Со склучувањето на колективниот договор помеѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието, работите почнуваат да се менуваат и на еден начин почнавме да се
приближуваме кон стандардот на вработените во регионот. И со тоа ја гледаме мотивацијата на нашите вработени, без разлика дали станува збор за професори, асистенти или, пак, ненаставен кадар, вели проф. д-р Никола Јанкуловски
Интервју со проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Значењето од неодамнешното потпишување на новиот колективен договор за високо образование може да се согледа во промените што се очекува да ги донесе овој чин, сметајќи дека позитивно ќе влијае на условите за вработените на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, образовниот процес, а со тоа и на рејтингот на институцијата во меѓународни рамки. Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, во разговор за „Нова Македонија“ зборува за очекувањата по потпишувањето на спогодбата, рангирањето на универзитетот и научноистражувачката дејност, знаењето што студентите го стекнуваат и интересот за високо образование, како и за успешната работа на Летната школа.
Како може новиот колективен договор да влијае на подобрувањето на образовниот процес и на рангирањето на УКИМ, со оглед на тоа што се смета оти исполнувањето на барањата дополнително ќе ги мотивира професорите? Какви се вашите очекувања по потпишувањето на договорот?
Свесни сме дека кога некој се чувствува обесправено, тоа се одразува и на неговата работа и на неговиот начин на живот. Во минатото беше престиж да се работи на УКИМ, но нашиот кадар веќе подолго време на тоа не гледа со восхитување и поради ниските примања. Нашите најдобри потенцијални вработувања не се остваруваат, бидејќи кадарот заминува во странство.
Со склучувањето на колективниот договор помеѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието, работите почнуваат да се менуваат и на еден начин почнавме да се приближуваме кон стандардот на вработените во регионот. И со тоа ја гледаме мотивацијата на нашите вработени, без разлика дали станува збор за професори, асистенти или, пак, ненаставен кадар. Во однос на подобрувањето на рангирањето на УКИМ, досега, ниската плата не беше доволна за покривање на основните трошоци за докторски студии, кои произлегуваат од објавување трудови, субвенционирање на издавањето учебници и монографии, односно мошне е тешко без инвестиции во науката и без средства за научноистражувачка работа, бидејќи сето тоа претставува предуслов за повисоко рангирање на светските ранг-листи. Покрај самостојните напори на УКИМ да обезбедува приходи и скромно да вложува во неговиот развој, преку стимулирање на научниците што објавуваат трудови во списанија со импакт-фактор, научноистражувачки проекти на единиците и вложување во капитални инвестиции на единиците, за да се одржи и подобри квалитетот на високото образование, потребно е и државата да вложи максимални напори со цел финансиски да го поткрепи.
Како ја оценувате научноистражувачката дејност на УКИМ и како може таа да придонесе за подобрување на рангирањето? Во колкава мера зависи од државното финансирање?
Во однос на Шангајската листа на универзитети, за жал, не сме рангирани, бидејќи таа објавува листа што се однесува на рангирање на само 1.000 универзитети. Досега, ниту еден универзитет од нашата држава никогаш не бил рангиран на оваа листа. Проблемот е комплексен и бара вклученост на повеќе актери, не само на универзитетот. Секако, универзитетот ја има основната одговорност, посебно во своите залагања за постигнување извонредност во секој аспект од својата работа. Но одговорноста ја има и државата, со оглед на исклучително ниското вложување во високото образование и науката. Научноистражувачката дејност на УКИМ, споредбено со вложувањата, е задоволителна. Сепак, УКИМ има извонредни научноистражувачки капацитети по однос на човечките ресурси, од кои повеќемина не можат да дојдат до израз, поради недостигот од национални научноистражувачки проекти, но и пропулзивноста на областите во кои работат. Научноистражувачката работа многу силно влијае врз рангирањето. Минатата година постигнавме историски највисок број на научноистражувачки публикации, индексирани на „Веб оф сајнс енд скопус“, што веднаш се одрази на неколку од листите за рангирање на универзитетите, со покачување на нашата позиција. Сметам дека покачувањето на буџетското финансирање на науката и високото образование може да има позитивен ефект врз зголемувањето на продуктивноста на научноистражувачката работа на УКИМ и покачување на позициите на листите за рангирање, кои приоритетот го ставаат на овие индикатори. Наставнонаучните работници на УКИМ се подготвени да ја искористат ваквата можност и да придонесат кон повисоко рангирање на УКИМ на светските ранг-листи, подобрување на образованието и квалитетот на нашите дипломци, како и покачување на рејтингот на нашата држава во европскиот научноистражувачки простор.
Во колкава мера стекнатото знаење ги оспособува студентите за пазарот на трудот и помага да дојдат до работа и колку УКИМ се приспособува и ги следи модерните трендови во образованието?
Генерално земено, непобитен е фактот дека студентите на УКИМ стекнуваат огромно теоретско знаење во текот на своите студии, за што доказ се и првите места што тие ги освојуваат кога одат на натпревари/олимпијади и кога учествуваат на конкурси за проектни задачи, во земјата и во интернационални рамки. Ова знаење им овозможува да постигнуваат извонредни резултати и кога заминуваат на студентска мобилност во рамките на програмата за мобилност „Еразмус плус“, а се добитници и се високорангирани и на конкурси за стипендии за пракса, објавени како од домашни,така и од интернационални институции.
Ова знаење на студентите на УКИМ им е одлична основа за надградување на нивното студентско портфолио со практично искуство. Компаниите постојано побаруваат практиканти со можност за вработување, но одзивот е недоволен од страна на студентите, поради незадоволството од понудената плата со која целната компанија ја вреднува огласената работна позиција. Центарот за кариера на УКИМ, како и соодветните центри за кариера при факултетите што се во неговиот состав претставуваат своевиден мост помеѓу студентите и бизнис-заедницата, трудејќи се да им обезбедат на студентите кариерен развој адекватен на нивното образование. Од друга страна, Одборот за доверба и соработка со јавноста може да влијае во осовременување на студиските програми со вметнување клиничка настава, зголемен број гости говорници од бизнис-заедницата и визитинг-професори од странство. Она што може да се идентификува како предизвик за УКИМ е, со потесна соработка со бизнис-заедницата, да се иницира самите факултети, исто така, потесно да соработуваат со компании, соодветни на полето на студии што го нудат. За да го анализираат пазарот на трудот во соодветната сфера, да идентификуваат што е она што конкретно им недостига на компаниите, да ги приспособат своите студиски програми да одговорат на потребите на пазарот на трудот и да обезбедат и да произведат вработлив кадар, кој веднаш ќе може да одговори на работните активности и задолженија на работното место на кое е примен.
Забележливо е дека опаѓа бројот на запишани студенти во изминатите неколку години. Што би им порачале на младите за важноста на високото образование и што може да се стори за зголемување на интересот за студирање?
Опаѓањето на бројот на запишани студенти делумно се случува поради демографските промени во нашата држава, а делумно поради тоа што средношколците се заинтересирани да студираат во странство. Како и за странските универзитети така и за нас, важно е да ги запишеме најдобрите средношколци, кои, секако, би биле успешни студенти. За зголемување на интересот кај младите да студираат треба да се вклучат сите релевантни чинители, особено бизнис-заедницата, која има потреба од нив. Ние, како универзитет, сме подготвени, со квалитетни и атрактивни студиски програми, насочени кон реалниот сектор, да ги подготвиме за нивниот професионален ангажман. Основната мисија на секој универзитет е, пред сè, да создаде луѓе, професионалци и интелектуалци што по завршувањето на високото образование ќе можат еднакво да се вклучат во социјалниот и економскиот живот и значително да придонесат за развојот на заедницата.
Проблемот со корупцијата е горливо прашање што се провлекува и кога станува збор за образованието. Досега апелиравте студентите и професорите да пријавуваат корупција. Како треба да се пристапи во справувањето со корупцијата во високото образование?
Во нашата институција има овластено лице за прием на пријави за корупција, меѓутоа пријави за корупција практично нема. Неприфатливо е образложението дека не можат да се осмелат да пријават корупција. Така, првичната работа што би ја подобрила состојбата во овој домен е едукацијата.
Пандемијата влијаеше врз образовниот процес откако две години имаше онлајн настава. Кои од воведените практики ги задржавте и се покажаа како успешни, а во колкава мера ситуацијата се одрази врз квалитетот на наставата?
УКИМ за многу кратко време по прогласувањето на пандемија ја приспособи наставата на новата состојба. На почеток, целосно со користење на видеоконференциски алатки, а потоа хибридно, каде што повеќето вежби и работа во мали групи се одвиваа со физичко присуство на студентите. Исто така, универзитетот, со сопствени финансиски и експертски ресурси, имплементираше интегрирана дигитална платформа за учење која користи „Мудл“, како еден од најпознатите системи за таа намена.
Секако дека овој начин на настава во голема мера се разликува од оној што го имавме пред пандемијата и беше предизвик да го задржиме квалитетот, особено за наставните предмети каде што се потребни практична настава и лабораториски вежби. Сега кога студентите повторно се вратија во просториите на универзитетот, насочени сме кон користење на видеконференциски и други дигитални алатки со цел подигнување на квалитетот на наставниот процес. Ова е особено важно при реализацијата на предавања од еминентни странски предавачи, кои вообичаено, поради нивните професионални ангажмани, не би можеле физички да присуствуваат во нашата држава. Видеоконференциските интердисциплинарни предавања од странски професори и експерти веќе се дел од календарот на универзитетската Докторска школа за нашите студенти.
Стотиците студенти по македонистика во светот се истакнуваат како амбасадори и промотори на македонскиот јазик. Како ги оценувате работата и културолошкото влијание на Летната школа при УКИМ?
Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ е клучна и без ни малку задршка ќе речам најважна за стотиците студенти по македонистика во светот, кои се најголеми амбасадори и промотори не само на македонскиот јазик туку и воопшто на македонската култура. Објективно, доколку оваа Летна школа, која годинава ќе се одржи по 56. пат, не работи успешно, со постојани залагања и вложувања, не би можеле ни да очекуваме не само бројност и интерес на странските студенти, ама и универзитетски професори, истражувачи, книжевни преведувачи итн., туку и толку силни нивни залагања. Затоа што од една страна, преку Летната школа се овозможува интензивно унапредување на нивните знаења, изворно запознавање со македонската култура, но од друга страна, токму преку неа се јакнат и се воспоставуваат контакти и се остваруваат можности и за натамошни соработки и проекти, кои се клучни за афирмацијата на македонистиката во светот. Резултат од работата на Летната школа и показател за нејзиното културолошко влијание не се само бројките на учесници и доделените уверенија туку и сето она што тие учесници на школите во тој период и воопшто годините потоа го остваруваат за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура. М.Ж.