Несомнено, дојдено е време на еден мултиполарен свет, во кој сите земји почнуваат борба да го заштитат сопствениот суверенитет, но во една поширока смисла на зборот, политички, територијален, економски, историски, културен суверенитет, за да можат да опстанат како држави во годините што претстојат. Сите си ги билдаат сопствените капацитети за да го одбранат својот суверенитет. А бранејќи го суверенитетот, го бранат својот народ. Затоа е клучно и ние да се свртиме кон заштитата на нашиот суверенитет, да ги одбраниме македонскиот народ и сите други во оваа земја
Турбулентните времиња ги принудија земјите низ светот сè повеќе да се борат за сопствениот суверенитет
Во свет преполн со кризи, во кој веќе се присутни сериозни воени дејства во Европа, на Блискиот Исток, во Африка, кога под сериозна закана се трговските коридори, енергетските пазари, кога климатските промени излегуваат од контрола, сè повеќе земји сакаат да бидат суверени господари над својата судбина.
Ако досега тоа го правеа исклучиво поголемите и помоќни држави, сега и помалите земји сфаќаат дека не можат да бидат заложници на некои глобални политики водени од нечии геостратегиски интереси и да ги трпат последиците од тоа што не можат самите да носат одлуки. Тоа може да се забележи и од фактот што сè повеќе земји од ЕУ сакаат да бидат повеќе независни, за поголем суверенитет се залагаат и земјите од арапскиот свет, од Африка, од Јужна Америка, кои досега беа зависни од своите неоколонијалистички господари, кои наметнуваа сопствени политики и сопствени правила на игра.
Несомнено, дојдено е време на еден мултиполарен свет, во кој сите земји почнуваат борба да го заштитат сопствениот суверенитет, но во една поширока смисла на зборот, политички, територијален, економски, историски, културен суверенитет, за да можат да опстанат како држави во годините што претстојат.
Велика Британија го предвиде светското прераспределување на силите и во насока на заштита на сопствениот суверенитет ја напушти Унијата, користејќи дури и манипулација на сопствените граѓани за наводна загрозеност на британската сувереност од страна на другите европски народи, што беше пресудно за исходот на референдумот што доведе до брегзит.
САД својот суверенитет го бранеле и го бранат илјадници километри далеку од својата територија, бидејќи сметаат дека загрозувањето на нивните геостратегиски интереси всушност е загрозување на американскиот суверенитет.
– Несомнено, во светот се случува процес што би можел да се нарече еден вид „трка на суверенитет“. Треба да сме начисто околу формулациите, бидејќи суверенитетот не значи изолација како што некој тука во Македонија знае да каже, дека ако се свртиме кон важните работи за нас дома, одбираме изолација. Па, погледнете ги актуелните состојби сега во светот, речиси сите земји се приклучија на оваа трка за поголем степен на сувереност. Дури и нашите западни сојузници, инаку главните проповедници на процесот на глобализацијата, почнаа да се борат за суверенитет во многу области и насочуваат сериозни буџетски средства за развој на комерцијални проекти. А ние што правиме? Она што треба да ни биде стратегиска цел, тоа им го даваме на други. Станува збор за концесиите за електроцентрали на обновливи извори на енергија, го даваме обработливото земјоделско земјиште за фотоволтаични централи, а купуваме храна, им ја даваме водата на Грците на 60 години, иако знаеме дека потоа нивото на водите уште повеќе ќе падне и откако ќе биде вратена во наша сопственост централата Чебрен, која сега е актуелна, веројатно таму нема да има ниту река, ниту езеро, туку пустина. Главните протагонисти на трката за суверенитет, се разбира, се големите земји. Американците, кои немаа фабрики за производство на микропроцесори на нивната територија, усвојуваат посебна владина програма за буџетско финансирање на создавањето производство на микропроцесори. Кина прави пробив во истата индустрија со создавањето на фабриката во Шангај и објавувањето на нејзините први микропроцесори, конкурентни на западните аналози. Русија откако беше блокирана од Европа поради воените дејства во Украина ги пренасочува енергетските ресурси кон Кина и Индија, едноставно сите гледаат како да си го зачуваат тој економски суверенитет. За таква сувереност треба да се бориме и ние, да си бидеме господари над богатствата што ни ги дала земјата, а не да ги даваме на други – велат повеќе геостратегиски аналитичари и експерти со кои разговаравме околу прашањата што ја тиштат земјава во овие нови светски случувања.
Според нив, борбата за економски суверенитет е една, но таа треба да се дополнува и со борба за политички, територијален, безбедносен, образовен, историски и културен суверенитет.
– Нашиот однос дека не можеме сами нè доведе во ситуација да го изгубиме сиот можен суверенитет. Ниту една одлука во државава не се носи ако не се добие согласност или од ЕУ или од САД. Нивните посредници постојано се тука, но само затоа што тоа е од нивен геостратегиски интерес и на тој начин ништо непредвидливо не го загрозува нивниот суверенитет. Сега се најавува одлука дека ќе се правеле некои законски измени со кои санкциите на САД ќе имале последици и врз нашите граѓани. Тоа е де факто признавање американски суверенитет над нашата територија. Бугарија и Грција го искористија членството во ЕУ за да настапат со свои суверенистички позиции во однос на Македонија, кои не се критериуми на ЕУ. Овие две земји вршат етноцид во 21 век и нема никаква реакција, оти сите си ги гледаат своите интереси и она што ним им е важно. На Грците и на Бугарите им е важно да нема Македонци, оти така си го обезбедиле суверенитетот, бидејќи никој нема да им приговара за неисполнувањето на обврските кон македонското малцинство на своја територија – посочуваат соговорниците.
Според нив, тука, во Македонија, треба да се расчисти со наративот дека сите оние што се залагаат земјава повеќе да го заштитува суверенитетот се антидржавни и неевропски елементи, а повеќе да се посвети внимание за она што е важно за државата и нејзината иднина.
– Крајно време е ние да се свестиме како општество, но и нашите политички елити да сфатат дека кога една Германија, една Франција, едни САД, една Норвешка, Исланд, Велика Британија, кои имаат огромни политички, економски и воени потенцијали, држат сè повеќе до сопствената сувереност и не се подготвени да отстапат ниту милиметар, и ние треба да научиме нешто од тоа. Времето на асоцијации, унии, заедници во кои некој ќе се откаже од сопствениот суверенитет за сметка на некаков заеднички, заврши. И во ЕУ, Полска се бори за својот суверенитет, Унгарија го прави истото тоа, Чешка, Словачка, Франција, а Германија според некои истражувања се покажа дека најмногу зачувала од тие некои свои суверени права, без оглед што сите ја гледаат како моторот на ЕУ. Па, Германците сè уште чуваат милиони германски марки во своите сефови како резерва ако утре се укине еврото. Еве, и во ОПЕК некои земји почнуваат да ја напуштаат организацијата оти им се загрозува сувереното право да произведуваат колку што се нивните потреби. Сите си ги билдаат сопствените капацитети за да го одбранат својот суверенитет. А бранејќи го суверенитетот, го бранат својот народ. Затоа е клучно и ние да се свртиме кон заштитата на нашиот суверенитет, да ги одбраниме македонскиот народ и сите други во оваа земја – истакнуваат аналитичарите.
За нив најдобрата одбрана на македонскиот суверенитет е таа што вклучува свртување кон самите себе.
– Тоа значи дека треба да ја средуваме државата внатре. Да се воспостави владеење на правото, да се почне со бескомпромисна борба со корупцијата, да се рационализира и професионализира администрацијата, да се воведе Мерит-системот, да се направи добар здравствен и образовен систем, добра социјална политика, да се отворат перспективи за економијата, за младите, да се работи на инфраструктурата, на екологијата, на сите потенцијали што ги имаме. Кога ќе изградиме таква држава, тогаш нема да има човек, без оглед на неговата етничка или каква било припадност, што нема да се бори неговата држава да остане таква каква што е, максимално суверена во квалитетите што ги постигнала. Тоа е вистинската борба за сувереност, да го зачуваме она што е добро и што вреди. Со тоа Македонија не загрозува никого, не загрозува ничие друго суверено право, но нема да дозволи некој од страна да го загрозува нејзиното суверено право да се развива на сопствен начин. Сериозни времиња се пред нас, затоа е потребно и сериозно да си ја сфатиме задачата – заклучуваат соговорниците со кои ги прокоментиравме идните заложби што треба да се направат во државава за да можеме во иднина да ги заштитиме нашите суверени права, кои очигледно сега сите ни ги погазуваат.