Ања како говорник на теми од делот на одржливиот развој, справувањето со пластичниот отпад, климатските промени и други слични теми поврзани со заштитата на планетата Земја, има говорено пред голем број светски политичари, влијателни личности и бизнисмени, кои со големо внимание ги следат нејзините говори и идеи за тоа како да стане светот поубаво место за живеење
Македонија е извор на голем број млади бисери што во светски рамки постојано покажуваат дека земјава има луѓе што со своето знаење и способности можат да се носат на глобално ниво, а искуствата што ги стекнуваат им се дополнителен мотив да придонесат и за градењето и напредувањето на својата родна земја. Еден таков пример е велешанката Ања Николова, првата Македонка што ги заврши магистерските студии за менаџмент за заштита на природната средина на престижниот американски универзитет „Јејл“ и која неодамна во Атланта, во американската сојузна држава Џорџија, говореше во рамките на светската конференција „Пластик вејст фри ворлд“.
Оваа конференција се смета за светски настан на кој се претставуваат иновации, разни технологии што би можеле да помогнат за создавање економии што би го ослободиле светот од пластика, клучен момент што би придонел за заштитата на природната средина, а со тоа и на планетата Земја.
Ања е исклучително скромна и не сака да зборува многу за себе, без оглед што во нејзината импозантна кратка биографија стои уште и дека била прва Македонка што се образовала во кралското училиште „Кенсингтон Ст. Николас“ во Лондон, која завршила основно образование на англиски јазик во меѓународното училиште на Организацијата на Обединети нации „Њујорк“ на УНИС и средно образование на италијански јазик на „Лицео класико Марко Поло“ во Венеција.
Ања како говорник на теми од делот на одржливиот развој, справувањето со пластичниот отпад, климатските промени и други слични теми поврзани со заштитата на планетата Земја, има говорено пред голем број светски политичари, влијателни личности и бизнисмени, кои со големо внимание ги следат нејзините говори и идеи за тоа како да стане светот поубаво место за живеење.
„Нова Македонија“ деновиве успеа накратко да стигне до Ања меѓу многубројните конференции и ангажмани и да поразговара со неа за прашањата што сè повеќе ја засегаат планетата Земја, но и за нејзините препораки како Македонија да се справи со предизвиците од климатските промени, одржливиот развој и рециклирањето, процеси што досега кај нас никако да бидат сфатени сериозно.
Климатските промени се тука, потребно е дејствување
Она со што последните неколку децении се соочува светот, но и Македонија, тоа се климатските промени. Секојдневно сме сведоци на последиците што ги предизвикуваат климатските промени, почнувајќи од сушите, пожарите, поплавите и другите непогоди, кои ако претходно беа локализирани појави врзани за одредени области, сега се глобални.
– Предизвиците од климатските промени се огромни и речиси нема подрачје на Земјината топка каде што негативните последици од овие промени не се чувствуваат. Постојат неколку нивоа на кои човештвото може да даде придонес за спречување на натамошното влошување на сегашната состојба, и тоа: индивидуално, со промена во однесувањето на секој поединец, национално и регионално, како и глобално. Најзначаен придонес се очекува од иновациите и новите технологии, инвестирањето капитал во компаниите, како и измените во законските регулативи – вели Николова.
Според неа, секој од нас како поединец може со мали промени во навиките да влијае во создавањето подобра животна средина – од промена на свеста за значењето на животната средина и нејзиното зачувување за сегашните и идните генерации до преземање конкретни акции и активности.
– На пример, возењето велосипед и електричен скутер, особено во големите градови, претставува мал но охрабрувачки чекор напред. Од друга страна, и купувањето домашни производи што немаат интензивен јаглероден отпечаток може да претставува поттик, бидејќи тие се локално произведени. Промената на навиките во исхраната е исто така значајна, за што потврда претставува и фактот што речиси 15 отсто од сите емисии на стакленичките гасови се производ од одгледувањето на крупниот добиток и производството на месната и млечната индустрија – појаснува Николова.
Според неа, на глобално ниво, освен „јавното финансирање“ од страна на земјите, со посредство на заеми од меѓународните финансиски институции, огромен е придонесот што го даваат големите финансиски корпорации и разните инвестициски фондови.
Николова понатаму се осврнува и на климатските промени што последните години сè поизразено се чувствуваат, посочувајќи дека и Македонија треба да преземе соодветни чекори ако сака да се справи со овој глобален предизвик.
– Македонија е земја со неповолна структура на расположливи енергетски извори, па, така, најголемиот дел од средствата што треба да се обезбедат за справување со негативните ефекти од климатските промени е потребно да се насочи кон намалување на емисиите на јаглерод. За сето ова, а како замена за постојните енергенти, неопходни се големи капитални инвестиции во обновливата енергија и енергетската ефикасност. Од друга страна, како земја-кандидат за членство во ЕУ, нашата земја е обврзана да придонесува во остварувањето на поставената амбициозна климатска цел на ЕУ за 2030 година, што ја прави состојбата уште посложена. Не треба да се занемари и тоа што, како членка на УНЕП и потписник на Парискиот договор за климатските промени, имаме преземено обврски пред сè во поглед на обезбедување стратегии за развој со ниски емисии на стакленички гасови, што е секако поврзано со финансиски вложувања – истакнува Николова.
Таа појаснува уште и дека во справувањето со ваквите предизвици, и во услови на недостиг од доволно домашни финансиски средства, покрај неизбежното и неопходно обезбедување заеми, како финансиска поддршка од меѓународните финансиски институции, како што се Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, огромни се улогата и одговорноста што треба да ги преземе Владата со донесување добри економски политики и законски решенија што ќе помогнат во развојот на економијата, а особено во т.н. зелена економија.
Како позитивен чекор во таа насока, Николова го споменува Законот за стратегиски инвестиции, кој е дизајниран да привлече и да ги оптимизира условите за стратегиски инвестиции во земјата, во приоритетни области и проекти, како што се енергетиката и инфраструктурата, како и Законот за енергетска ефикасност, со кој се овозможува да се постигне значителна заштеда со зголемување на енергетската ефикасност во зградите на јавниот сектор и доопремување на постојниот станбен фонд со енергетски поефикасни технологии, во согласност со стандардите на ЕУ.
– Она што е особено значајно за развојот на македонската економија се индустриските сектори што користат 22 отсто од потрошувачката на енергија, од кои 44 отсто отпаѓаат на индустријата за железо и челик. Со примена на нови технологии и користење горива добиени од отпад, со висока енергетска вредност, емисиите на гасови во тешката индустрија би се намалиле значајно – вели Николова.
Храната е најважниот ресурс, а Македонија може да ја произведува
Велешанката Ања Николова голем дел од своите говори на светските конференции посветува и на одржливиот развој, кој како таков претставува сериозна обврска за секоја земја-членка на ООН, вклучувајќи ја и Македонија.
– Концептот на одржливиот развој, кој е прогласен за клуч за развојната политика и на ЕУ и на ОН, претставува, секако, огромна одговорност за секоја земја, вклучувајќи ја и нашата, во мобилизирањето на сите ресурси за искоренување на сиромаштијата и борбата против нееднаквоста, а за наоѓање одговори за климатските прашања и промени. Напорите што се прават кај нас на планот на зацврстување на развојните процеси за поврзување на економската и социјалната одржливост, како и за заштитата и одржливоста на животната средина, охрабруваат и истите тие треба да се одвиваат во континуитет и понатаму – смета Николова.
Според неа, важно е да се истакне значењето на поврзаноста помеѓу одржливиот развој и образованието и нивното набљудување како целина, а особено образованието за одржлив развој, кои треба да се сметаат како заеднички, а не издвоени процеси.
Таа додава и дека е потребно одржливиот развој и особено грижата за животната средина и свеста за нејзино зачувување да бидат вградени и во корпоративното размислување и однесување, и тоа не само на менаџерско ниво туку и на ниво на секој вработен, како во големите компании, така и во средните и малите фирми.
Николова гледа перспектива во Македонија да ги задоволува сопствените потреби, но истовремено и да не ги загрозува одложливите ресурси за идните генерации.
– Македонија е мала земја, која располага со солидни природни ресурси, од кои за задоволување на човечките потреби особено се значајни земјоделските површини, пред сѐ обработливото земјиште. Во услови на постојан пораст на населението и сѐ поголемиот недостиг од храна во светот, храната заедно со водата станува еден од најзначајните ресурси за сегашните и идните генерации – истакнува Николова.
Сепак, таа препознава извесни негативни трендови во земјава, кои можат значително да ги попречат ваквите планови.
– Во последните години, забележано е во целата земја претворање на обработливото земјиште и негова пренамена во индустриско земјиште. Таквите активности треба да се стават под контрола, зашто ако продолжи овој тренд, ќе доведе до значајно намалување на производството на храна, а со тоа ќе го загрози и задоволувањето на оваа потреба на сегашните и идните генерации. Надлежните владини министерства, агенции итн. ќе треба не само да донесуваат построги законски регулативи туку и да предлагаат мерки за стимулација на постојните обработливи земјишни површини. Со донесување и спроведување правилни долгорочни стратегии и политики за одржливо управување на природните ресурси, како и неопходни усогласувања на националното законодавство со законодавството на ЕУ, ќе може да се остварат таквите цели – советува Николова.
Таа додава дека сличен пристап треба да се има и со другите ресурси во земјава, како рудното богатство.
– И за искористувањето на другите природни ресурси со кои располага нашата земја, како што е на пример рудното богатство, е неопходен сличен пристап. Така, на пример, рудата и минералите како примарни суровини треба повеќе да се користат за потребите на домашната индустрија и за развој на нови индустрии, заради нивно користење на повисок степен и создавање производи со додадена вредност. Управувањето со природните ресурси треба да се спроведува на интегриран и холистички пристап, зашто одговорноста за искористувањето е на сите – од поединецот како потрошувач до Владата и компаниите. Во таа насока, значаен е концептот на одржлива потрошувачка, кој се однесува на одговорно користење стоки и услуги за да се намали користењето на природните ресурси, да се намалат емисиите на загадување и отпадот, за да се избегне ризикување на животот на идните генерации – констатира Николова.
Рециклирањето е нова можност
Земјава никогаш не успеа да воспостави функционален систем на рециклирање, особено кога станува збор за домаќинствата, па отпадниот материјал, наместо да се рециклира, најчесто завршува во реките, езерата и во почвата, предизвикувајќи загадување со долгорочни последици.
Законската регулатива за рециклирањето на отпадот во Македонија е воведена од пред десетина години, но во изминатата деценија постигнатите резултати се повеќе од скромни.
– Причини за тоа има повеќе, а една од нив е што покрај владините системи за контрола и регулативи, изостануваат разни мерки за стимулирање на рециклирањето, како на пример даночни олеснувања за компаниите што се занимаваат со рециклирање на отпадот, потоа промотивни кампањи за улогата и значењето на рециклирањето, организирање курсеви, семинари и сл. од страна на експерти од земји што имаат значајни постигнувања во оваа област и др. Еден од најсериозните проблеми е што нема потребна инфраструктура за рециклирање, има недостиг од општински и регионални депонии за собирање и преработка на отпадот на ниво на целата земја (со исклучок на „Дрисла“ во Скопје), а како резултат на сето тоа е податокот дека само помалку од 1 отсто од отпадот се рециклира. Потребно е итно инвестирање во инфраструктурата на општинските и регионалните центри, за да може правилно да се обработува отпадот, зашто ваквите инвестиции секаде во светот се профитабилни – советува Николова.
Пластичниот отпад не мора да заврши како отпад
Ања Николова неодамна учествуваше на конференцијата „Пластик вејст фри ворлд“, на која се расправаше токму за тоа како планетата да се ослободи од пластичниот отпад. Според неа, потребно е да се има волја да ѝ се стави крај на пластиката секаде онаму каде што има можност за тоа, што ќе придонесе да има и помалку пластичен отпад. Таа наведува неколку примери како може да се направи тоа.
– Одржливото пакување е многу логичен предизвик за решавање и верувам дека тоа ќе се случи во следните 10-15 години, бидејќи има алтернативи за пластичната амбалажа. На пример, производите обложени во целофан може да се намалат, но и самите хемикалии од кои е направена пластиката (полимери) се понапредни со потекло oд пченка. А и самите производители (компаниите) на производите имаат моќ како да бидат комерцијализирани, било да е тоа со намалување на волуменот непотребен на пластиката, или со користење рециклирани материјали веќе во производството, а исто така да се понудат опции со хартиена или картонска амбалажа. Во козметичкиот сектор има огромни иновации во пластичната амбалажа и промените со хартиена – посочува Николова.
Според неа, оној пластичен отпад што сега ги загадува македонските реки и езера, но и светските мориња и океани, може да се искористи и да му се даде поинаква функција наместо загадувачка.
– Научниците се обидуваат да најдат начин како пластиката, наместо како отпад, да се користи за нови полезни работи. Најкористената пластика во светот е полиетиленот, создаден од етан и пропан, нафта и гасно масло, а хемиската реакција може да ја претвори во масло, моторно масло и лубриканти. Со понатамошна обработка, полиетиленот може да се претвори во детергенти и козметика, според истражувањето објавено во списанието на американското хемиско друштво „АЦС централ сајенс“.
Со нови процеси, материјалите што вообичаено се третираат како отпад, како што се пластичните ќеси и фолијата со меурчиња, може да добијат втор живот, создавајќи корисни алатки за секојдневниот живот. Притоа се користени наночестички за да се постигне реакција на распаѓање на полиетилен, со помош на катализатор, при што е успеано да се разбие тврдата пластика што претставува огромен проблем за човештвото.
Претходното научно откритие е поврзано со полиетиленот и како тој да се претвори во течно гориво и восок, а новиот метод нуди повеќе можности. Со најновата хемиска реакција се овозможува подобро рециклирање. Лесните пластични ќеси можат да станат висококвалитетни мазива за автомобили. Овие најнови истражувања, поврзани со разложувањето на молекулите на јагленоводородот, можат да претставуваат основа за создавање голем број производи.
Иако овие најнови истражувања се во тек и ќе треба извесно време за нивно дефинитивно потврдување и комерцијална примена, тие покажуваат дека науката е подготвена за брзи одговори кога е во прашање искористувањето на пластиката за еднократна употреба – заклучува младата велешанка Ања Николова, која со своето стручно знаење и настапи продолжува да го воодушевува светот и да дава сопствен придонес во борбата за една поубава, почиста и поздрава планета.