Фото: Архива

ДЛАБОКИ РЕФОРМСКИ ЗАФАТИ КАКО ПРИОРИТЕТ ЗА СЕКОЈА ПОЛИТИЧКА ГАРНИТУРА

Без разлика која политичка гарнитура е на власт или во опозиција, слабостите во функционирањето на системот на државата постојно со години се повторуваат, па дури и се мултиплицираат. Токму ваквите состојби и аномалии се клучна причина зошто стагнираме, иако има тврдења дека се уназадуваме и се враќаме наназад.
Затоа е потребно целосно ресетирање на системот во сите сфери. Неопходни се итни реформи, сега и веднаш, во економијата, правосудството, образованието, здравството…
На тоа постојано укажуваат стручната јавност, бизнис-секторот, меѓународната заедница, медиумите итн. Кој е наредниот чекор? Веројатно, пред сѐ, сеопшта согласност дека конечно треба да почнат тие длабоки реформски зафати!

Кога компјутерот ќе заглави и не работи, прва и основна препорачлива опција е негово ресетирање. Македонскиот компјутер, односно државен систем (кој опфаќа институции, политички односи, економија, правосудство, образование, здравство итн) одамна не функционира како што треба и не работи во интерес на граѓаните. Без разлика која политичка гарнитура е на власт или во опозиција, слабостите во функционирањето на системот на државата се евидентни на секој чекор, тие често се повторуваат, па дури и се мултиплицираат.

Токму ваквите состојби и аномалии се клучна причина зошто постојано тапкаме во место, иако има тврдења дека се уназадуваме и се враќаме наназад.
Затоа е потребно целосно ресетирање на системот на државата во сите сфери. Неопходни се итни реформи, сега и веднаш, во економијата, во правосудството,образованието, здравството…

Зошто наше заедничко системско ресетирање?

Тоа е прва и основа задача со која треба да се зафатат надлежните. Да ги засукаат ракавите, да погледнат во сопствениот двор и да се фатат за работа и конечно да ја сработиме одамна зададената домашна задача. А тоа значи темелни реформи во сите области што живот значат за граѓаните, за да се постави државата на вистинскиот колосек. Единствено и само така ќе се отвори и патот кон ЕУ. Никако поинаку.
Сите досегашни флоскули дека божем нешто се прави се само празни изговори и барање алиби за покривање на неспособноста, а со тоа и покривање на одговорноста за уназадувањето на државата во сите сегменти.

Во меѓувреме, буквално секој ден и од сите страни пристигнуваат пораки и укажувања дека се повеќе од потребни итни реформи и целосно ресетирање на системот на државата. На тоа постојано укажуваат стручната јавност, бизнис-секторот, меѓународната заедница, медиумите итн.

Но, за жал, политичарите, од власта и опозицијата, сиве изминати години како да спијат на уши. До нив како да не допира лелекот на граѓаните за неодржливоста на ваквите состојби и неможноста да се живее во систем што, од ден на ден, од година на година, сѐ повеќе се распаѓа и разјадува однатре. Систем во кој политиката и партиски интереси се издигаат над сѐ друго и практично ја задушуваат државата.

Државен систем во кој министер за правда си зема за право да порачува (што може да се толкува и како препорака!?) дека не треба да се отвора Пандорината кутија, бидејќи во секој службен весник имало примери со непочитување на правото и законските одредби?! Со други зборови, министерот за правда практично кажува дека треба да продолжи принципот на неказнивост во државата, што и нѐ доведе до ова дереџе. Ваквата логика и ваквиот начин на функционирање нема да нѐ однесе никаде и потребни се итни реформи порачуваат аналитичарите.
– Тежнееме кон ЕУ, но ова што се случува во Македонија, во повеќе сфери, повеќе наликува на Див Запад. И последниот пример, кога со запалени гуми се блокираше патот кон Слупчане за надлежните служби да не можат да влезат во селото и да наплатат долг за украдена струја во милиони износи, само покажува до кој степен е доведена државата, како своевиден показател за нефункционалноста на системот – велат соговорниците.

Пораки за ресетирање на правосудството

Според нив, веќе сите изгубија верба во институциите на системот и тоа е апсолутно недозволиво за една демократска држава што тежнее кон ЕУ. Ваквите состојби мора итно да се променат.
– Мора целосно да се ресетира системот и да бидеме функционална правна држава во вистинска смисла на зборот. Правосудството мора од корен да се реформира, при што законите ќе важат еднакво за сите и нема да има привилегирани по ниту една основа. Нема стабилна држава и без здрава и силна економија, без средено јавно здравство, без реформирано и конкурентно образование. Во сите овие сфери се неопходни итни реформи доколку сакаме да нѐ биде како држава. Меѓународната заедница ги воочува сите аномалии и затоа со други очи нѐ гледа, односно нѐ третира како незрело и проблематично дете наместо како рамноправен и достоен партнер – велат аналитичарите..

Дека Македонија мора да продолжи со внатрешните реформи во сите сфери порачува и меѓународната заедница, која фокусот најмногу го насочува во потребата од реформа и ресетирање на правосудството. Токму изминатите години нашите партнери САД и ЕУ вложија најмногу пари и енергија во правосудството (процените се дека се влезени над една, две милијарди евра), но и покрај тоа нема никакви резултати.
И евроамбасадорот Дејвид Гир јасно порачува дека Македонија треба да се фокусира на реформите, особено во владеењето на правото.

Запрашан што доколку уставните измени не бидат донесени, Гир вели дека тоа е суверена одлука на државата, но тоа не значи дека ЕУ ќе исчезне.
– Тоа не значи дека ЕУ ќе исчезне. Ќе продолжиме да бидеме присутни, ќе продолжиме да ја поддржуваме државата, ќе продолжиме да инвестираме. Тоа не значи дека не треба да продолжите со реформите бидејќи тоа е сѐ уште најбрзиот пат до ЕУ – нагласува Гир.

Апели за ресетирање и на економијата

Силен апел за итни реформи и целосно ресетирање на економијата деновиве испрати и бизнис-заедница, како своевиден континуитет и на нејзините долгогодишни заложби, кои се во истата насока.
– Веќе триесет години се вртиме во маѓепсаниот круг и се наоѓаме пред период кога ни е потребно да се направат целосен пресврт и рестарт на целата економија. Наместо УЈП да објавува црна листа за тоа кој не плаќа данок, да почне да објавува бела листа, која ќе покаже кој го полни буџетот – порачува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Според анализата на комората, вкупно 33,2 отсто од бруто-домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија, што е речиси двојно повисоко од просекот на земјите-членки на Европската Унија, каде што изнесува 19,4 отсто од БДП.

Тоа се огромни, односно 1,3 милијарда евра изгубени приходи во државниот буџет, што е резултат на неефикасноста на системот на државата, оценуваат економските експерти.
– Сивата економија го поткопува и владеењето на правото, затоа што кога таа се толерира, практично воведувате неказнивост во системот и намалување на довербата на сите во земјата во владеењето на правото. Толерирањето на сивата економија во поголем обем и подолг временски период носи ризик во даден момент, тие што се дел од сивата економија на одреден начин да го преземат општеството со својата ментална матрица и со тоа да го преобликуваат во согласност со својот начин на размислување – предупредува потпретседателот на комората, Зоран Јовановски.

Стопанствениците бараат да се постигне договор меѓу сите релевантни субјекти во државата и наредните десет години да се постигне консензус целосно да се посветат на економијата.

Големи и итни реформи се неопходни и во сферите на здравството и образованието

Граѓаните постојано се жалат на лошите состојби во здравството, недостигот од лекови, долгото чекање, и по неколку месеци, за специјалистички прегледи, немањето терапија за одредени заболувања итн. Кога на ова ќе се надоврзат и огромниот одлив на кадар и заминувањето во странство токму во здравствениот сектор, станува јасно дека состојбата е повеќе од критична и дека се неопходни коренити промени и во здравствениот сектор.

Слична е состојбата и во образованието, кое одамна чека некој да го реформира. Но залудно. Затоа речиси постојно пред почетокот на секоја учебна година се соочуваме со истите проблеми на недостиг од учебници, конфузни и нејасни правилници и образовни програми итн.

Ѓорги Илиевски, просветен инспектор што добро ги познава состојбите во образованието и е автор на неколку книги од сферата на образованието, смета дека иако имаме законски решенија тие во пракса многу слабо се почитуваат.
– Теоретски имаме закони, но во пракса тие не се применуваат и затоа ни се случуваат доста незадоволителни ситуации во самите училишта. Сега кажуваат дека од септември повторно ќе нема учебници. Во меѓувреме министерот за образование се консултира со министерот за надворешни работи и со таканаречена историска комисија што да биде со учебникот по македонски јазик. Дали во шесто одделение да се изучува историјатот на македонскиот јазик, кој има своја генеза, или тоа да биде во седмо или осмо одделение? Прават такви некои работи што е недопустливо. Не смее да се дозволи некој да се изигрува со македонскиот јазик, ниту пак да се допушти негово непочитување – категоричен е Илиевски.

Тој смета и дека има премногу политика во самото образование, што треба да се искорени, или, со други зборови, немаме вистински луѓе на вистинско место.
Македонија навистина нема веќе време за губење. Сите индикатори и анализи покажуваат дека се потребни итни мерки за ресетирање на системот на државата со цел враќање на вистинските вредности, владеењето на правото, а пред сѐ и над сѐ инстантно носење нови економски политики и заживување на домашната економија.