Фото: Архива

Во однос на правните дејства во државата што би произлегле од резултатите на пописот, како клучно се наметнува прашањето дали како релевантни за политиките и проекциите за економскиот развој на Македонија ќе се земаат предвид бројките на резидентното или на вкупното население, односно заедно со нерезидентното

Пописот како генератор на длабоки предизвици за Македонија

Како што одминува времето од објавувањето на резултатите од пописот на македонското население, така излегуваат на површина нови предизвици создадени од „иновативноста“ во методологијата на попишувањето. Едно од таквите се темата и третманот на „резидентното и нерезидентното население“.

Нетипична методологија на попишување на резидентно и нерезидентно население

Наместо да се создаде појасна слика, попишувањето „резидентно и нерезидентно население“ како да создава дополнителна конфузија и во статистиката и во политиката. Од Државниот завод за статистика, кој го спроведе пописот, речиси секојдневно објавуваат корекции на некои резултати, а различни субјекти во Македонија регистрираат пропусти и поднесуваат нови забелешки. Една од „техничките грешки“ за која се извини ДЗС е пермутацијата на податоците за бројот на лицата што се изјасниле како „евангелско протестантски христијани“, кои биле запишани како „атеисти“. Со тоа се покажа дека речиси 25 пати е поголем реалниот број на атеисти во земјава од бројот што првично беше објавен во резултатите од пописот. Во првичниот сет податоци од пописот што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС) беше запишано дека вкупно 355 лица се изјасниле како атеисти, но сега е направена корекција и нивниот број е за 24,7 пати поголем, односно како атеисти во земјава се запишани 8.764 лица.
Сепак, она што најмногу предизвикува реакции на недоумица, забуни и парадоксалност е броењето резидентно и нерезидентно население, односно претпоставката за целите и ефектите што носат политички импликации со попишување преку ваква нетипична методологија според стандардите на Евростат и препораките за попис на Обединетите нации.
– Никаде во светот не се врши попишување резидентно и нерезидентно население, зашто според стандардите на Евростат и на Обединетите нации, нерезидентното население влегува во пописната статистика на земјата каде што живее подолго од 12 месеци. Тоа на некој значи дека тие лица се двојно или тројно попишани, во зависност колку државјанства имаат. Идејата да се направи евиденција на сите македонски државјани не се совпаѓа со меѓународните стандарди за спроведување попис. Различно е евидентирање бројност и попис на население. Инаку, за првпат, методологијата за спроведување на пописот не беше дел од Законот за попис, туку е донесена со акт на директорот на Државниот завод за статистика. Притоа, таквиот акт предвидува законска условеност за врзан потпис со заменик-директорот на ДЗС, што беше сигнал дека е оставен простор за манипулации со пописните резултати – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес и пратеник во првиот собраниски состав од независноста на Македонија.
Според Петров, индикативна е долготрајноста на самопопишувањето на нерезидентното население, кое практично траело седум месеци од 1 март до 30 септември 2021 г., наместо првично предвидените четириесетина дена (од 1март до 21 април 2021 година), пред да биде одложен претходно договорениот термин за попис од 1 април, минатата година. Уште поголема конфузија околу бројноста на нерезидентното население создаваат податоците презентирани по завршувањето на пописот, на 30 септември 2021 г., и оние покажани на 30 март, годинава. Имено на 30.9.2021 било соопштено дека попишаното нерезидентно население изнесува 204.805 лица, додека на 30.3.2022 – е соопштена бројка од 260.606 лица. Со оглед дека апликацијата за самопопишување станала недостапна по 30.9.2021, некои политички субјекти го поставија и прашањето кога се додадени околу 60.000 лица во крајниот резултат од пописот.
Поврзано со „неконзистентноста“ на бројките за нерезидентното население во пописот, Петров потсетува на некои случувања и состојби, кои му претходеа на спроведувањето на пописот, како 100.000 исчезнати изводи за родени (со сериски број) од службата при МВР за водење матична евиденција, како и измената на Законот за државјанство во Македонија, донесен непосредно пред започнување на попишувањето, во август, минатата година. Освен тоа, тој не ја отфрла и можноста за непровереност на состојбата за двојно попишување на нерезидентното население – и со самопопишување, и на теренското попишување.
Реакции за недефинираноста на нерезидентното население дојде и од партијата Алијанса за Албанците, која оценува дека поради недефинирањето на нерезидентното население во соодветни општини и адреси, Албанците може да ги загубат колективните права во некои локални заедници. Според нив, во Кичево, Албанците може да го загубат правото за употреба на националното знаме. Оваа партија го повикува Заводот за статистика да излезе со детални податоци за нерезидентното население.
– Необјавувањето на живеалиштата на лицата од дијаспората одигра негативна улога во прикажувањето на реалниот процент на етничките заедници во државата. Ова ги загрозува колективните права што ги уживавме досега. Во Кичево процентот на Албанци падна под 50 отсто и тоа ја загрозува употребата на националното знаме. Се манипулира со резултатите од пописот и за тоа сведочат неоспорните факти за кои надлежните ќе треба да дадат објаснување – изјави Наим Бајрами од Алијанса за Албанците.

Уставни измени поради погрешна методологија и третман на нерезидентите?!

Во однос на правните дејства во државата што би произлегле од резултатите на пописот, како клучно се наметнува прашањето дали како релевантни за политиките и проекциите за економскиот развој на Македонија ќе се земаат предвид бројките на резидентното или на вкупното население, односно заедно со нерезидентното.
– Во принцип, пописот, кој е со многу неконзистентни, фалични резултати, спорна методологија, што имплицира на манипулации, не може да произведе правно дејство. Во наредната фаза на обработка на податоците, важно е дали нерезидентното население ќе биде распоредено според адреси по општините, што би создало нереална, невистинита слика за етничкиот состав. Врз основа на тоа нерезидентно население, може да се случи повеќе општини да треба да станат законски двојазични, што може да имплицира процес за иницијативи таквиот тренд да се преслика и во Уставот, за измена на членот 7, став 1, со кој македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е официјален јазик во Македонија и во меѓународната комуникација. Понатамошниот третман на нерезидентното население забележано во пописот, секако, ќе влијае на притисокот на иницијативите за издигнување на албанскиот јазик како уставна категорија. Голем е предизвикот пописот како статистичка операција да се претвори во политичка – вели Тодор Петров.
Кога станува збор за планирањата и креирањето развојни политики на државата, врз основа на пописните резултати, демографот Дончо Герасимовски е категоричен дека во согласност со меѓународните стандарди и практики, тоа се прави според податоците за резидентното население во земјата.
– Сите пресметки, проекции и анализи за политиките што ги планира државата се прават врз основа на податоците за резидентното население. И економските параметри, како на пример БДП се пресметува според жител на резидентното население, проекциите за даноците, образованието, здравството се прават врз таа основа. Сите глобални процени и пресметки се прават врз основа на примерок од резидентите. Попишувањето на нерезидентното население отвора многу прашања – кое е всушност тоа нерезидентно население, односно опфатот на пописот. Кој е критичниот момент на завршено попишување, со оглед дека рокот за самопопишување беше продолжуван и предолго траеше…? Во секој случај, светската практика е дека државата ги креира своите политики и економски проекции врз основа на резидентното население – вели демографот Дончо Герасимовски.