право – појаснува професорот Јанев.
Според него, новата македонска претседателка првенствено мора да се грижи и да ги брани колективните права.
– Претседателката ја сфати системската аномалија, според која, индивидуалното право (лично право) е конфронтирано со Преспанската спогодба, но одбраната мора да се заснова на нејзиното овластување и надлежност да се грижи и да ги брани колективните права (на својот народ, како носителот на суверенитетот) – заклучува професорот Јанев.
Универзитетската професорка по уставно право Тања Каракамишева, во гостувањето во емисијата „Заспиј ако можеш“, истакнува дека личните права на секој човек се пред функцијата и се темелот врз кој се градени сите други права.
– Што е поважно, да се биде човек или да се биде функционер? Што е поважно, човекот или државата? Што е постаро, човекот или заедницата? По Втората светска војна се подготвија голем број документи токму поради варварствата што се случуваа во таа војна. Треба да зборуваме за човекови права, она што е суштината на човекот, суштината на граѓанинот, што е суштината на светот. Не можеме ние да ги запоставиме нашите лични права како луѓе и постојано да алудираме на некои други права што се врзани со нашата функцијата. Претседателката, пред сѐ, е човек, па потоа е носител на функција. Во комплексот на човекови права, ние имаме лични права, кои се неотуѓиви, кои се неприкосновени и за кои не можеме да разговараме. Тие права се правото на интегритет, правото на човековото достоинство и правото на самоидентификација. Што значат самоидентификацијата, идентитетот и интегритетот на човекот? Тоа значи дека јас имам право да го кажам чувството однатре, како се чувствувам јас, дали сум јас дел од државата во која како колективитет јас припаѓам. Ако ние ги запоставуваме личните права, кои се неотуѓиви, апсолутни и кои од никого не смеат да бидат ограничувани и кои не случајно влегуваат во таканаречените „јус когенс“ норми, кои се посилни од „јус диспозитивум“, односно пишаното право. Тоа во превод значи, ако ние имаме меѓународни документи со кои што се ставил крај на Втората светска војна, токму поради многубројните варварства и злосторства, клучно е да си ги почитуваме нашите лични права, што се од првата генерација права, кои се фундаментот врз кој понатаму се поставуваат другите политички, економски, социјални, културни, еколошки права, тоа значи дека базата се личните права – констатира професорката Каракамишева.