Македонија, Бугарија, Романија и Црна Гора, сите членки на НАТО, деновиве излегоа со заедничка констатација, со која изразуваат голема загриженост за безбедноста во регионот. Кои се причините за ваквите сѐ погласни предупредувања за можни безбедносни ризици на Балканот и колку тие допираат до челниците на ЕУ, кон кои и се упатени?
И ЧЛЕНКИ НА НАТО СТРАВУВААТ ЗА СВОЈАТА БЕЗБЕДНОСТ
Војната во Украина е најдобрата потврда дека е можен конвенционален воен конфликт на територијата на Европа дури и во 21 век, што несомнено предизвика сериозна загриженост кај повеќе земји околу можните безбедносни ризици што може да ги предизвика овој конфликт, особено на просторот на Балканот.
Токму безбедносните ризици беа во фокусот на неодамнешната средба на премиерите на Македонија, Бугарија, Црна Гора и на Романија, кои упатија јасна порака до Брисел да не ги затвора очите пред предизвиците што може да произлезат од украинската криза.
Она што во контекст на ваквата нивна изјава се наметнува како дилема пред пошироката јавност е на какви безбедносни ризици мислат четворицата премиери, ако се има предвид дека Македонија, како и другите три земји што присуствуваа на средбата во Софија, се под чадорот на НАТО, кој е гарант на нивната безбедност. Ако се исклучи безбедносен ризик однадвор, тогаш безбедноста на една членка на НАТО би можела да биде загрозена само однатре, каде што Алијансата нема ингеренции да интервенира. Или со други зборови, кои се безбедносните ризици за Балканот и пораката што на овој начин се испраќа до Европа.
Не треба да се отфрли ниту опцијата дека зад оваа иницијатива стои и координиран настап на четирите земји, кои се наоѓаат во незавидна економска состојба и на овој начин сакаат навреме да укажат пред Брисел да не ги заборава при распределбата на економскиот колач што Унијата го најави заради подобро справување со кризата предизвикана од санкциите кон Русија.
Несомнено, најголеми економски штети од санкциите наметнати врз Русија поради војната во Украина, покрај Москва, ќе трпи и Европа, а сите согледувања на економските аналитичари укажуваат на тоа дека посиромашните земји на Европската Унија, вклучувајќи ги и земјите-кандидатки, тешко ќе можат самите да се справат со претстојната криза што ќе доведе до можна внатрешна дестабилизација.
Тука може да се бараат причините за ваквите изјави за потенцијални безбедносни ризици на Балканот, како еден вид притисок врз официјален Брисел да обрне повеќе внимание на посиромашните членки и земјите-кандидатки, оти многу лесно кризата може да доведе до социјално незадоволство што ќе резултира со политичка нестабилност, а сето тоа да предизвика внатрешни поделби, можни превирања и создавање нови нестабилни подрачја на европска почва.
Од тој аспект, укажувањата и притисокот што го вршат Романија, Бугарија, Македонија и Црна Гора кон Европа под превезот на безбедносни ризици има оправданост, имајќи ги предвид кревките економии на овие држави и неможноста да се справуваат со вакви големи економски шокови.
Дополнително, балканските лидери играат и на картата на чувствителноста на Европа за безбедносните прашања, особено сега кога на нејзина територија веќе се води војна, а Балканот во минатото покажа дека може да продуцира исклучително крвави конфликти, кои подоцна тешко се смируваат.
Од друга страна, реакцијата што во моментот доаѓа од страна на Европската Унија на ваквите предупредувања е речиси никаква бидејќи Брисел и натаму повеќе се грижи како да ги задоволи апетитите на постарите и помоќни земји-членки, па така ја креира и својата политика.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека не можат да се исклучат безбедносните ризици на Балканот, но не очекува Брисел да обрне премногу внимание на нив.
– Не сум сигурен колкав ќе биде импактот од Брисел на предупредувањата околу безбедносните ризици што ги изнесоа четворицата премиери на средбата во Софија. Она што е извесно е дека Брисел само ќе нотира дека има предупредувања за безбедносни ризици, но не очекувам некоја драматична реакција. Од друга страна, не може да се исклучи и компонентата преку ваквите безбедносни предупредувања, всушност, да се оди на некаков притисок врз ЕУ да им помогне на кревките економии на овие држави – вели Боцевски.
За него во моментот реални безбедносни ризици постојат за Бугарија и Романија, додека Македонија и Црна Гора не се директно загрозени.
– Една е ситуацијата со Романија и Бугарија, кои излегуваат директно на Црно Море, а таму речиси секој ден се наоѓа понекоја пловечка мина во морето, има воени операции на руската морнарица, така што нормално е да се предупредува на безбедносни ризици. Македонија и Црна Гора се малку подалеку од овие воени дејства, но секако имаат договорни обврски како членки на НАТО. Сметам дека секој ваков активизам за приспособување на политиките во моментов е добар – вели Боцевски.
Тој додава дека рамката во која треба да се зборува за безбедноста на Балканот и воопшто за секаква соработка треба да ги вклучува сите земји од регионот.
– Оваа рамка треба да ги вклучува сите, и тие што се членки на НАТО и тие што не се, како Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Албанија, како и Турција – појаснува Боцевски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека не може да се каже дека само воениот ризик е безбедносен, туку дека постојат и друг тип безбедносни ризици.
– Ако зборуваме за воен ризик, тој е минимален. Но не значи дека не постојат безбедносни ризици. Прво може да има безбедносен ризик во смисла на дестабилизација, бидејќи некои политички центри работат на оневозможување на евроатлантските интеграции. Потоа постои безбедносен ризик од дезинформации преку ширење лажни вести што можат да доведат до вкупна дестабилизација. Постои безбедносен ризик ако во јуни нема решение со Бугарија и ако Албанија и Македонија се одвојат, Тирана ако ги започне преговорите, Скопје не. Такви безбедносни ризици постојат, воени не – вели Арсовски.
Според него, Европа во овој момент е целосно преокупирана со Украина и со самата себе, па затоа не може да се очекува од неа да одговори на барањата на земјите од регионот.
– Постои некој обновен интерес кај Европа за евроинтеграциите на Балканот, но тоа не значи дека ќе прават нешто прекутрупа, односно ќе прескокнат некоја процедура и ќе прават нешто невообичаено – заклучува Арсовски.
Петровска: Нашата безбедносна состојба е стабилна
Македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска тврди дека безбедносната состојба во земјава е стабилна.
– Нашата безбедносна состојба е стабилна. Во моментот нема индиции за директни закани врз нас од безбедносен аспект. Засега не се регистрирани упади од аспект на хибридни закани или какви било посериозни дејства, но повеќе институции во државата што се задолжени дневно известуваат и се справуваат со некои помали облици на такви појави – изјави Петровска, по презентацијата на новиот интерен систем за управување со јавните набавки во Министерството за одбрана.
Таа уште додаде дека една од големите клучни придобивки од членството во НАТО е што Македонија има капацитети да ја гарантира сопствената безбедност, но и е дел од колективниот систем за безбедност на Алијансата.