Фото: Пиксабеј

„Ролс-Ројс“ планира да направи реактор што ќе биде подготвен да го испрати на Месечината до 2029 година. Релативно мал и лесен во споредба со другите електроенергетски системи, нуклеарниот микрореактор се планира да може да обезбеди континуирана енергија без оглед на локацијата, достапноста на сончевата светлина и условите на Месечината

БРИТАНСКАТА ВЛАДА ОДОБРИ ПРОЕКТ ЗА ИЗГРАДБА НА НУКЛЕАРЕН РЕАКТОР ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СТРУЈА НА МЕСЕЧИНАТА

Британскиот „Ролс-Ројс“ доби зелено светло од британската влада за изградба на нуклеарен реактор за идна база на Месечината. Во соопштението за печатот со кое ја објави одлуката, Вселенската агенција на Велика Британија официјално потврди дека „’Ролс-Ројс’ е избран како производител на избор за изградба на прототип на нуклеарен реактор за потенцијална база на Месечината“. Научниците и инженерите во компанијата развиваат истражувачка програма за она што го нарекуваат микрореактор, кој би требало да биде минијатурен приклучок, реактор (лесен за транспорт и поврзување), кој на крајот ќе обезбеди енергија за т.н. лунарна база.
– Британската вселенска агенција најави ново финансирање од 2,9 милиони фунти за проект што ќе овозможи првична демонстрација на лунарниот модуларен нуклеарен реактор на Велика Британија – се наведува во соопштението на владата на Британија.
Интересно за издвојување е дека ова е вторпат во една недела (изминатата недела) Британците да го изберат „Ролс-Ројс“ за изградба на нуклеарен реактор. Истата компанија треба да управува со мал реактор за нови нуклеарни подморници како дел од трилатералниот договор АУКУС (AUKUS) меѓу Велика Британија, САД и Австралија.
Брендот „Ролс- Ројс“, најпознат како производител на луксузни автомобили, постои 118 години. За време на Првата светска војна, освен автомобили, произведуваше и мотори за авиони. Тоа го прави и денес, а малите нуклеарни реактори се нешто со што компанијата експериментира само во последните неколку години. „Ролс-Ројс“ планира да направи реактор што ќе биде подготвен да го испрати на Месечината до 2029 година. Релативно мал и лесен во споредба со другите електроенергетски системи, нуклеарниот микрореактор може да обезбеди континуирана енергија без оглед на локацијата, достапноста на сончевата светлина и условите на Месечината.
Британскиот министер за наука, иновации и технологија Џорџ Фримен јасно даде на знаење дека оваа инвестиција има смисла по претстојната лунарна мисија на НАСА, Артемис, и дека луѓето се враќаат на Месечината за првпат по повеќе од 50 години. Имено, преку американско-европско-јапонската програма Артемис, на крајот на оваа деценија треба да започне изградбата на првата вселенска локација што ќе може да смести екипаж и да орбитира околу Месечината. Таквата станица треба да биде чекор кон идејата за стационарна база на Месечината. Д.Ст.