Со предложените законски измени за зголемување на работната недела на 60 часа неделно, наместо досегашните 40 часа, не само што ќе се премине црвената линија на толерантност на трудбеничкиот творечки ангажман туку брутално ќе се прекршат и работничките права утврдени со внатрешната законска регулатива од таа област, а ќе се прекршат и принципите на меѓународното трудово право, конвенциите на МОТ итн.
Со најави за 60-часовна работна недела ќе се одбележи празникот на трудот
Вообичаено, македонските работници и синдикалци ќе го одбележат 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, со масовен работнички собир. Годинава поводот за одбележување е веројатно многу поконкретен, опиплив и пореален од кога било претходно. Имено, со предложените законски измени за зголемување на работната недела на 60 часа неделно, наместо досегашните 40 часа, не само што ќе се премине црвената линија на толерантност на трудбеничкиот творечки ангажман туку брутално ќе се прекршат и работничките права утврдени со внатрешната законска регулатива од таа област, а ќе се прекршат и принципите на меѓународното трудово право, конвенциите на МОТ итн.
Експертите и стручната јавност се конкретни дека „предложените измени сигурно не се во интерес на македонскиот работник што треба да ги гради коридорите 8 и 10 Д“. Уште поотворено кажано од експертската јавност е дека „предложените измени се на штета на македонскиот трудбеник, кој на овој начин ќе стане роб во сопствената земја“.
Сериозни реакции и предупредувања од различни страни
Сериозни забелешки околу намерата за продолжување на работната недела доаѓаат од синдикалците, професорите по трудово право и од дел од политичките субјекти во државата.
Сите се едногласни во ставовите дека намерите за воведување работна недела од 60 часа: прво се неуставни, второ доколку постои волја за прекувремен ангажман на работниците, во рамките на законски регулиран третман на таков ангажман од заемен интерес, тогаш тоа така и треба да се третира и валоризира. Но во никој случај таквиот ангажман не смее да биде злоупотребен, а прекувремената работа што е предвидена во Законот за работни односи, со точно определени законски услови за тоа кога може да се работи, да се реализира токму под тие пропишани услови.
– Во практиката прекувремената работа е најзлоупотребуваното право од донесување на Законот до денес, а овие измени даваат основа тоа право дополнително да се злоупотребува и работниците да се дискриминираат. Прекувремената работа е предвидена во Законот за работни односи со точно определени законски услови за тоа кога може да се работи прекувремено. Доколку поминат овие измени, одреден број вработени ќе работат многу повеќе од преостанатите, но притоа може да се случи да не им се плати прекувремената работа, ако се прераспореди работното време во текот на целата година – тврдат експертите по трудово право.
Според нив, нејасно и нелогично е да се инсистира на прекувремена работа и ангажман на одредена група работници кога проблемот може да се надмине со едноставно зголемување на бројот на работници на сметка на оние што треба да работат прекувремено.Така ефектот е троен: ем нема да се прекрши законскиот услов за 40-часовна работна недела, работниците ќе имаат подобри услови за работа и ќе бидат поодморни и работата ќе се заврши во предвидениот рок.
Апел од ССМ и од Синдикатот за градежништво да се отфрли предлог-законското решение
Од ССМ и од Синдикатот за градежништво апелираат македонските пратеници да го отфрлат ова законско решение, нагласувајќи дека претходно немало консултации со нив.
– Не смееме да дозволиме некој да си игра со животот и здравјето на работниците. ССМ и Синдикатот за градежништво (СГИП) ќе ги искористат сите механизми што им се на располагање за зачувување на овој столб на работничките права, а тоа е пристојното работно време да важи за македонските работниците исто како што важи за европските работници – велат синдикалците.
Оттаму уште додаваат дека предлозите работници да работат по 60 и повеќе часа се спротивни на принципите на меѓународното трудово право, конвенциите на МОТ и одлуките на Уставниот суд, а спротивни се и на здравиот разум, бидејќи очигледно од македонските работници се очекува, како што сликовито велат, да бидат не само робови туку и роботи.
– Национален и стратегиски интерес на државата треба да биде да има здрави и добро платени работници, да ги задржи работниците на домашните работни места, а не да им чекира билет во еден правец надвор од државата. Затоа што без работниците и трудбениците нема да има ниту пратеници, ниту министри и функционери, а нема ниту држава – велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
И за претседателот на државата Стево Пендаровски предложените законски измени се спорни
– Уставниот суд има донесено одлука во еден друг закон, со која вели дека 60-часовна или работна недела подолга од 40 часа е неуставна. Сега тоа да го ставиш повторно во закон за кој знаеш дека е сигурно неуставен, односно одредбата е неуставна, и за тоа ако не го исполниш да платиш педесетина милиони евра е неодговорно – смета претседателот Пендаровски..
Токму минатата година одредбата за зголемување на работната недела беше укината од страна на Уставниот суд, бидејќи истата таа го прекршува уставно загарантираното право на траење на работна недела. Бидејќи одлуката на Уставниот суд е конечна и истата таа не може да се заобиколува со законски измени, пратениците што евентуално сега би гласале за овие измени може да подлежат и на соодветна одговорност, како што предупредуваат правните експерти.
Инаку, предложените измени на Законот за работни односи со кои се овозможува работниците на стратегиски објекти да работат по 60 часа неделно треба прво да поминат на расправа во собраниската комисија за труд и социјална политика, по што би дошле на дневен ред и на гласање и на пленарна собраниска седница. Во моментов целата процедура е блокирана поради 1.111-те амандмани што ги поднесоа пратениците од Левица.
За подносителите на овие над илјада амандмани скандалозно е што во новиот предлог не е наведено колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часа дополнително може да работи еден работник.
Сето ова, според разговорот со повеќе соговорници, е мотив повеќе одбележувањето на 1 Мај, празникот на трудот, од страна на работниците да се мине во сенка на заканите за помрачување на работничките права, отколку да мине во светлината на свечено празнување на придобивките на работниците низ историјата до денес.