Архива / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Албанскиот премиер Еди Рама упати критики до официјална Софија и до сите ЕУ-членки што користат билатерални прашања за блокади на форум во Тирана организиран од „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите „Отворено општество“ и „Рокфелер“, пренесува „Макфакс“.

– Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни – порача Рама заклучувајќи дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски. Што ви е поентата? Што сакате да постигнете со блокадата на Северна Македонија? Што мислите дека ќе постигнете? Да падне поддршката во ЕУ, само тоа можете да го постигнете! Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина, и долгорочно, ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас – кажа албанскиот премиер во главната порака што ја испрати до Бугарија, но и до другите земји членки на ЕУ, кои користат билатерални прашања за да го блокираат процесот на проширување.

Албанскиот премиер порача дека опасно е кога минатото станува повлијателно од иднината.

– Национализмот ја киднапира ЕУ и Унијата станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга. Решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат! А ако некоја земја сака да глуми дека некое билатерално прашање е европско, тогаш мора да има барем уште една што ќе ја поддржува. Не може 26 земји да кажат – ова е билатерално прашање, една да тврди дека е европско и наеднаш тоа да стане европско. Наместо Бугарија да рече, добро, ние имаме проблем со Северна Македонија, иако јас не им го разбирам проблемот, искрено, ама ајде да го оставиме настрана, а преговорите и трансформацијата на земјите да течат, тие бојкотираат. Зошто ги блокирате самите преговори? Зошто блокирате реформи? Лудо! Одвратно! – смета Рама.

Во Тирана, покрај Рама, се обратија и Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка, и Даниела Шварцер, членка на француско-германската група за реформи на ЕУ, а настанот беше модериран од претседателот на „Солуција“, Никола Димитров.