Ставањето на имињата на поранешниот премиер Заев и на поранешниот генерален секретар на Владата, Рашковски, во некаков контекст во образложенијата на Канцеларијата за контрола на средствата и имотот на странци при Министерството за финансии на САД говори дека официјален Вашингтон е решен да оди докрај со расчистувањето на високата корупција во Македонија, но и во регионот. Тоа директно го потврди и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, која веднаш по објавувањето на новите имиња се огласи на платформата Икс (Твитер), порачувајќи дека ова е предупредување до сите што се споменати со име и презиме, потенцирајќи дека одговорност ќе има и за оние што соработуваат со корумпираните функционери
Додадени нови имиња од Македонија и од регионот на американската црна листа
Неколку нови имиња од Македонија, но и од земјите од регионот се најдоа на американската црна листа, што говори дека САД немаат намера да запрат во обелоденувањето на сите актери што се поврзуваат со одредени корупциски афери.
Канцеларијата за контрола на средствата и имотот на странци при Министерството за финансии на САД (ОФАЦ) додаде уште десет поединци и компании од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина на листата на санкционирани од Западен Балкан за корупција и злонамерни активности во корист на Русија.
На оваа листа од Македонија од завчера се најдоа рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина, како и Ратка Камчева, мајка на бизнисменот Јордан Камчев. Во одлуката се напоменува дека сите споменати лица и фирми се ставени на црната листа поради поврзаност со Јордан Камчев, кој самиот беше ставен на црната листа годинава во јули. Во јуни годинава на црната листа се најде и Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга.
– Нивните дејства покажуваат како одредени елити профитираат од корупција и ги нарушуваат државните институции на сметка на граѓаните на државите – се наведува во образложението на американските власти.
Интересно е што на листата од Црна Гора има уште две нови имиња, Бранислав Миќуновиќ и Миодраг Дака Давидовиќ, во чиј контекст се спомнуваат и имињата на поранешниот македонски премиер Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
– Миодраг Дака Давидовиќ со децении перел пари за криминални синдикати, зајакнувајќи го своето влијание и вршејќи го својот криминален потфат на шверц со цигари, нафта и оружје во Црна Гора. Неговите коруптивни активности ги овозможија напорите на Русија да ја компромитира независноста на демократските институции и судството во земјата, вклучувајќи ги и нејзините напори да влијае на изборните резултати. Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на генералниот секретар на Владата на С. Македонија, Драги Рашковски, главен советник на поранешниот премиер на С. Македонија, Зоран Заев. Рашковски, наводно, примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со премиерот Заев за да ги унапреди бизнис-интересите на Давидовиќ. Од 1991 до 1992 година, Давидовиќ беше министер за трговија во владата на самопрогласениот српски автономен регион (ДЗР) на БиХ – се појаснува во одлуката на американското министерство.
Ставањето на имињата на поранешниот премиер Заев и на поранешниот генерален секретар на Владата, Рашковски, во некаков контекст во образложенијата на Канцеларијата за контрола на средствата и имотот на странци при Министерството за финансии на САД говори дека официјален Вашингтон е решен да оди бескомпромисно и докрај со расчистувањето на високата корупција во Македонија, но и во регионот. Тоа директно го потврди и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, која веднаш по објавувањето на новите имиња се огласи на платформата Икс (Твитер), порачувајќи дека ова е предупредување до сите што се споменати со име и презиме, потенцирајќи дека одговорност ќе има и за оние што соработуваат со корумпираните функционери.
– Денешното соопштение (се мисли на соопштението од четвртокот) е предупредување до поединци што ја злоупотребуваат својата моќ и ја искористуваат довербата на народот дека САД бараат одговорност од сите корумпирани актери. Оваа листа е потсетник дека со кого соработувате, може да влијае на вас и на вашето семејство – порача Агелер.
Познавачите на состојбите коментираат дека секое име што ќе се појави во каков било контекст на американската црна листа не се нашло таму случајно и дека со тоа САД испраќаат порака, но дека задача на домашните институции е да постапат по таквите наводи и да утврдат дали има или нема коруптивни активности кај лицата што ги посочиле Американците.
– Несомнено, споменувањето на имињата во која било конотација во образложенијата на таа црна листа, во суштина е испраќање порака, ние ви кажуваме што правеле тие луѓе, ваша задача е да утврдите дали тие лице се кривично одговорни доколку сакате да ја спречите корупцијата. Тоа во суштина е така, но тоа кај нас толку бледо се прима и се применува, што нема да има никаков ефект – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Според него, тоа се покажало и со сите претходни актери од земјава што се нашле на американската црна листа, а кои и натаму се на функции и никој за ништо не ги гони.
– Тоа што ќе им ги објават имињата на црната листа практично значи некаква забрана за општење на тие луѓе, како и на оние што се во нивното опкружување, со американски компании и со некои функционери. Искрено, овие објави за нас немаат ефект. Ова е само сигнал што го праќаат Американците дека стојат на располагање да помогнат околу истрагите за лицата што ги наведуваат, но сега засега не гледам таква волја од наша страна – посочува Илиев.
И други соговорници од фелата, кои посакаа да останат анонимни поради евентуален конфликт на интереси, сметаат дека САД испратиле моќна порака.
– Секој збор на Американците е одмерен, ништо не е случајно. Ако некои имиња се нашле во нивното образложение, без оглед во каков контекст, тоа значи дека пораката е пратена. Впрочем, и самата американска амбасадорка го кажа тоа, дека ова е предупредување и порака до сите да внимаваат со кого соработуваат, оти тоа може да влијае и врз нив, но и врз нивното семејство. Несомнено САД очекуваат од нас да си ја сработиме домашната задача во контекст на борбата со корупцијата и затоа сега излегуваат со имиња и презимиња, така што домашните институции ќе мора да ги проверат тие наоди – заклучуваат соговорниците. С.Т.