Речиси две децении по големата територијална реорганизација на општините во Македонија, во Министерството за локална самоуправа се работи на нов модел на територијална организација и на локалната самоуправа, со кој се предвидува намалување на бројот на општините, како и намалување на бројот на планските региони. Реорганизацијата на локалната самоуправа, особено преуредувањето на територијалните граници на општините, според познавачите на политичките состојби во Македонија, многу очекувано е да предизвика тектонски процеси и реакции меѓу политичките субјекти, но и во општиот политички амбиент во државата. Најчувствителниот предизвик за каква било реорганизација на локалната самоуправа е излегувањето накрај со т.н. „етнички клуч“, со кој се направија низа тешки недоследности кај општините, кои до денес влечат негативни рецидиви
Нов модел на територијална организација на локалната самоуправа
Во Министерството за локална самоуправа се работи на нов модел на територијална организација и на локалната самоуправа, со кој се предвидуваат намалување на бројот на општините и намалување на бројот на планските региони. Новиот модел на територијална организација и на локалната самоуправа би имала три клучни фундаменти: поголема ефикасност во работењето на самата локална самоуправа (општинската власт), потоа локалната самоуправа да има многу подобра соработка со централната власт и, трето, но не најмалку важно, да се креираат амбиент, механизми, модели и инструменти што ќе бидат многу повеќе во функција на подобрување на живеењето на локалното население.
Според актуелниот министер за локална самоуправа Ристо Пенов, теоретски реализацијата на проектот би можела да биде спроведена до крајот на 2024 година. Меѓутоа, за жал, политичките теми и амбиентот што доминираат подолг период во македонското општество, не оставаат простор за очекување дека измените на Законот за локална самоуправа брзо ќе дојдат на дневен ред во Собранието. Прашањето станува уште посложено ако се знае дека треба да биде мобилизирано двотретинско и Бадентерово мнозинство за нивно усвојување.
Не се изгради механизам преку кој општините успешно ќе управуваат
со сопствените ресурси, капацитети и финансии
Сегашниот модел и територијална организација на локалната самоуправа во практиката покажуваат хронични слабости, кои се одразуваат преку финансиска нефункционалност на одредени помали општини, што, пак, влијае и како создавање непредвидени предизвици за кои треба да бара решение и централната власт.
– Принципиелниот став, од кој се водевме при организацијата на општините пред дваесетина години, дека на локалната самоуправа треба да ѝ се дадат максимални права за подобра организација и функционалност на животот на граѓаните, се соочи со реалната состојба дека немаме доволно изграден механизам преку кој локалните заедници можат да управуваат на задоволителен и одржлив начин со сопствените ресурси, капацитети и финансии. Многу брзо се покажа дека кога ќе се насети можноста за некаков профит од одредена одлука, на локалните самоуправи лесно прифатливо ѝ е да функционира надвор од секакви правила и стандарди. Тоа највидливо е во урбанистичката „нестандардизираност“ (особено во Скопје), кога на општините им се допушти да издаваат градежни дозволи. Една од најзабележливите слабости на локалната самоуправа е што немаат чувство за општиот интерес, односно тој секогаш е потиснат од можноста за профит – вели професорот социолог Илија Ацески, кој беше дел од првата комисија за реорганизација на локалната самоуправа во 2004 година.
Според предвидените измени на актуелниот закон, всушност реформа на Законот за територијална организација, кои сѐ уште се во фаза на доработка, локалната самоуправа треба да добие поголема функционалност. Како?
– Планот беше да направиме разлика помеѓу големите и малите општини, по примерот на Србија, каде што постојат градови со градоначалник и општини со претседател на општина, со помали ингеренции. Исто така, требаше да се разгледа можноста за фузирање на општините за кои се докажа дека се неодржливи – две помали општини во една или помала кон поголема општина – за да се заштедат ресурси и да станат пофункционални. Сакавме да се преиспитаат и статусот и ингеренциите на Град Скопје во однос на скопските општини. Разработена се и можностите за полесно разрешување на градоначалникот, поголеми ингеренции на советите на општините и враќање на правниот статус на месните и урбаните заедници – вели Горан Милевски, поранешниот министер за локална самоуправа, накратко наведувајќи ја суштината на измените што се работени на постојниот закон за локална самоуправа.
Повторно ли тектонски политички поместувања, заради нова територијална поделба на локалната самоуправа?
Реорганизацијата на локалната самоуправа, особено преуредувањето на територијалните граници на општините, според познавачите на политичките состојби во Македонија, многу очекувано е да предизвика тектонски процеси и реакции меѓу политичките субјекти, но и во општиот политички амбиент во државата. Најчувствителниот предизвик за каква било реорганизација на локалната самоуправа е препознавањето на идејата за надминување на состојбата за етнички хомогени општини, од страна на политичките партии што таквиот принцип на организација го доживуваат како освојување територија за неприкосновено владеење.
– Реформите на локалната самоуправа во Македонија несомнено во себе го имаат латентниот потенцијал да предизвикаат тектонски политички процеси на севкупен план во државата. Уште при изработката на територијалната организација на локалната самоуправа, пред две децении, сметав дека не треба да се прават етнички хомогени територијални единици. Но се покажа дека политичката тенденција била да се направат токму етнички хомогени општини, каде што етничките партии практично ќе имаат неприкосновена власт. Социолошките истражувања спроведени подоцна, по воведувањето на таквиот принцип на локална самоуправа, покажуваат поголеми иселувања токму од општините каде што се создаде етнички хомогена структура. Тоа секако води до исцртување остри линии на поделеност на градовите, особено во Скопје, како главен град, што секако се рефлектира на општата перцепција за поделеност по етнички критериуми на целото македонско општество – констатира професорот Илија Ацески.
Политичката (не)опортуност за спроведување на реформите предвидени со работниот текст на измените на Законот за територијална организација на локалната самоуправа, во актуелниов миг е условена од неколку состојби. Според некои познавачи на состојбите, една од причините за ставање под тепих на овие измени на законот е тоа што со нив се предвидуваат поголеми ингеренции на локалната самоуправа, што по минатогодишните избори е доминантно во рацете на опозицијата, што се претпоставува дека не е во интерес на централната власт. Таквата состојба секако би се одразила при гласање на измените на законот во Собранието, за што е потребно двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците, но и мнозинство од гласовите на пратениците од етничките малцинства (т.н. Бадентерово мнозинство). Секако, оваа тема е доволна причина за ново големо политичко прераспоредување на ставовите и позициите на политичките чинители, покрај актуелните теми што се наметнуваат како приоритетни за евроинтеграциите, а предизвикуваат голема поделеност и противречни реакции во општеството.
– Не мислам дека измените на законот за локална самоуправа би предизвикале големи политички раздвижувања или контроверзии. Овие измени се носат со двотретинско и Бадентерово мнозинство, така што ако нема политички консензус, нема да има ни реформи. Но како Министерство за локална самоуправа не можевме да останеме неми на проблемите со кои се соочуваат општините и граѓаните од некои решенија во законите што времето ги надживеало и бараат промени на подобро. Светот се менува и оди напред и ние не смееме да останеме заглавени во минатото. Ќе понудевме најдобри решенија, па ќе оставевме политиката да ги оценува. Ако ги прифати, ќе има реформи. Тоа беше мојот став. За новиот министер и неговите визии како ќе се одвива проектот со УНДП, не би можел да знам – вели Горан Милевски, поранешниот министер за локална самоуправа.