Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во периодот јануари-јуни годинава се увезени вкупно 21.307 возила, од кои 19.552 се автомобили, 1.634 се камиони и 121 автобус. Од увезениот возен парк, најмногу од нив се внесени од странство како веќе користени, половни возила. Од увезените автомобили, 4.862 се нови, додека 14.690 се половни. Изразено во проценти, 24,9 отсто од увезените автомобили се внесени како нови, додека преостанатите 75,1 отсто се половни. Тоа значи дека три четвртини од возниот парк што бил довезен во Македонија се претходно амортизирани во странските земји

Прашањата за половните моторни возила како повод

Македонија е една од земјите чии граѓани најчесто купуваат половни возила од Германија, од каде што се верува дека се купуваат поквалитетни и позачувани автомобили, но секако и поевтини. Таквата ситуација е шанса и за препродавачите на моторни возила, па честопати им ставаат нереални цени во желба за кратко време да обезбедат поголема заработка. Германија е еден од најголемите пазари од кои се увезуваат половни автомобили во Македонија. Таму цените на половните возила седми месец се во опаѓање, а каква е состојбата во земјава?

ПАЃААТ ЦЕНИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА, НО НЕ И ВО МАКЕДОНИЈА

Малиот но континуиран пад на цените на половните возила во Германија не се пресликува и кај нас. Овој тренд речиси и не се забележува во земјава, иако од второто тримесечје кај нас пристигнуваат нешто поевтини половни возила од Германија. Ниту заситеноста на локалниот пазар со половни автомобили и полните полигони на прекупците не влијаеја на цените.
Но, според најавата на автомобилските експерти, цените на половните автомобили во Македонија забавуваат, а во наредниот период може да се очекува стагнација или мал пад. На тоа, како што додаваат, освен извесно намалување на цената на овие возила во Германија, влијае и нивната помала продажба кај нас. Според нив, состојбата на германскиот пазар на половни автомобили има најголемо влијание врз нашиот пазар.
Анализата направена на една специјализирана веб-страница токму за овој феномен покажува дека просечната огласена цена на половни автомобили во првата половина од годинава е за 5,3 отсто повисока во однос на истиот период лани, додека во истиот период падот на продажбата е помал за 5,6 отсто. Исто така треба да се има предвид дека автомобилите често не се продаваат по огласената цена и дека на крајот таа е вообичаено пониска.
И сопствениците на автоплацеви што продаваат половни возила од европските земји велат дека цената на автомобилите во Македонија не паѓаат, туку, напротив, се чувствува мал раст. Сопственик на автоплац што продава само половни возила со стандардот еуро 6 вели дека тие автомобили малку поскапеле.
– Нашиот плац, најголем дел од половните автомобили увезува од Франција, а таму цените се главно непроменети, но некои и малку се зголемуваат – изјави тој и додаде дека освен таа ситуација, на малото зголемување на цената на тие возила во земјава влијае и поскапувањето на превозот. Тоа се случи поради поскапеното гориво, но и поради тоа што транспортерите не сакаат да возат надвор од ЕУ поради долгото чекање на границите, па сега сѐ помалку од нив увезуваат автомобили во Македонија.

КОЛКУ ВОЗИЛА СЕ УВЕЗЛЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Најбараните модели во неговиот плац се движат од 10.000 до 13.000 евра, додека најскапото користено возило чини околу 28.000 евра.
Според познавачите на ситуацијата, најмногу користени автомобили во земјава се увезуваат од Германија, а потоа следуваат Италија, Франција и Швајцарија. Неодамна, како што велат, некои почнале да увезуваат од Норвешка, ги нема многу, но и таа линија се развива. Причината за тоа е што во таа земја граѓаните масовно се префрлаат на електрични возила и ги продаваат автомобилите што ги возеле, па понудата е голема.
– Најголем број увезени половни автомобили со еуро 3 и 4 се од Германија. Дизелите доминираат, иако таа бројка се намалува во корист на бензинците – вели познавачот.
Иако во план е да се забрани увоз на возила под еуро 5, таа одлука сѐ уште не е во сила. Владата треба да направи анализа, па да донесе одлука.
Инаку, од година на година расте интересот на Македонците за купување возила иако најголемиот број купени автомобили се половни. Според неодамнешните податоци на Царинската управа на Македонија, голем е растот на бројот на увезени возила од странство во првите шест месеци од годинава.
Во периодот јануари-јуни годинава се увезени вкупно 21.307 возила, од кои 19.552 се автомобили, 1.634 се камиони и 121 автобус. Од увезениот возен парк, најмногу од нив се внесени од странство како веќе користени или половни возила.
Од внесените автомобили, 4.862 се нови, додека 14.690 се половни или, изразено во проценти, 24,9 отсто од увезените автомобили се внесени како нови, додека преостанатите се половни. Тоа значи дека три четвртини од возниот парк што бил доведен се претходно употребувани во странските земји.
Експертите велат дека допрва се очекува бум и на кинеските компании што продаваат нови возила, што би можело да се одрази со пад на цените на автомобилите.

КАКО ДА НЕ ГО ВОЗИМЕ ЕВРОПСКИОТ КРШ

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика од 2020 година, Македонците возат стари автомобили, односно по нашите улици го возиме кршот на Европа. Просечната старост на регистрираните автомобили и автобуси лани беше 19,5 години.
Во делот на автомобилите, просечната старост денес е зголемена минимално, во споредба со пресметаните 19,4 години во 2020 година. Статистичките податоци за годината на производство на возилата со регистарски таблички што сообраќаат во Македонија се исто така алармантни. Од речиси 550.000 возила што се регистрирани во земјава, дури 387.373 се произведени пред 2007 година, односно се постари од 14 години и со тоа имаат пониски евростандарди на моторот во делот на испуштањето штетни гасови во атмосферата. Притоа, по македонските улици се движеле 350.000 автомобили, 1.801 автобус и 22.537 камиони произведени пред 2007 година.

ЕУ ЌЕ ЗАБРАНИ ИЗВОЗ НА ПОЛОВНИ ВОЗИЛА?

Европската Унија веќе најави дека размислува да го забрани извозот на половни автомобили од нејзините земји членки. Тоа значи дека Македонците повеќе нема да можат да увезуваат половни возила од Германија, Италија, Франција, но и од Бугарија.
Според пишувањата на медиумите, Европската комисија на почетокот на јули подготвила предлог половните возила да не можат веќе да се извезуваат и продаваат надвор од ЕУ. Комисијата предлага уредба со која ќе се заменат постојните директиви на ЕУ за отпадни возила и можноста за нивна повторна употреба и рециклирање. Тоа значи дека половните возила би потпаднале под категоријата на возила со „изминат век на користење“. Во Европа и денес по шест милиони возила годишно се вклучуваат во таа категорија, но се стравува дека со новиот предлог на ЕК дефиницијата на овој поим ќе биде поригорозна.
Засега нема дополнителни детали од ЕУ во однос на предложената регулатива од Европската комисија, иако се посочува дека новите прописи би го намалиле испуштањето на јаглерод диоксид во воздухот за 12,3 милиони тони до 2035 година.


Занимливости: Колку автомобили има во светот?

Во светот има околу 1,5 милијарда автомобили, односно на секои 5,5 луѓе во просек доаѓа по еден автомобил. Несомнено, повеќето се лоцирани во Азија, но има само една земја во светот што во просек изнесува повеќе од еден автомобил по жител.
Најновата статистика, која ни покажува колку автомобили моментално се движат во светот, ја објави сајтот „Јалопник“, кој пак се повикува на „Хеџис енд компани“.
Пред сѐ, треба да се забележи дека воопшто не е лесно да се одреди точниот број на автомобили. Тоа е статистичка процена. Според тие податоци, во светот има околу 1,5 милијарда автомобили. Интересно е што бројот на автомобили во светот е двојно зголемен во однос на 2006 година. Ако се земе предвид фактот дека во светот живеат околу 8,067 милијарди луѓе, на секои 5,5 луѓе во просек има по еден автомобил.
Во Азија има 543 автомобили, а по неа е Европа, со вкупно 413 милиони. Само во ЕУ има 288 милиони автомобили, а 125 милиони се во земји што не се членки на ЕУ. Северна Америка има 358 милиони автомобили, од кои огромното мнозинство (292,3 милиони) се регистрирани во САД. Во Африка има околу 26 милиони автомобили, а интересно е што на Антарктикот има само педесет.
САД имаат најмногу автомобили на илјада жители (710 на илјада жители). Следува Европа со 520 автомобили на илјада жители.
Во случајот со земјите, има само една во целиот свет каде има повеќе од еден автомобил по глава на жител. Тоа е Сан Марино со сооднос од 1,3 автомобили по глава на жител. Следат Кнежеството Монако (0,91 автомобил по глава на жител) и Нов Зеланд со 0,9 автомобили по глава на жител. На другиот крај на рангирањето е Демократска Република Конго, која има само 0,004 автомобили по жител или Пакистан (0,02 автомобили по жител), Виетнам и Кенија (0,3 автомобили по жител).