Можеби примерот со дведецениската блокада на Македонија, најпрво од Грција, потоа од Франција, а сега и од Бугарија, е најдобриот показател како се користи членството во Унијата како инструментариум за наметнување блокади од позиција на (свои) причини за кои ќе процени дека се од интерес првенствено на својата членка. Сето тоа целосно го закочи процесот на проширување, а, што е уште полошо, со таквата манипулација со принципите на Унијата од страна на членките, земјите-кандидати почнаа да ја губат довербата во колективитетот како што е ЕУ, како кредибилен партнер што се држи до европските принципи и критериуми
Француско-германска работна група подготви извештај за нови предлог- принципи врз кои ќе функционира Унијата
Евентуалното внесување на Бугарите во Уставот во никој случај нема да ја откочи, а уште помалку ќе ја забрза европската интеграција на Македонија, а дека е тоа така најдобра потврда се заклучоците во извештајот на француско-германската работна група, во кои јасно се наведува дека не сите влади на земјите-членки на Европската Унија се согласуваат дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, Украина и Молдавија е геополитички неопходно и дека можеби би било корисно за сите да се дизајнира пат кон различни нивоа на интеграција и некаква форма на полабаво здружување на новите или актуелни земји-членки.
Очигледно фамозниот датум 2030 година што се лиферува во јавноста е всушност датумот до кога ЕУ планира да се реформира и да биде подготвена за нови проширувања, што во најдобар случај би значело дека идните пристапувања во Унијата би се случиле нешто пред 2040 година. Во меѓувреме, земјите-кандидати би биле сместени во европското „предворје“ или во Европската политичка заедница и таму би го чекале сопственото созревање за да бидат прифатени во елитниот клуб, ако воопшто некогаш се случи тоа.
Извесно е дека планот на францускиот претседател Емануел Макрон прво да се реформира Европската Унија, а потоа да се разговара за идни проширувања, почнува да добива некакви реални контури, а тоа може да се насети низ препораките дадени од страна на француско-германската работна група, со кои се предвидува, меѓу другото, и промена на консензуалното гласање во Унијата.
Македонија како показна вежба што треба да се поправи внатре во Унијата
Очигледно блокадата на надворешната политика на ЕУ токму поради употребата на правото на вето од страна на одделни земји-членки за задоволување билатерални прашања ја наметна потребата да се направат промени што во иднина ќе спречуваат вакви блокади, кои им штетат на европските интереси и ја компромитираат европската надворешна политика.
Кога станува збор за надворешната политика на Унијата, можеби примерот со дведецениската блокада на Македонија, најпрво од Грција, потоа од Франција, а сега и од Бугарија, е најдобриот показател како се користи членството во Унијата за наметнување блокади од лични национални причини за членките. Сето тоа целосно го закочи процесот на проширување, а, што е уште полошо, земјите-кандидати почнаа да ја губат довербата во ЕУ како кредибилен партнер што се држи до европските принципи и критериуми.
Поради тие причини, она што сега го предлага француско-германската работна група во делот на идните проширувања, освен гласање со квалификувано мнозинство за да се спречат блокади од лични национални причини за членките, предвидува уште осум други принципи што треба да го подобрат процесот на проширување. Прв е принципот на „почитување на основите“ – односно на Копенхашките критериуми. Потоа следува принципот на решени конфликти, кој предвидува земји да не можат да станат членки додека на нивната територија се води воен конфликт или имаат територијален конфликт со земја-членка. Следен е принципот на дополнителна техничка и финансиска помош на Унијата за спроведување на внатрешните реформи во земјите-кандидати, а петти демократскиот легитимитет на кандидатките. Предвиден е и принцип на еднаквост, поточно пристапните критериуми да бидат еднакви за сите.
Сите овие принципи што сега се предлагаат, всушност, се недоследностите со кои се соочи, но и натаму се соочува Македонија. Имено, земјава е спречена да ги почне преговорите со ЕУ во согласност со Копенхашките критериуми, туку мора да преговара врз основа на протоколи оптоварени со идентитетски, јазични и историски прашања што се дел од преговарачката рамка. За да може Македонија да го отвори кое било преговарачко поглавје, мора претходно протоколот да биде потпишан од бугарските власти. Понатаму, од ниту една земја-членка во времето кога преговарала со Унијата не се барало да интервенира во сопствениот устав по барање на друга земја-членка. Тоа е нарушување на принципот на сувереност и мешање во внатрешните работи. Клучен момент на кој се осврнува работната група е принципот на еднаквост, односно пристапните критериуми да бидат еднакви за сите, што повторно не е случај со Македонија, што говори дека француско-германската работна група добро и прецизно ги забележала сите пречки со кои се соочила земјава и сето тоа го преточила во принципи што во иднина би спречиле нешто слично да ѝ се повтори на некоја друга земја-кандидат.
ЕУ не е подготвена за нови проширувања до 2030 година
Дополнително, француските и германските експерти предлагаат и оневозможување на новите членки да го блокираат пристапот на другите кандидати, на тој начин што во нивните пристапни договори ќе биде вметната посебна клаузула. Покрај тоа, пристапувањето би било разгледувано само откако би бил решен билатералниот спор.
– Новите фази треба да бидат одобрени од квалификувано мнозинство за да се избегне поединечни земји-членки да го блокираат напредокот од национални причини. Конечната одлука за фактичкото пристапување на секоја земја-кандидат мора да биде направено со „двојна едногласност“ на сите земји во Европскиот совет и национални ратификации на пристапниот договор – се наведува во документот на работната група.
Исто така, работната група вели дека ЕУ самата не е подготвена да прими нови членки и препораката е да се постави цел за двете страни (ЕУ и земјите-кандидати) да бидат подготвени за проширување до 2030 година.
– Диференцијацијата може да доведе до четири нивоа на европска интеграција, составени од внатрешен круг (длабока интеграција во области како еврозоната и шенген), самата ЕУ, поширок круг со придружни членки, дозволувајќи учество во единствениот пазар и придржување до заедничките принципи, и конечно Европската политичка заедница, како надворешно ниво на политичка соработка без обврска за придржување кон законите на ЕУ – се наведува во извештајот објавен во понеделникот.
Во него се додава уште и дека не треба да се смета на ново проширување, бидејќи самата ЕУ не е подготвена за такво нешто.
– Европските лидери ја обновија посветеноста на проширувањето со оглед на сè понеповолниот меѓународен контекст. Украина и Молдавија им се приклучија на досегашните осум земји-кандидати, а наскоро може да има уште две. Сепак, ЕУ самата не е подготвена да прими нови членки. Институциите и механизмите за носење одлуки не се дизајнирани за група од 37 земји, а и сега е тешко за 27-те земји-членки да менаџираат со кризи и да носат стратегиски одлуки – се истакнува во извештајот.
Македонија треба да носи мудри, а не избрзани одлуки
Врз основа на заклучоците и препораките на работната група, може да се констатира дека фамозната 2030 година не е годината кога Македонија и земјите од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ, туку датумот откога ќе почне да се работи на процесот на проширување, односно суштинските преговори за членство ќе започнат по 2030 година, откако претходно ЕУ ќе се реформира. Она што може јасно и недвосмислено да се заклучи од извештајот на работната група, тоа е дека прво ќе следува реформа, а потоа проширувања, односно нема да има паралелен процес.
Овдешната јавност се согласува дека е добро што во ЕУ постојат некое размислување и тенденции да се подобри функционирањето во насока да не се случуваат бесмислени блокади и уцени, но истовремено македонската јавност е повеќе од свесна дека овој процес, кога и да се случи, нема да донесе некаква бенефиција за земјава, бидејќи пред пристапувањето во Унијата, повторно секоја земја одделно ќе мора да го ратификува пристапниот договор. Тоа значи дека Македонија низ целиот преговарачки процес ќе мора да ги усогласува политиките со оние на официјална Софија, оти, во спротивно, на крајот повторно нема да стане членка на ЕУ без конечно одобрување во бугарското Народно собрание.
Затоа евентуалното внесување на Бугарите во македонскиот устав ќе биде првиот бугарски услов, по што ќе следува и условот за целосно спроведување на Договорот за добрососедство и пријателство и обврските во протоколите. Тоа неодамна го соопшти и бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел, која потсети дека сè што е содржано во овие три услова, Македонија мора да го испорача.
– Постои огромна дискусија во Европа што ќе се случи понатаму со проширувањето. Тоа не значи дека нема момент за проширување, туку има момент за разговори како да се проширува ЕУ и како да се реформира за да биде подготвена за прием на земји-членки. Во самиот тој документ на работната група има алтернативи, тоа не е дефинитивно како ќе биде – вели поранешниот заменик за локална самоуправа и новинар Зоран Димитровски во гостувањето на телевизија Алфа.
Според него, ова што сега го предлагаат експертите од француско-германската работна група е долг процес, кој можеби никогаш и нема да се случи.
– Реално, тоа е многу тешко да помине, бидејќи земји-членки се противат, а вие не можете без консензус да го направите тоа. Тоа значи дека е потребна промена на Договорот од Лисабон. Ако има промена на Лисабонскиот договор, таа ќе трае неколку години додека се усогласи. Затоа има гласови во Брисел и во центрите на земјите-членки во ЕУ што велат дека мора да се направи некаква трансформација што нема да значи промена на Договорот од Лисабон, оти ако се прави тоа, реформата на ЕУ никогаш нема да се направи. Патем, тие прашања за промена на Договорот од Лисабон кај одредени земји-членки одат и на референдум. Тоа е долг период на усогласување. Но, тука се клучни Макрон и она што го застапува Франција, а кое кај нас од страна на власта се толкува на поинаков начин. Клучно е дека без реформа на ЕУ, тие не би го почнале проширувањето. Тука слушаме дека тој процес ќе тече симултано, и реформите и проширувањето – истакнува Димитровски.
Анализирајќи ги насоките дадени од работната група, тој појаснува дека дури и да се усвои гласањето со квалификувано мнозинство, тоа нема ништо да смени за Македонија.
– При крајното гласање за прием на земјите-кандидати, тоа квалификувано мнозинство нема да важи, туку повторно гласањето ќе биде од секоја земја-членка одделно. Во тие планови за трансформација на ЕУ се споменува и можноста за второстепени членки, без право на вето, без еврокомесари и слично. Ако ЕУ се проширува со земјите од Западен Балкан како второстепени членки, тогаш ние на таа маса нема да бидеме рамноправни со Бугарија. Ние ќе бидеме понижувани не само во текот на преговорите туку и во текот на тоа членство, десет години ќе бидеме понижени од нашите негатори. Дали ние сакаме такво членство каде што ќе бидеме понижувани? Дали ние одиме во клубот каде што ќе бидеме рамноправни, каде што ќе се почитуваме меѓу себе со другите земји-членки или одиме однапред со сознанието дека ќе бидеме понижени – прашува Димитровски, анализирајќи каде ќе ја одведе земјава преговарачката патека што ѝ ја наметна официјална Софија, а која и доколку ЕУ се реформира, повторно ќе биде трнлива и полна со пречки.