Според очевидните искуства од терен на македонските туристички водичи, сѐ повеќе и сѐ почесто е забележливо на македонските локалитети, странските туристи и организираните групи да бидат придружувани само од нивните водичи од земјата од каде што доаѓаат, кои притоа ги презентираат историските приказни на Македонија според „нивно видување“. Најчесто тоа се случува со туристички групи од Бугарија, Турција, па и од Србија
Странски туристички водичи, раскажувајќи им на туристите, го прекројуваат нашето минато
Веродостојните историски приказни се исклучително важен дел од туристичката промоција на една земја. Иако туризмот во принцип се доживува како гранка на индустријата за забава и релаксација, сепак тоа е економски сектор што на светско ниво е регулиран со меѓународни стандарди и локални закони. Токму затоа и презентацијата на историјата на земјата, како дел од туристичката понуда треба да биде законски регулирана.
Но според активните искуства од терен на македонските туристички водичи со кои деновиве направивме низа разговори, сѐ повеќе и сѐ почесто е забележливо на македонските локалитети, странските туристи и организираните групи да бидат придружувани само од нивните водичи од земјата од каде што доаѓаат, кои притоа ги презентираат историските приказни на Македонија „според нивно видување“ или раскажуваат „приказни, митови, легенди или вистински настани, но прекроени онака како што се инструирани да го сторат тоа “. Најчесто, тоа се случува со туристички групи од Бугарија, Турција, па и од Србија.
Туристички водичи зборуваат што сакаат за Македонија, без никаква контрола и законски реперкусии од македонските институции
– Според постојниот Закон за туризам, организираните туристички групи што доаѓаат во Македонија треба да имаат договор со локална туристичка агенција, која ќе им обезбеди локален водич, кој би ги придружувал странските туристи на туристичките и историските локалитети и веродостојно би ги пренел историските и традиционални приказни поврзани со нив. Но, сѐ почесто, речиси редовно се случува организираните туристичките групи од странство, најчесто од Турција, Бугарија, па и од Србија, да го игнорираат актуелниот македонски закон за туризам и воопшто да не ангажираат локален водич. Речиси секојдневно низ Скопје, Охрид, Битола… се сретнуваме со групи туристи од овие земји, кои ги водат само водичите на патување од нивните земји, а притоа им ја раскажуваат својата верзија за историјата на Македонија. Практично, зборуваат што сакаат за Македонија, без никаква контрола и законски реперкусии од нашите македонски институции – алармира Димитар Кавраков, претседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници.
Проблемот, односно причините за ваквите состојби, кои се практично туристичко секојдневие во Македонија, Кавраков ја лоцира во тоа што институциите задолжени за регулирање на туристичкото работење си ја префрлаат надлежноста едни на други, односно секоја посебно се прогласува за ненадлежна.
– Регулацијата на секторот туризам во Македонија е под Министерството за економија. Кога укажуваме на неправилностите и прекршоците во туристичкото работење на странските туристички водичи низ Македонија, прво се обраќаме до Министерството за економија. Оттаму нѐ упатуваат кај Државниот пазарен инспекторат, кој може да испрати инспектор на местото на прекршокот, кој дури има надлежност да го казни странскиот водич што работи самостојно, без придружба на локален водич и да му го одземе пасошот додека не ја плати казната. Но досега ниту еден странски туристички водич што не го почитувал Законот за туризам на Македонија не бил казнет, што доволно говори за интересот и ангажманот за регулирање на ваквите појави од овие институции. Упатени сме и кај Туристичка инспекција на Град Скопје, како и до Инспекцискиот совет, но досега нема видливи резултати. Како Македонска асоцијација на туристички водичи и придружници дадовме иницијатива за состанок со сите овие институции, кои си ја префрлаат надлежноста и сега очекуваме одговор.
Повеќеслојна е штетата, но пред сѐ ширењето лаги за настани, знаменитости и личности од македонската историја пред нашите очи е – недозволиво
Во меѓувреме, соговорниците предупредуваат дека „продолжува да се прави економска штета и се прекршува законот на три начини“.
– Се загрозува работата на локалните водичи, односно им се оневозможува регуларна заработка од нивната професионална дејност, нема приходи во буџетот од казните што треба да им бидат изречени на странските водичи што не го почитуваат македонскиот закон за туризам, а притоа често од тие странски водичи лажно се презентира историјата на Македонија – вели Димитар Кавраков, а се прави ненадоместлива штета на угледот, имиџот, но и на идентитетот на македонскиот народ, историја, јазик, култура и традиција. Наместо македонската приказна, токму од овде, од Македонија, од колепката на писменоста, на културата, на христијанството итн. да се шири како концентрични кругови низ Балканот, Европа и светот со своите изворни вистини и вредности, ние дозволуваме пред нашите очи, во нашата земја и пред нашето историско наследство, да се ретушираат, преправаат и ревидираат историските вистини. Во најмала рака, оваа појава е недопустлива и треба да се спречи.
За разлика од практиката на „прогледување низ прсти“ на странските туристички водичи во Македонија, искуствата на македонските лиценцирани водичи, кога водат и придружуваат македонски туристички групи во странство, говорат за сосема поинаков пристап на целиот систем во државите во однос на почитување на туристичките регулативи.
– Речиси никаде во европските земји, па и во светот, водичот придружник на групата не смее да презентира пред својата група на туристички локалитет. За тоа мора да биде ангажиран локален водич, кој некаде се ангажира преку партнерска туристичка агенција, а некаде и директно преку Туристичкиот сојуз на земјата. Придружникот на групата може да им презентира историски приказни и факти на своите туристи, на пример во автобус, или подалеку од локалитетот, но ако биде забележан дека го прави тоа пред конкретен туристички локалитет (на пример: „Аја Софија“ во Истанбул, пред „Нотр дам“ во Париз, плоштадот „Сан Марко“, во Венеција, Акропол во Атина…), веднаш ќе биде и пријавен (најчесто од другите локални туристички водичи) и казнет на самото место од локалните власти (на многу места и полицијата има такви ингеренции). Дури и при влегување на туристичкиот автобус во која било европска земја, при рутинска контрола на полицијата, секогаш прашуваат и бараат документ за договор со локална туристичка агенција. Но, за жал, кај нас во Македонија, на таквите регулативи во туристичкото работење при посета на странски туристички групи сѐ уште не се обрнува потребното внимание. Особено што странските водичи знаат многу површно, но и произволно да ја претставуваат македонската историја. Не смее бугарски туристички водич, во Охрид да зборува дека тој е „бугарски центар на писменоста“, или грчки водич да кажува дека Егејска Македонија секогаш била грчка, кога историски е потврдено, дека до 1923 г., таму имало само 4 отсто грчко население… Голема е одговорноста на туристичките водичи во коректното и веродостојно претставување на историјата. И на својата, и на туѓата. Но, пред сѐ, во Македонија мора погрижливо од страна на институциите да се спроведуваат законските регулативи за туристичко работење и за странските субјекти – истакнува доајен на туризмот во Македонија, со децениско искуство и како туристички водич и сопственик на туристичка агенција.