Фото: ЕПА

Советот на Европа одбележува 75 години од создавањето

„Седумдесет и пет години по создавањето на Советот на Европа, кога размислувам за првите потписници на Лондонскиот договор, често си го поставувам ова прашање: што би мислеле тие за нас денес? Колку беа огромни нивната визија, оптимизам и решителност; толку силни колку што беше нивната желба да работат за иднина на правда заснована на поголемо единство меѓу нејзините членови; дали навистина би можеле да замислат, со ставање на својот потпис на дното на нашиот статут, сè што ќе повлекува тој гест, како што е проширувањето на првата повоена европска меѓународна организација, од десет земји членки првично на четириесет и шест денес?“, изјави генералната секретарка Марија Пејчиновиќ Буриќ, прославувајќи ја 75-годишнината на организацијата за време на церемонијата организирана во Операта во Стразбур.

Релевантноста на повеќе од 200 договори на Советот на Европа!

Генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, ги истакна главните достигнувања на Советот на Европа, истакнувајќи ја релевантноста на повеќе од 200 договори, вклучувајќи ги и Европската конвенција за човекови права и сите други правни инструменти. Таа ги подвлече важноста од создавање зона без смртна казна, борбата против тортурата и нечовечкото и понижувачко постапување, правата на националните малцинства и јазиците на малцинствата, Истанбулската конвенција за борба против насилството врз жените и семејното насилство, работата за обезбедување права на ЛГБТИ-лицата, опсегот на владеењето на правото, кој се протега од борбата против тероризмот и сајбер-криминалот до корупцијата и перењето пари.
Во согласност со целите на Рејкјавик, Марија Пејчиновиќ Буриќ ги спомена и новите предизвици: нацрт-рамковната конвенција за вештачка интелигенција, човековите права, демократијата и владеењето на правото, интензивирање на активностите за животната средина и човековите права, формирање регистар на штети, кој гарантира поддршка за Украина.
– Проектот започнат од визионерските лидери во 1949 година продолжува да им користи на граѓаните, во Европа и на други места во светот, во 2024 година. Човековите права, демократијата и владеењето на правото не се непроменлива дестинација, туку позитивна сила што секогаш мора да се цени и применува. Секако, нашите вредности и мултилатерализмот денес сериозно се доведени во прашање, но Советот на Европа е единствена институција во светот што и денес ја продолжува својата корисна и неспоредлива работа. Неговата издржливост, решителност и политичка волја ќе му овозможат не само да ги надмине предизвиците со кои се соочува туку и да игра централна улога во одговорот на нив. Имам целосна доверба во оваа организација. Нека следните 75 години бидат исто толку плодни – заклучи генералната секретарка.
На дневниот ред на работниот дел на состанокот, на кој учествуваше и шефот на македонската дипломатија, се мерките на Советот на Европа кон Русија и следењето на одлуките донесени на самитот на шефови на држави и влади во Рејкјавик пред една година. За време на овој самит беше одлучено да се создаде меѓународен регистар во Хаг со цел да се процени штетата нанесена во Украина, со цел да се подготви предлог-закон, кој еден ден ќе ѝ биде претставен на Москва. Како и што беше најавено, предлог-мислењето на Парламентарното собрание на Советот на Европа за зачленување на Косово во Советот на Европа не се најде на дневниот ред, но сигурно беше расправано за него на маргините на самитот. Со цел, најверојатно, да се избегне раздор помеѓу земјите членки.


Советот на Европа, Македонија и Македонците

За жал, Советот на Европа иако преку Судот за човекови права донесе голем број пресуди против Бугарија во полза на македонското малцинство, тие, 18 години по првата пресуда, сѐ уште не се извршени. Советот на Европа не располага со „принуден“ механизам за нивно извршување… Македонија непосредно пред изборите доби и порака од Советот на Европа – да не заборава на злосторствата извршени за време на воениот конфликт од 2001 година и да ја преиспита тогашната амнестија, со оглед на тоа што воените злосторства не застаруваат. Порака на која сигурно ќе треба да се одговори

Република Македонија стана полноправна членка на Советот на Европа на 9 ноември 1995 година, но за разлика од другите земји членки, поканата за нејзиното зачленување беше испратена без да се назначи нејзиното тогашно уставно име – Република Македонија. Таа стана членка под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“. Под тоа име таа беше заведена сѐ до промената на уставното име со договорот од Преспа. ПССЕ беше единственото меѓународно тело што имаше изготвено и извештај за употребата на уставното име на земјата. Во администрацијата на Советот на Европа се направи и обид со внатрешни инструкции да се промени користењето на придавките „македонски“, но по обелоденувањето на информацијата овој документ за внатрешна употреба беше повлечен и се негираше неговото постоење. Тогашниот генерален секретар Валтер Швимер го нарече овој настан „бура во чаша вода“. Додека еден друг генерален секретар Тери Дејвис прашањето за името на нашата земја го спореди со името на розата: „Не е важно какво име ќе ѝ се даде на розата, таа ќе си остане роза“!
Во Советот на Европа (ПССЕ) се водеа и големи и многубројни дебати околу меѓународното признавање на нашата држава, организацијата преку својата Венецијанска комисија даде голем придонес во македонското законодавство. Органите на Советот на Европа, како Судот за човекови права, Комесарот за човекови права и ПССЕ, се тие што во своите документи и извештаи отворено го ставија пред очите на европската и светската јавност непочитувањето на основните права на македонското малцинство во Грција и во Бугарија и неможноста слободно да се организираат и самоопределат. За жал, Советот на Европа иако преку Судот за човекови права донесе голем број пресуди против Бугарија во полза на македонското малцинство, тие, 18 години по првата пресуда, сѐ уште не се извршени. Советот на Европа не располага со „принуден“ механизам за нивно извршување, иако тоа е обврска на осудените земји, со што се слабее влијанието на организацијата, што на некој начин е по желба на некои од „големите“ земји. Нашата земја може преку Советот на Европа да се покаже многу поактивна во однос на заштитата на македонското малцинство во соседните земји, иако официјално со последователните наметнати уставни измени се откажа од него, таа може принципиелно да ги брани. Тоа и се случуваше, но со многу ретки исклучоци.
Македонија непосредно пред изборите доби и порака од Советот на Европа – да не заборава на злосторствата извршени за време на воениот конфликт од 2001 година и да ја преиспита тогашната амнестија, со оглед на тоа што воените злосторства не застаруваат. Порака на која сигурно ќе треба да се одговори.

Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур