По повеќе од 75 години од крајот на Втората светска војна, Германија продолжува и ден-денес да им исплаќа репарации на семејствата на жртвите од фашистичкиот режим признавајќи ја сопствената вина за холокаустот, додека Бугарија, иако со историски потврдено фашистичко минато, како членка на фашистичката оска, беше обврзана да исплати репарации за штетите предизвикани за време на војната, особено на територијата на Македонија, го одбегнува тоа и дури оди уште понатаму: бара да се ревидираат историските вистини и да не се споменува нејзиното окупаторско и фашистичко минато

Германија ги исполнува своите обврски произлезени од Втората светска војна, а Бугарија?

Околу 150 илјади еврејски жртви на нацистичкиот режим во следните денови од Германија ќе добијат итна финансиска помош во износ од околу 1.400 американски долари по лице, во знак на помош за излез од финансиските проблеми предизвикани од пандемијата на ковид-19.
Од друга страна, Бугарија на Македонија не само што не ѝ исплати никакви репарации за штетите предизвикани за време на Втората светска војна туку продолжува да го условува одблокирањето на нејзините евроинтеграции со целосно бришење на бугарското фашистичко минато во периодот од 1941 до 1944 година.
Сето ова е целосно контрадикторно со актуелните бугарски условувања ако се има предвид дека истата таа Бугарија како дел од силите на оската ја призна својата деструктивна улога и беше обврзана на поранешна ФНР Југославија да ѝ исплати репарации во висина од 650 милиони тогашни американски долари, во најголем дел поради штетите и жртвите предизвикани во Македонија.
За историчарот Тодор Чепреганов воопшто не е спорно Македонија да побара исплата на репарации од Бугарија бидејќи оваа земја претходно го признала учеството во фашистичката оска, а договорите за исплата на репарации не застаруваат.
– Тие договори за репарација остануваат да важат. Германија продолжува и денеска да исплаќа репарации, Грција за време на финансиската криза во земјата повторно го активираше прашањето за исплата на репарации од страна на Германија, така што и Македонија може да го направи тоа кон Бугарија, односно да го реактивира барањето за исплата на репарации врз основа на тој договор од 1945 година. Ако не ги платиле репарациите тогаш кога требало, треба и овој начин да го примениме и да ги потсетиме на нивната вистинска улога за време на Втората светска војна – смета Чепреганов.

Според него, Бугарија, притискајќи ја Македонија, се обидува целосно да го избрише сопственото фашистичко минато.
– Тоа што го прави Бугарија е безобразлук од нејзина страна. Сè е јасно, тие беа нацифашисти во Втората светска војна. Тие од тука ги испраќаа македонските Евреи во логорите. Сега сакаат да го исперат сопственото минато. Па на Париската мировна конференција договорите се склучувани со фашистичка Бугарија. Тоа е потврден факт. Ако ние го избришеме тој факт, тогаш се поставува прашањето дали ние воопшто сме имале антифашистичка борба ако тука немало фашисти. Ако не биле фашисти во Македонија, ќе излезе дека не биле фашисти ниту во Грција, ниту во Србија… Излегува дека биле само администратори и управувале со териториите. Ако не се фашисти, целата работа околу холокаустот се префрла врз Македонците, односно дека Бугарите биле само администратори, а македонските граѓани што работеле за таа администрација ги депортирале Евреите. Тие едноставно гледаат да се исперат од сите зла што ги направиле во Македонија и да го исперат сопственото фашистичко минато. Ако нема фашизам, нема да има ниту репарации. Тоа е тотално искривување на тезите – потенцира Чепреганов.
Професорката на Институтот за национална историја, Наташа Котлар, прстот го вперува кон македонuската држава, која, според неа, не одговорила на соодветен начин на бугарските провокации.
– Проблемот не е толку во тоа што ние не сме се повикале на одредени историски документации, договори, материјали со кои се одредиле репарации, туку проблем е тоа што ние во оваа држава немаме политичка волја и мудрост да ги активираме можностите што оваа држава ги има, а тоа се државните институции. Меѓу нив се и научните институции, кои тоа веќе го имаат проучено и направено за да биде во функција на едно идно политичко дејствување во насока на надворешната политика. Ние немаме проблем дали ќе се повикаме на овој документ или на оној документ, туку имаме проблем кој е тој што ќе се повика на определен документ – истакнува професорката Котлар.

Таа потсетува дека и во самата Бугарија постојат документи од нивното воено министерство во кои е наведено дека тие вршат окупација на овие простори, што е директна потврда на нивната улога тука.
– Проблемот е што кај нас никој не го поставува прашањето зошто се уништени оние релации меѓу научните институции и политичката номенклатура. Тука е проблемот. Не е прифатливо со толку научна продукција тука, да не може државата да изгради концепт со кој би се одбранила од бугарските напади – заклучува Котлар.


Македонците од Голо Брдо бараат извинување од Бугарија

Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), реагираше во врска со последното однесување на бугарската амбасада во Тирана, која се обидува на вештачки начин да ги прикажат Македонците како бугарско население.
– Жителите на областа Голо Брдо очекуваат официјално извинување од Бугарија за злосторствата извршени за време на Првата светска војна. Однесувањето на бугарската амбасада во Тирана, која ја користи сиромаштијата во областите каде што живее македонската заедница во Албанија, прикажувајќи ја како бугарска заедница, е примитивна перверзија и историско искривување на вистината – се наведува во реакцијата на МАЕИ.