За да се заштитат шумските предели, но и населението, според надлежните, една од најдобрите и најефикасни мерки е забраната за движење во шумите, бидејќи тоа се покажа како најефективна превентива со која може да се спречат пожарите во земјава. Во соопштението на „Национални шуми“ се вели дека делумната забрана за движење во шума стапи во сила од 24.6.2022 година и ќе трае до процената дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзиното отповикување
Човекот е најголемиот ризик-фактор за неконтролираните огнови по македонските планини
Високите температури што се најавени за овој период од годината беа причина за властите навремено да реагираат и да воведат забрана за движење во шуми, како превенција и заштита од пожари, за чие избивање речиси секогаш причина е човечкиот фактор. За да се заштитат шумските предели, но и населението, според надлежните, една од најдобрите и најефикасни мерки е забраната за движење во шумите, бидејќи тоа се покажа како најефективна превентива со која може да се спречат пожарите во земјава.
ДВИЖЕЊЕ ВО ШУМИ САМО СО ОДОБРЕНИЕ
За жал, пожарите во летниот период во Македонија најчесто се предизвикани од страна на граѓаните, независно дали се подметнати или, пак, причина за нивното избивање е случајна. Токму за да се спречат пожарите, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на јавното претпријатие „Национални шуми“ – Скопје, даде согласност за воведување делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од шест наутро до осум часот навечер.
Забраната стапи во сила во петокот, 24 јуни, и како што информираат оттаму, се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.
– Делумната забрана за движење во шума стапи во сила од 24.6.2022 година и ќе трае до процената дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзиното отповикување – се наведува во соопштението на „Национални шуми“.
Оттаму посочуваат дела оваа делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, субјектите што вршат шумско-стопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата и лица што имаат писмено одобрени за движење во шумите.
– Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат – се наведува во соопштението.
Како што информираат оттаму, за непочитување на оваа забрана на физичките лица што ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, во согласност со членот 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА ГЛАВНИОТ ГРАД: ДЕЛУМНА ЗАБРАНА И ЗА ВОДНО И ЗА ПАРКОТ ГАЗИ БАБА
Делумно е забрането и движењето на граѓаните во парк-шумата Водно и во паркот на природата Гази Баба.
– Град Скопје ги известува граѓаните дека од 24.6.2022 година во парк-шумата Водно и во паркот на природата Гази Баба се воведува делумна забрана за движење, во периодот од 6 до 20 часот – информираа градските власти.
Оттаму додадоа дека воведувањето на делумната забрана за движење е според одлуката од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а по барање на ЈП „Национални шуми“ – Скопје, во согласност со членот 57 став 2 од Законот за шумите.
– Град Скопје апелира до граѓаните да ја почитуваат воведената делумна забрана за движење во парк-шумата Водно и во паркот на природата Гази Баба и да придонесат за зачувување на зеленилото од евентуални пожари – апелираат од Градот.
НЕМА ДА РАБОТИ НИТУ ЖИЧНИЦАТА
Јавното претпријатие ЈСП-Скопје информира дека жичницата и автобуските линии што сообраќаат до Средно Водно нема да бидат во функција.
– Привремениот прекин на работа е во согласност со воведената делумна забрана за движење во шумите, побарана од ЈП „Национални шуми“ – Скопје, а одобрена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор – информираат од сообраќајното претпријатие.
Оттаму додаваат дека жичницата и трите автобуски линии нема да работат до процената на надлежните дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до отповикување на делумната забрана за движење во шумите.
МВР СО ПРЕПОРАКИ
Како последица на воведувањето делумна забрана за движење во шумите, Министерството за внатрешни работи информира дека опасноста од избивање пожари ќе се зголеми.
– По настапувањето на последните значително повисоки температури и најавите дека во наредните денови тие уште повеќе ќе се зголемат, во голема мера се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари, особено поради фактот дека има забележителна раздвиженост на нивите, но и во шумите. Затоа, Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат внимателни ако се движат или работат во поле и низ шумите, да не ги палат отпадоците, меѓите и стрништата на нивите и да не фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, на оние што ќе престојуваат на излетничките места им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери – велат од МВР.
Оттаму потенцираат, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце може да причинат пожар.
– Доколку не се придржуваат на овие апели и препораки, граѓаните ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави и можни затворски казни од шест месеци до осум години, во зависност од видот на пожарот и другите околности и последици. Министерството за внатрешни работи овој месец засилено презема координирани превентивни и други мерки со советодавните групи на граѓани, месните и урбаните заедници, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а во координација со други институции и служби ќе бидат засилени и планираните контролни активности – велат од МВР.
УШТЕ ВО АПРИЛ ДЗС СО ПРЕПОРАКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ПОЖАРИ
Со оглед што и ова лето нема многу врнежи, очекуваме повторно да има пожари, се надевам не во обем како минатата година, но градоначалниците треба да бидат подготвени самите да се справат, барем со почетниот удар кога ќе се појави пожар, веднаш потоа да бараат поддршка од соседните општини, а понатаму доколку тоа не е доволно, ќе бараат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – уште во април истакна директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Тој потенцира дека на располагање им стојат неколку хеликоптери на Министерството за одбрана, односно на армијата. Оваа година, како што најави Ангелов, за првпат ќе имаат хеликоптер на МВР, кој веќе ја има потребната опрема за гаснење пожари и во тек е обуката на летачкиот персонал.