Прстот на Микеланџело

На Денот на сесловенските просветители доживеавме чудо, бевме допрени од Божјиот прст, се радуваа и небото и земјата. Се радуваат сите кога браќата Македонци и Срби се сакаат и кога го слават името Божје, односно се радуваат сите искрени пријатели на овие два братски народи, а пред сѐ на Македонија и Македонците. Така, Божјиот прст го потврди, нè потсети, она што го знаевме повеќе од илјада години, дека говориме на македонски јазик

Во познатата фреска „Создавањето на Адам“ од Микеланџело, насликана на сводот на Сикстинската капела, има еден детаљ за којшто ќе проговорам денес: Божјиот прст е испружен за да го допре прстот на Адам. Во Библијата, според Првата книга Мојсеева, позната и како Битие или Настанокот, Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот низ ноздрите, па така човекот станува жива душа (Мојсеј 2: 7). Но Микеланџело го прикажува создавањето на Адам со помош на Божјиот прст што тежнее да го допре Адам. Зошто? Која е библиската заднина за ова? Која е пораката на Микеланџело?
Во Библијата и во другите црковни текстови повеќепати се среќава изразот „Божји прст“. Така, според Стариот завет: „Кога Господ го сврши својот разговор со Мојсеј на Синајската Гора, му даде две плочи на Сведоштвото, камени плочи, напишани со Божјиот прст“ (Излез 31: 18). Во однос на Десетте заповеди, повторно во Второзаконие (9: 10) се потврдува дека камените плочи се „напишани со Божји прст, на кои беа сите зборови што ви ги кажа Господ од среде огнот на гората во денот на собирот“. Во Псалмите се величи Господовото име, па така Давид пее: „Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти; месечината и ѕвездите што си ги поставил: Што е човекот за да си спомнуваш за него?“ (Псалми 8: 3 – 4). Во Новиот завет, пак, Исус ги брка демоните со Божјиот прст (Лука, книга 11, стих 20) и со Светиот Дух (Матеј 12: 20). Добро познатата химна „Veni Creator Spiritus“ од раниот среден век, што се пее на Духовден, кога се слави слегувањето на Светиот Дух, а којашто многу веројатно го инспирирала Микеланџело за оваа фреска, ја содржи идејата за Светиот Дух како Божји прст. Според текстот на оваа химна, Божјиот прст, Светиот Дух, му го дава на Адам дарот на говорот. Можеби говорот е тој што ги прави човечките суштества најмногу слични на нивниот Творец, а тоа, всушност, сакал Микеланџело да го долови на ултимативен, севкупен, перфектен начин.

Зошто бев инспириран да пишувам за фреската на Микеланџело и Божјиот прст? На Денот на сесловенските просветители доживеавме чудо, бевме допрени од Божјиот прст, се радуваа и небото и земјата. Се радуваат сите кога браќата Македонци и Срби се сакаат и кога го слават името Божје, односно се радуваат сите искрени пријатели на овие два братски народи, а пред сѐ на Македонија и Македонците. На Денот на сесловенските просветители, Светиот Дух слезе меѓу Македонците и Србите, Божјиот прст укажа дека во Охрид, во нашите краишта, се создадени новото писмо и старословенскиот црковен јазик, дека овде кај нас, во Македонија, првпат, Господ прозборе словенски, овде, еден народ, разбирајќи, почна да пее, ширејќи ги своите букви, својот јазик и писмо, низ словенскиот свет. Патријархот Порфириј, поглавар на Српската православна црква, порача: „Светиот собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на МПЦ-ОА, ја одобрува и ја прифаќа автокефалноста“. Така, Божјиот прст го потврди, нè потсети, она што го знаевме повеќе од илјада години, дека говориме на македонски јазик. „Господ повторно глаголи на македонски“ напиша Венко Андоновски, „нашата Црква, македонска и Господова, света и сенародна, стекна самостојност“. И другите православни цркви пратија пораки за заедничка радост со нивните браќа Срби и Македонци. Со Божјиот прст еднаш и засекогаш ги избркавме демоните.

На фреската „Создавањето на Адам“, Микеланџело го прикажува Небесниот Отец со Божји прст, но прстот не го допира Адам, туку тежнее, се стреми да го допре. Оддалеченоста на двата прста, можеби, укажува дека човекот никогаш нема да го достигне божественото совршенство. Па така, и ние, Македонците, веројатно, никогаш нема да достигнеме совршенство, но, сепак, некои факти не само што никогаш не треба да се заборават, менуваат, манипулираат туку и во свечени моменти треба да се истакнат, а тоа се, пред сѐ, милениумскиот, просторен и временски континуитет на македонскиот народ во и надвор од територијата на денешна Македонија.
Постојат два вида покажувања со прст, посочување: императивно (за задоволување нечии потреби) и декларативно (за споделување информации или искуство). Покажувањето со прст е процес на именување и информирање, а тој процес е тесно поврзан со учење јазик. Јазичните искази можат да биде вистинити или не, што подразбира генерализирано подрачје на можности, коишто, пак, го надминуваат нашето сетилно искуство, кое е ограничено на нашата позиција во просторот и времето. Така, некои луѓе се заробеници на нивните моментални сензации, додека други може да го надминат тоа. Па затоа, честитајќи му на архиепископот на МПЦ-ОА, г. г. Стефан, за напорите вложени во осамостојувањето нашата црква, Господова и македонска, повикувам дека е време да го искористиме поволниот момент и да пристапиме кон креирање консензус за опстојба и одржлив развој на Македонија. Македонија може и треба да има светла, световна и духовна, и просперитетна иднина.