Можеби Буда рекол, можеби не рекол, можеби и рекол и не рекол, или можеби ниту рекол ниту не рекол: „Постојат само две грешки што може да се направат на патот до вистината: да не се оди докрај и да не се започне“. Започнавме! Останува да одиме докрај. Ако „вистината е финалниот крај на целиот универзум“ (Тома Аквински), тогаш македонскиот пат до вистината е македонството, и само така, по тој пат, ќе стигнеме до крајот
Во Индија, во петтиот век пр. н.е. – во ерата на историскиот Буда, Буда го воведува принципот на расудување познат под името „четири агли“, според којшто постојат четири можности во врска со некое тврдење: тврдењето може да биде точно (вистинито), неточно (невистинито), и точно и неточно, или ниту точно ниту неточно. Во исто време, пет илјади километри западно во Античка Атина, Аристотел ги поставува темелите на западната логика, користејќи два принципа: според првиот принцип секое тврдење може да биде или точно или неточно, нема други опции (латинското име за овој принцип е tertium non datur), додека, според вториот принцип (принципот на непротивречност), ништо не може да биде, истовремено, и точно и неточно. Повеќето читатели, можеби, но со право, ќе се запрашаат: како нешто може да биде и точно и неточно или ниту точно ниту неточно? Всушност, идејата дека некои тврдења не се ниту точни ниту неточни му била позната и на Аристотел: во „За толкувањето“ Аристотел тврди дека непредвидливите тврдења за иднината, како што е, на пример, тврдењето „Македонија ќе стане рамноправна членка на ЕУ во 22 век“, не се ниту точни ниту неточни. Иако примери на тврдења што се и точни и неточни, оттука за нив се користи терминот парадокси, постојат одамна: првиот таков парадокс му се припишува на Евбулид (од Милет) во четвртиот век пр. н.е., сепак, во западната филозофија и во математиката, двата принципа на Аристотел доминираа речиси две илјади години.
Две илјади години подоцна, од многуте парадокси што се појавија на крајот на 19 и почетокот на 20 век, парадоксот на Бертранд Расел (од 1901 г.), формулиран во рамките на теоријата на множества поставена од германскиот математичар Георг Кантор (се користи името наивна теорија на множества), покажа дека таа теорија е противречна. Овој парадокс ги потресе темелите на математиката, потоа следуваа работите на многу филозофи, логичари, мислители…, меѓу нив, се разбира, и работите на Курт Гедел – еден од најзначајни логичари во историјата. Развојот на повеќевредносната логика (класичната логика со две вредности – точно и неточно, се обопштува на логика со повеќе вредности), неопределената или фази-логика (во фази-логиката – на англ. fuzzy logic, вистинитоста означува припадност во нејасно дефинирани множества и прима вредности помеѓу 0 и 1), веројатносната логика (првпат употребена од Џон фон Нојман во трудот „Веројатносна логика и синтеза на сигурни организми од несигурни компоненти“) и други подрачја на логиката предизвика енормен развој на компјутерските науки и вештачката интелигенција, но за тоа подетално во некоја друга пригода.
Користењето на повеќевредносната логика во компјутерските науки, меѓутоа, не значи разводнување, банализација, релативизација на вистината. Не постојат две вистини: „Само една има вистина / има една Македонија / делете ја, парчете ја / пак ќе биде наша најмила“, ние сме Македонци или не сме, нашиот јазик е македонски или не е, геноцид е геноцид или не е, во Македонија имаше геноцид или немаше, сторителите на геноцидот се злосторници или не се, …, и сѐ така. Во денешниов турбулентен свет вистината е таму некаде. Со повеќе од три милијарди активни корисници месечно, фејсбук-нацијата е поголема од првите три најнаселени земји во светот заедно: Кина, Индија и САД. Социјалните мрежи, вклучувајќи ги и Фејсбук и Твитер, овозможуваат корисниците да ја информираат и дезинформираат јавноста, да го смират и нарушат Волстрит, да ја ублажат и влошат пандемијата на ковид-19, да ги обединат и поделат граѓаните. Бројката 436.407 значи, од една страна, поддршка за македонството, но и, од друга стана, обврска за идните власти да опстојат на македонството. Македонството (или македонизмот) треба да прерасне во државна стратегија, духовна религија, инаку ќе нѐ нема, ќе исчезнеме, ќе се разнебитиме. Македонизмот, меѓутоа, „не може да се нарече агресивен национализам затоа што никогаш не бил таков, македонскиот народ ниту имал ниту некогаш ќе има намера или напаѓачки капацитет спрема кого било. Целата историја на Македонија е одбранбена, но не и предавничка. Одбраната на македонизмот не е во спротивност со одбраната на демократијата и демократските вредности во едно општество. Нему не може да му се даваат квалификативи дека е антиевропски, односно дека е просрпски, проруски или прокинески“ (Панде Колемишевски).
Во најновиот филм на Жастин Трие (Justine Triet), „Анатомија на еден пад“, овековечен во 2023 година со „златната палма“ за најдобар филм, една од основните пораки на филмот доаѓа, не случајно – во драмата „Филоктет“ од Софокле, слепиот Филоктет ја има стрелата потребна за победата во Тројанската војна, од слепиот малолетен син на главниот лик на филмот. Порака гласи: „доколку нашите сетила и ум не се во можност да ни дадат објективна слика на светот, тогаш е неопходно да се свртиме кон емоционалните вистини“ (Ѓорѓи Јаневски). Гутенберговата галаксија (печатените книги) и дигиталниот свет ќе помогнат во помнењето, но тие се само дел од решението. Меѓутоа, тоа не е доволно, нам ни се потребни и емоционалните вистини: ние треба да помниме со и во срцата! Нашето име е „меморискиот код на народот на кој му припаѓаме, генерациски пренесуван и вграден длабоко во свеста на секој Македонец за да не исчезне“ (Звонимир Јанкулоски).
Платон се жали од ефектите на пишувањето (писмото) врз паметење и душата на ученикот. Во дијалогот со Федар, во Митот за Тот, Платон укажува дека пишувањето не само што не лечи од заборав туку, напротив, тоа го поттикнува него, зашто со пишаниот текст, од една страна, не може да cе влезе во дијалог, нему не може да му cе поставуваат прашања и тој е целосно зависен од својот автор, додека, пак, од друга страна, текстот може лесно да биде погрешно разбран од неупатените. „Всушност, тоа (пишувањето) ќе воведе заборавеност во душата на оние што го учат: нема да вежбаат да ја користат својата меморија затоа што ќе ја пренесат довербата во пишувањето, што е надворешно и зависи од знаците што им припаѓаат на другите, наместо да се обидат да се сеќаваат однатре, целосно сами. Не откривте напивка за запомнување, туку за потсетување; им обезбедувате на вашите студенти привид на мудроста, не мудрост со реалност“. Оттука, за што говорев неодамна, и потребата за меморијален споменик за незаборав, на кој ќе бидат врежани имињата на децата прогонети од своите домови во егејскиот дел на Македонија, заедно со македонските топоними на нивните родни места.
Можеби Буда рекол, можеби не рекол, можеби и рекол и не рекол, или можеби ниту рекол ниту не рекол: „Постојат само две грешки што може да се направат на патот до вистината: да не се оди докрај и да не се започне“. Започнавме! Останува да одиме докрај. Ако „вистината е финалниот крај на целиот универзум“ (Тома Аквински), тогаш македонскиот пат до вистината е македонството, и само така, по тој пат, ќе стигнеме до крајот. Меѓутоа, на тој пат, да ги потсетам властодршците, парафразирајќи го Ѓорѓи Петрушев, „како лидери, нивните главни доблести треба да бидат страста и енергијата што ги вложуваат во нивниот општествен ангажман, нивниот интегритет, скромност и автентичност. Треба постојано да се стремат да научат нови работи, да се предизвикуваат самите себе да бидат подобри, да направат позитивни подобрувања во нивната заедница, во Македонија и во светот во целина, да го сакаат она што го работат и да го работат она што го сакаат“.