Командантот на украинските сили објави дека неговите трупи морале да се повлечат кон запад, во длабочината на украинската територија, спроведувајќи тактички маневар на т.н. источен фронт, откако руските сили станале и воено и во човечка сила забележително надмоќни во однос на украинските воени сили
Актуелни состојби на украинско-руското боиште
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделникот изјави дека виталното американско оружје почнува да пристигнува во Украина во мали количества и побара тој процес да се забрза. Во исто време од фронтовските линии во источна Украина во регионот на Донецк, руските сили постигнале значаен напредок и зазеле неколку клучни населени места.
На заедничката прес-конференција во Киев со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, Зеленски рече дека ситуацијата на бојното поле директно зависи од брзината на испорака на муниција во Украина, пренесуваат агенциите.
– Навремена поддршка за нашата армија… И денеска не гледам ништо позитивно во тоа. Има достава, но тој процес треба да се забрза – рекол тој, како што пренесе „Ројтерс“.
САД усвоија пакет помош од речиси 61 милијарда долари минатата недела за Украина и му дадоа извесна надеж на режимот во Киев дека со таа огромна помош ќе може да ја поправи сликата на фронтот.
ТЕНКОВИТЕ „АБРАМС“ ПОВЛЕЧЕНИ ОД ФРОНТОТ
Главниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, во неделата објави дека украинските сили се повлекле од три села во областа Донецк на истокот на земјата. Во соопштението се вели дека киевските сили „се префрлиле на новите граници западно од Бердичи, Семенивка и Новомихаиливка за да ги зачуваат животите и здравјето на војниците“, пренесува „Политико“. Сирски истакна дека ситуацијата за украинските војници се влошила во текот на изминатата недела, бидејќи Русија се обидува да преземе стратешка иницијатива и да ја пробие линијата на фронтот.
На тој дел од фронтот руските сили се и воено и во човечка сила надмоќни.
– Руската војска сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме резерви од нашите партнери. Токму затоа брзината на испорака значи стабилизирање на фронтот – рече Зеленски.
Украинскиот лидер, исто така, ја истакна потребата од испорака на софистицирани системи за противвоздушна одбрана „патриот“, со кои Киев сака да се спротивстави на руските ракетни напади со долг дострел и нападите со беспилотни летала. Зеленски рече дека Киев постигнал одреден напредок во набавката на ракетни набавки за системот „патриот“, но дека сè уште работи на набавка на нови фрлачи што ги истрелуваат ракетите.
Од друга страна, елитниот магазин „Милитари воч“ пишува дека Украина решила да ги повлече своите тенкови М1А1 „абрамс“ од линијата на фронтот поради загриженоста за нивната ранливост на руските напади.
– Оваа одлука е донесена по големите загуби во борбите од средината на февруари – се наведува во текстот.
И покрај фактот што украинската индустрија значително го подобри нивото на оклопна заштита на возилото по испораката, украинските власти изразија скептицизам во однос на ефикасноста на возилото, објаснува авторот на статијата.
Претходно беше објавено дека руските војници веќе го заплениле првиот „абрамс“ и веќе го покажаа пред јавноста како воен плен.
КОЈ ГО ДОТУРА ОРУЖЈЕТО НА САДАМ ХУСЕИН ВО УКРАИНА?
Германскиот канцелар Олаф Шолц го повтори своето противење на испораката на ракетите „таурус“ за Украина – модерна германска крстосувачка ракета со дострел до 500 километри. Канцеларот Шолц им рече на новинарите во Берлин дека останува на својот претходен став да не испраќа ракети „таурус“ од германско производство, и покрај неодамнешната одлука на САД да испорачаат ракети АТАКМС со долг дострел за Украина, јави турската агенција „Анадолија“.
Тој нагласи дека германската воена поддршка за Украина ќе продолжи да биде фокусирана на итните потреби на земјата, како што се напредните системи за противвоздушна одбрана, за заштита на украинските градови и критичната инфраструктура.
– Ние сме убедливо најголемиот поддржувач на Украина во Европа, вклучувајќи и во однос на воената поддршка и испораката на оружје. Штотуку решивме да испратиме уште една батерија „патриот“, откако претходно испорачавме две батерии и се надеваме дека и другите европски партнери ќе донесат соодветна одлука – рече Шолц.
Инаку, според извештаите на летонски и австриски извори, оружјето што некогаш му припаѓало на режимот на поранешниот ирачки диктатор Садам Хусеин сега се испраќа до Украина преку Балтичко Море. Станува збор за фотографии на кои се прикажани хаубиците од 122 мм „гвоздик“ и од 152 мм „акација“, чија пустинска камуфлажа е знак за нивното потекло. Х.И.
Објавен нацрт-мировниот договор за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија врз основа на Истанбулскиот договор
Пропаднат мировен договор предвидуваше неутрална Украина
Германскиот медиум „Ди велт“ ексклузивно објави детален опис на нацрт-мировниот договор за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија врз основа на Истанбулскиот договор, кој требаше да биде потпишан во април 2022 година, но до денес тој не се реализира. Според „Ди велт“, речиси сите точки биле договорени, освен неколку за кои „требаше лично да разговараат Владимир Путин и Володимир Зеленски на средба, но тоа никогаш не се случи“. Според членот 1 од нацрт-договорот, Украина се обврзала да одржува „трајна неутралност“. Така, Киев би отфрлил какво било членство во воен сојуз, вклучувајќи го и НАТО. Украина, исто така, се согласи никогаш да не „прима, произведува или набавува“ нуклеарно оружје, да не дозволи странски војници да влезат во земјата и да не ја дава својата воена инфраструктура, вклучувајќи аеродроми и пристаништа, на друга земја на употреба. За возврат, Русија вети дека повеќе нема да ја напаѓа Украина. За да се осигури дека Киев е уверен во тоа, Москва се согласи дека петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН – САД, Велика Британија, Франција, Кина и самата Русија – можат да ѝ дадат на Украина сеопфатни безбедносни гаранции.