Во одредбите од протоколот се предвидува укинување на државното финансирање и субвенционирање на сите домашни проекти во делот на медиумите, издаваштвото, културата и уметноста доколку Бугарија процени или препорача такво нешто. Тоа практично значи дека ако се спроведат содржините на протоколот, какви што се, тоа ќе доведе до целосен тоталитаризам во Македонија и гаснење на слободата на изразување, што, пак, е антидемократски и антиевропски чин, тврдат аналитичарите
СОФИЈА ЌЕ ЦЕНЗУРИРА ШТО ДА ПИШУВААТ МЕДИУМИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА?!
Многу недоумици и можни неповолни сценарија за Македонија отвори содржината на протоколот со Бугарија, со кој ѝ се наметнуваат серија обврски на Македонија.
Познавачите велат дека протоколот по својата суштина е антидемократски затоа што Софија преку можните препораки на историската комисија до македонската влада може да воспостави контрола и процена врз македонските весници, книги, филмови и пиеси. Со други зборови, протоколот на голема врата ја внесува цензурата во македонското општество како алфа и омега. Аналитичарот Ивица Боцевски посочува дека доколку се спроведат содржините на протоколот, какви што се, тоа ќе доведе до целосен тоталитаризам во Македонија.
Експертите со кои се консултиравме велат дека доколку внимателно се анализира протоколот, тогаш еден дел од неговите содржини ја отвораат можноста за цензура и автоцензура во македонското општество. Протоколот е проблематичен од неколку аспекти. Во членот 11 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се предвидува спречување на недобронамерна пропаганда од страна на институциите и агенциите. Оваа формулација се сретнува и во протоколот, но новина се мерките што треба да бидат преземени по одржувањето на меѓувладината конференција за комплетирање на фазата за отворање на пристапните преговори. Токму овие мерки може да водат кон државна цензура, посочуваат познавачите.
Доколку се земе предвид дека во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и во протоколот, експлицитно не се објаснува што се подразбира под говор на омраза, тогаш со протоколот им се овозможува на македонските државни институции произволно да толкуваат што се подразбира под говор на омраза.
Поединците, издавачките куќи или медиумите во минатото можеа да продуцираат или да објавуваат дела врз основа на историските факти, за повеќе настани и личности од историјата на македонскиот народ. Во овој правец беше легендарната играна серија „Тврдокорни“ или филмот „Трето полувреме“, каде што врз основа на историските документи и спомени беше прикажаната револуционерната борба на Македонците за самостојна држава кон крајот на 19 век или бугарската фашистичка окупација на Македонија во Втората светска војна.
Со потпишувањето на протоколот и особено мерките што се предвидуваат во него се ограничува оваа можност, во смисла државата повеќе нема да овозможува финансиска поддршка за слични проекти.
Ова е видливо во протоколот каде што се вели дека двете држави треба да гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект.
Протоколот може да доведе до цензура, а тоа е поврзано со можните препораки на македонско-бугарската комисија за историски прашања. Експертите посочуваат дека доколку историската комисијата препорача, нешто што пак може да биде изнудено со политички притисоци од бугарска страна, до македонската влада, дека средновековниот владетел Самуил или Гоце Делчев се Бугари, тогаш оваа препорака од страна на македонската владата се проследува до соодветните министерства и институции. Познавачите нагласуваат дека доколку некоја издавачка куќа, медиум или поединец има спротивно мислење од препораките на историската комисија, тогаш овие субјекти нема да бидат финансиски поддржани од буџетот на македонската држава. Или, со други зборови, директно Софија ќе уредува и редактира што и како да се објавува во македонските медиуми, какви филмови и серии да се снимаат итн., што е класична цензура и целосно антиевропски и антидемократски чин. Во Европа слободата на медиумите и слободата на говорот, пишувањето и другите форми на изразување се целосно загарантирани. Во Европа и во Македонија досега дури се охрабруваа и поттикнуваа медиумите на слободно, професионално и аналитичко размислување и пишување. Но дали ќе биде така и во иднина или едноставно протоколот им ги врзува на медиумите и на истражувачкото и аналитичко новинарство?
Доколку некој субјект настојува да го претстави Гоце Делчев како Македонец што се борел за слободата на македонскиот народ, а тоа да биде спротивно од можната препорака на историската комисија, тогаш бугарската влада може да го протолкува како говор на омраза и спротивност од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и да побара соодветни санкции.
На овој начин, сите оние што нема да ги споделуваат погледите со препораките на историската комисија нема да можат да бидат финансирани од буџетот на македонската држава. Од друга страна, поединците, издавачките куќи и медиумите ќе мораат да дадат јасна и обврзувачка изјава со што се доведуваат самите себе во ситуација на автоцензура. Тие ќе мораат да го говорат, објавуваат или пишуваат само она што Софија ќе го толкува дека не е говор на омраза и не е во спротивност со договорот помеѓу Македонија и Бугарија.
– Доколку вакво нешто се случи, тоа ќе претставува нарушување на слободното изразување на мислата и почитувањето на основните човекови права, а истовремено тоа биде спротивно од сите конвенции и договори што Македонија ги потпишала дека ќе ги почитува човековите права – вели Ивица Боцевски. Д.Ст.