Бугарската полиција во својот извештај, односно службено дело со број 190 од 1935 година, врз основа на Законот за заштита на државата на Царството Бугарија тврди дека ВМРО (обединета) е една одделна група на тогаш нелегалната партија БКП, а како цели на организацијата се посочени промени во системот на државата и одделување делови од територијата на Царството Бугарија, односно одделување на Пиринска Македонија кон нова независна држава во централниот дел на Балканот. Во официјалниот полициски извештај исто така е посочено дека, според идеологијата на ВМРО (обединета), Македонците не се Бугари туку се одделна и самостојна нација
Всушност ова судење е првиот судски процес во Бугарија поради искажување македонска национална свест, впрочем обвинетите во текот на судењето се декларирале како Македонци и ВМРО (обединета) ја претставиле како македонска национална и ослободителна организација. Конкретно по потпишувањето на Мајскиот манифест и убиството на Тодор Александров во 1924 година, новоформираната ВМРО (обединета) ја прифатила идејата за автономија, независност и обединување на Македонија во рамките на балканска федерација и тие определби ги внела во своите статуси, но споменатата организација започнала и со отворено афирмирање на македонските национални особености.
Суштинските принципи на ВМРО (обединета) ги објаснува и Христо Калајџиев, еден од обвинетите во судскиот процес, во статијата објавена во „Македонска мисла“, списание на Македонскиот научен институт, во која вели: „Македонската нација е еден факт… Има луѓе што упорно ритаат и ја одрекуваат. Тоа се великобугари, великосрби, великогрци и оние Македонци, кои се воспитани од нив, кои беа привлечени од нивната идеологија и станаа поголеми папи од папата, поголеми Турци и од Турците… За нив македонската нација е еден опасен, страшно непријатен призрак, кој што им ја нарушува душевната рамнотежа. Тоа се истите оние кога во Бугарија се проговори за неопходноста од македонското сознание… при изградбата на македонското дело, закрекаа хистерично и продолжително дека тоа е најголемата ерес… Тоа се истите оние кои што го развеаја знамето за самостојна Македонија, а во решителниот момент ја предадоа во шепите на великобугаризам.“
На судскиот процес му претходела провала на организацијата на ВМРО (обединета) во Горна Џумаја во март 1935 година. На 1 август истата година, членовите на организацијата поставувале знамиња на јавни објекти во Неврокопско, а потоа биле уапсени. Апсењата се прошириле на целата организација во Неврокопско, а на 15 август била извршена и провала на организацијата во Софија, додека бугарската полицијата запленила и материјал од печатницата „Симеон Кавракиров“.
Вкупно биле обвинети 19 лица, а на четворица им се судело во отсуство, односно на Димитар Влахов, Методија Шаторов-Шарло, Васил Ивановски и Владимир Поп Томов. Од оние 15 што биле во судницата само еден бил роден во Бугарија, девет се изјасниле како Македонци, а пет како Бугари. Од тие што се изјасниле како Бугари, еден бил поранешен член на ВМРО (обединета) и бил ослободен, тројца одрекувале учество во организацијата, а петтиот бил ослободен. Меѓу обвинетите биле и Асен Чаракчиев, Христо Калајџиев, Александар Мартулков, Мара Димитрова Петрова, Јордан Анастасов и др.
Судењето официјално започнало на 8 јули 1936 година и се одвивало во судница во Судската палата во Софија. Обвинетите ангажирале неколку адвокати, а еден од нив бил и Никола Манолев. Сите обвинети се декларирале како невини, го бранеле македонскиот народно-ослободителен карактер на ВМРО (обединета) и врските со Бугарската комунистичка партија (БКП) ги прикажале како тактички. Во текот на судењето, обвинетиот Асен Чаракчиев ја претставил идеологијата на ВМРО (обединета) и јавно го искажал ставот за неопходноста за одвојување на Пиринска Македонија од Бугарија и постоењето на македонска нација.
Врз основа на истрагата и доказите, бугарскиот судот ја окарактеризирал ВМРО (обединета) како организација што има цел преку насилни методи да го промени државното уредување и да му наштети на територијалниот интегритет на Бугарија. На 21 јули Димитар Влахов и Владимир Поп Томов биле осудени во отсуство на 12 и пол години затвор, а другите на пет години затвор и парична казна од 50.000 лева. Д.Ст.
Која е ВМРО (обединета)?
ВМРО (обединета) е македонска револуционерна организација што се стремела да прерасне во масовно народно движење за извојување слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски и економски граници и нејзино конституирање во самостојна политичка единица, што ќе влезе како рамноправен член на идната балканска федерација. Нејзини најистакнати дејци биле: Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Симеон Кавракиров, Владимир Поп Томов, Андреја Чипов, Методија Шаторов-Шарло и др. При основањето бил избран Централен комитет со седиште во Виена, а нејзин орган бил весникот „Македонско дело“. За трите дела на Македонија биле создадени одделни комитети на чело со секретар, а подоцна седиштето на ЦК на ВМРО (обединета) било пренесено во Берлин. Настанала голема провала во Велес, Куманово, Скопје и во Штип (1928-1929), при што биле уапсени 113 нејзини членови, меѓу кои и членот на ЦК, Панко Брашнаров, а по испраќањето на робија на дел од осудените, во наредната година престанала дејноста на Организацијата во вардарскиот дел на Македонија. Во пиринскиот дел, нејзината активност постепено замира по провалата во 1935 година и судскиот процес од 1936 година.