Дали сѐ уште кај нас важи една теорија во економијата што вели ако станбената изградба се движи напред, тогаш и целата економија оди напред? Дали изградбата на станови влече и многу други индустрии што ја снабдуваат неа, како на пример индустријата за мебел, апарати за домаќинство, потрошувачка на енергенти итн.? Имено, додека насекаде низ Македонија се гради без некој да ја гледа целосната слика и едни купуваат по два-три и повеќе станови, а други немаат ниту покрив над главата, упатените укажуваат на потребата државата конечно да почне да се занимава и со станбената политика. Тоа, вообичаено, се прави преку балансирано спроведување на финансиските, правните, просторните, социјалните и еколошките мерки и, се разбира, преку мерки што ќе помогнат сите веќе изградени станови да бидат ставени во функција, а што сега, според пописните бројки, очигледно не е случај…
ПО ПОВЕЌЕДЕЦЕНИСКОТО МЕНУВАЊЕ НА ПРОСТОРНИТЕ ПЛАНОВИ И НЕМАЊЕТО СТАНБЕНА ПОЛИТИКА
Општиот впечаток за урбанистичкиот хаос во кој се прпелка Македонија веќе неколку децении, јасно изразен и низ податоците од последниот попис на населението, домаќинства и станови, е сосема очекуван резултат на долгогодишното непочитување на просторните планови, немањето развојни стратегии и станбени политики. Така експертите ја објаснуваат ситуацијата во која Македонија, со сегашните 1.836.713 жители, има 598.632 домаќинства и 839.174 стана, при што просечниот број на членовите на домаќинствата изнесува 3,06, што, споредено со состојбата во 2002 година, значи дека и покрај намалувањето на бројот на жителите, бројот на домаќинствата, а особено на становите постојано се зголемува. Така, вкупното население во земјава во изминативе две децении е намалено за 185.834 лица, додека бројот на домаќинства е зголемен за 34.336, а на становите за 141.031.
Станови не се купуваат заради подобрување на квалитетот на живеење, туку заради некаква сигурност
Иако споменатите бројки би можеле да наведуваат на заклучок дека куповната моќ на населението во Македонија е зголемена, упатените имаат сосема поинакви видувања за причините што доведоа до зголемување на станбениот простор.
– Навистина изненадуваат податоците за станбениот простор, но тоа не може да ја негира тажната реалност дека ние, во суштина, и понатаму сме многу сиромашни, бидејќи повеќето од она што се купува, и покрај незавидните цени, не ги исполнува ниту елементарните стандарди за хумано живеење. А така е зашто во државава веќе долго време не се почитуваат просторните планови и при градењето, дури и кога се применуваат некакви пропишани стандарди, не се гледа целата слика. Но во услови на општата несигурност и бесперспективност, на луѓето им стана многу битно да купат понекое станче, дури и ако за некои 30 или 40 квадрати мора да продаваат цели наследени имоти или да се задолжат. Значи, кај нас становите не се купуваат заради подобрување на квалитетот на живеење или како инвестиција, туку за некаква сигурност. Притоа сѐ ѝ е препуштено на стихијата, државата го толерира тоа зашто нема никаква стратегија и станбена политика, а општините издаваат дозволи зашто најголемиот дел од приходите го остваруваат од наплатата на комуналиите. Во тој расчекор, многумина останаа без покрив над главата, поради што и многу луѓе ни се иселија – објаснува архитектот Љупчо Балкоски, кој е актуелен пратеник во Собранието, но и поранешен министер за транспорт и врски и главен државен инспектор за градежништво и урбанизам.
Потврда за дел од неговото објаснување дава и актуелниот директор на Регулаторната комисија за домување Зоран Маџовски, кој вели дека многу е тешко да се даде точната слика на станбените единици, бидејќи повеќето општини не ја исполнуваат законската обврска за доставување на регистрите на станбените единици во колективните згради, а индивидуалните никој збирно не ги ни регистрира, така што, според него, единствениот преглед на состојбата е тој што произлезе од пописот.
– Ние постојано бараме од општините да ни ги доставуваат регистрите, но само мал дел од нив ја исполнува обврската, така што ние навистина немаме преглед на вкупната состојба – изјави Маџовски.
И покрај растечката депопулација, и понатаму се гради
А дека и покрај растечката депопулација, и понатаму се гради може да се види од бројот на издадените одобренија за градба, особено кај високоградбата. Во првиот месец од годинава се издадени 259 одобренија за градење, што е за 30,2 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Позитивната страна од сето тоа ја наоѓаат економистите.
– Кај нас банките имаат поголема ликвидност и имаат проблем каде да ги пласираат средствата, за разлика од западноевропските земји, каде што банките често позајмуваат средства за да ги пласираат. Во тој случај станбените кредити на банките им се релативно сигурни, затоа што се обезбедени со станот што го финансираат. За мене, тоа е многу позитивна работа. Постои една теорија во економијата што вели ако станбената изградба се движи напред, тогаш и целата економија оди напред. Изградбата на станови влече и многу други индустрии што ја снабдуваат неа, па така, на пример, за во станот ви треба мебел, струја, апарати за домаќинство и друго – оценува поранешниот гувернер Љубе Трпевски, кој смета дека тоа е позитивна политика на домашните банки и таа треба да продолжи.
Некои, пак, во сето тоа гледаат и силен сигнал за големото раслојување во општеството, бидејќи додека едните купуваат по два-три и повеќе станови, другите немаат ниту покрив над главата, поради што укажуваат на потребата државата конечно да почне да се занимава и со станбената политика. Тоа, вообичаено, се прави преку балансирано спроведување на финансиските, правните, просторните, социјалните и еколошките мерки и, се разбира, преку мерки што ќе помогнат сите веќе изградени станови да бидат ставени во функција, а што сега, според пописните бројки, очигледно не е случај.
Најдобра илустрација за тоа е Скопскиот Регион, каде што живеат најголем број жители, 607.007, или 33,04 проценти од вкупното резидентно население на Македонија, и кој е единствениот од сите осум региони каде што е зголемен бројот на жители за 28.863, или за 4,99 проценти, во однос на 2002 година и каде што во последните 20 години бројот на домаќинствата пораснал за 29.204, или 15,14 отсто, а на становите за дури 54.858, или 22,55 отсто.
Но и во другите региони, кои константно ја губат својата популација, е забележителен трендот на зголемување на бројот на становите. Исклучок е само Вардарскиот Регион, кој во споредба со 2002 година, покрај загубата на 10,23 проценти од населението, бележи и загуба од 1,45 отсто кај домаќинствата и 3,83 отсто кај становите.
Во Источниот Регион, кој загуби 31.624 или 17,39 проценти од населението и 2.115 или 3,79 проценти од домаќинствата, бројот на становите е зголемен за 12.076 или за 14,32 проценти.
Југозападниот Регион во споредба со 2002 година има загубено 44.153 или 19,93 проценти од жителите, но и добиено 12,53 проценти повеќе домаќинства и 26,09 отсто повеќе станови.
Југоисточниот Регион има 23.029 или 13,43 проценти помалку жители, но и пораст на бројот на домаќинства за 5,39 проценти и на становите за 20,23 проценти.
Пелагонискиот Регион во споредба со 2002 година има загубено 27.705 или 11,63 проценти од населението, додека бројот на домаќинствата е зголемен за 1.494 или за 2,06 проценти, а на становите за 16.164 или за 15,02 проценти.
Полошкиот Регион има загубено 52.573 или 17,29 проценти од населението, а бројот на домаќинства е зголемен за 4,5 проценти и на становите за 21,96 отсто.
Североисточниот Регион во споредба со 2002 година има загубено 19.805 или 11,46 проценти жители, а бројот на домаќинства и на становите е зголемен за 4,35 односно за 13,26 отсто.
Тоа се расположливите бројки, а за квалитетот и за можностите што евентуално произлегуваат од сето тоа, некој, веројатно, би требало да размислува. Д.М.М.