„Тогаш верував дека сме тргнале да се бориме за Македонија и сите бевме подготвени да загинеме, слобода или смрт, трето нема. Ама не било така. Едно мислел волкот, а друго овчарот… Тука Бугарите си подигруваат со нас и ја вртат водата на својата воденица… Го запалија огнот и сакаат тревога да креваат пред Европа“, Писмо на Ѓорѓија Пулевски од 8 јануари 1879 година
Повод: 144 години од Македонското (Кресненско) востание
На денешен ден точно пред 144 години започна Македонското востание, познато и како Кресненско востание, организиран и оружен бунт што во националната меморија на Македонците останува запаметен како една од првите пројави на македонскиот борбен дух за слобода и сопствена држава во поновата историја. Македонското востаничкото движење од 1878 година се појавува во сложени геополитички услови, кога Царска Русија се обидува да го прошири своето влијание до Егејско Море, односно на Средоземно Море. Оттука произлегла и вештачката творба позната како санстефанска Бугарија, во чии рамки требало да влезе најголемиот дел од територијата Македонија. Меѓутоа руските амбиции биле попречени од дипломатската активност на другите големи сили и Берлинскиот конгрес, кој го поништил Санстефанскиот договор. Успехот на руската армија, како и дипломатските активности на големите сили, го возбудил македонскиот народ, кој уште во 1876 година го кренал Разловечкото востание, а кога европската дипломатија во Берлин одлучила Македонија да остане османлиска провинција, истакнатите македонски дејци решиле да организираат ново оружено востание, познато како Македонското (Кресненско) востание. Но желбата на Македонците за слобода и сопствена држава била злоупотребена од руските панслависти и великобугарите што не се откажале од санстефанскиот идеал. Особено како негативно се одразило бугарското замешателство, кое ја компромитирала македонската кауза пред големите сили. Меѓутоа, и покрај надворешните влијанија, Македонското (Кресненско) востание било идеолошка творба на Македонци, а тоа е очигледно и од самото име на востанието, кое од страна на водачите било нарекувано Македонско.
Ослободување на Кресна
Во летото 1878 година била донесена одлука за организирање востание во Македонија. Врз основа на оваа одлука, есента истата година биле повикани сите вооружени ајдучки, востанички и доброволечки чети од Македонија.
На 17 октомври 1878 година, востаничките сили предводени од војводите Стојан Карастоилов, Коста Кукото, Стојо Торолинко и Крсто Аризонов, во вечерните часови, пристигнале близу селото Кресна. Борбата започнала кога востаничките сили се доближиле до османлиските позиции, а набргу во помош на востаниците пристигнале и селаните од Кресна, Влахи, Ошчава и други кресненски села. Стојан Карастоилов со востаниците успеал да ги обиколи Турците и да им го прекине снабдувањето со храна и вода. Борбата меѓу востаниците и турската војска траела околу 18 часа, а на крајот турските сили биле принудени да се предадат. Во битката кај Кресна особено се истакнал војводата Стојан, со извонредната борбеност, храброст и јунаштво. По ослободувањето на Кресна, биле ослободени и селата Оштава, Влахи и Ново Село, а востаниците се префрлиле на десниот брег на реката Струма.
Главен штаб на Македонското востание
По ослободувањето на територијата бил формирани штаб на востанието како највисоко раководно тело и команда на востаничките сили. За атаман на македонските востаници бил именуван рускиот мајор Адам Калмиков, а за прв војвода бил прогласен Стојан Карастоилов. Како највисоко раководно тело бил формиран и штаб, наречен Штаб на Македонското востание, а за началник бил поставен Димитар Поп Георгиев Беровски. Тој подготвил оперативен план, кој предвидувал на ослободените територии најпрво да се зацврсти народната власт, а потоа востанието да се шири плански во правец на Берово и Разловци.
Дополнително било формирано и полициско началство, кое имало задача да собира данок и да спроведува мобилизација, како и да го чува редот во востаничката територија. Во овој период веќе била ослободена поголема територија, која се протегала на север од демаркациската линија кај Џумаја на југ до Белица и Градешница, на југозапад го опфаќала целиот Каршијак, а на југоисток се протегала до Превала.
Бугарските замешателства
Паралелно со востаничките активности во Македонија, на територијата на Бугарија биле формирани и неколку комитети со заедничко име „Единство“, а најактивен од нив бил софискиот разгранок. Под закрила на споменатите комитети биле формирани два одреда, во јачина од околу 400 луѓе и предводени од Адам Калмиков и Луј Војткевич. Главниот стремеж на бугарските комитети бил насочен кон искористување на востаничкото движење во Македонија како притисок врз европската дипломатија за ревидирање на одлуките на Берлинскиот конгрес, односно приклучување на Македонија кон бугарската држава. Затоа бугарските комитети и македонските водачи уште на самиот почеток се судриле, најпрво во однос на тактиката и начинот на водење на борбата, а на крајот за идеолошките принципи на востанието.
На 23 октомври 1878 година, Главниот штаб ги вратил Адам Калмиков и Луј Војткевич во Бугарија, за привремен командант бил избран војводата Стојан Карастоилов, а Беровски останал началник на штабот. Калмиков и Луј Војткевич во Ќустендил го обвиниле Беровски, а комитетот „Единство“ го повикал Беровски, но востаничките војводи не му дозволиле. Обидот на комитетот да доминира во раководењето на востанието предизвикал многубројни противречности меѓу раководството на востанието и комитетот. Раководната улога комитетот ја условувал со испраќање помош, особено оружје и муниција, и со промена на стратегијата на востанието. Имено, комитетот барал востанието да се прошири кон Крива Паланка, додека штабот настојувал да се зацврсти народната власт во ослободените села, а потоа востанието постапно да се шири кон внатрешноста на Македонија.
Идеолошки судир
По одбивањето на Беровски да замине за Џумаја, Калмиков заминал за Софија, каде што го обвинил началникот на востанието. Софискиот комитет, кој не се согласувал со доминацијата на внатрешните во штабот и со политичката и воената стратегија на македонското востание, го повикал началникот на штабот, Димитар Поп Георгиев Беровски, веднаш да се јави во Софија на објаснување. Меѓутоа, по одлука на војводите, Беровски не заминал ниту во Софија, туку го испратил А. Филипов. Со одбивањето на македонското раководство да ги изврши наредбите на бугарските комитети, биле предизвикани многубројни остри реакции во Софија. Претседателот на софискиот комитет, митрополитот Мелетиј, испратил писмо до Џумајскиот комитет во кое наредил да биде уапсен Димитар Поп Георгиев Беровски.
Во почетокот на ноември 1878 година, Софискиот комитет ја испратил комисијата придружена од мајорот Калмиков со многубројни доброволци, која преку Џумаја стигнала во Влахи. Беровски веднаш бил уапсен и затворен во Џумаја. Комисијата се претворила во врховно и законодавно тело над востанието. Калмиков бил поставен за командант на силите на Кресненското востание, а Луј Војткевич на Разлошкото. Војводата Стојан Карастоилов, по затворањето на Беровски, се потчинил на одлуките на Софискиот комитет и му ја предал команданта на Калмиков. Повеќето војводи, особено оние од западна Македонија, предводени од Стефо и Коста Буфски, не го прифатиле враќањето на Калмиков и го напуштиле селото Влахи, заминувајќи преку реката Струма, а некои поднеле оставка.
Со тоа на Калмиков му било овозможено да избере свои луѓе и да го преземе раководството на востанието. Меѓутоа војводата Стојан ги штител своите, односно македонските војводи. Набргу потоа биле убиени најблиските приврзаници на Карастоилов, а на 25 ноември 1878 година бил убиен и војводата Стојан Карастоилов, заедно со Георги Чолаков и Иван Трендов.
Со убиството на војводата Стојан Карастоилов и Димитар Поп Георгиев Беровски, софискиот комитет „Единство“ преку мајорот Калмиков го презел раководењето со востанието. Набргу дошло до промена на стратегијата и софискиот комитет наредил да се изведуваат оружени акции во близината на бугарската граница кон Ќустендил и Разлошко, за да се предизвика интересот на европската дипломатија, односно востанието да биде искористено како протест против Берлинскиот договор,односно враќање на санстефанските решенија.
За судирот помеѓу македонските дејци и комитетот „Единство“ дознаваме од писмото на Ѓорѓија Пулевски од 1879 година, испратено до Деспот Баџовиќ во Белград. Во писмото било истакнато: „На твојот брат Кузман му пишав да собере поголеми чети и да дојде тука… Тогаш верував дека сме тргнале да се бориме за Македонија и сите бевме подготвени да загинеме, слобода или смрт, трето нема. Ама не било така. Едно мислел волкот, а друго овчарот… Тука Бугарите си подигруваат со нас и ја вртат водата на својата воденица… Го запалија огнот и сакаат тревога да креваат пред Европа“.
Македонското востание како појдовна точка на бугарската политика кон Македонија
Македонското (Кресненско) востание останува запаметено како една од првите пројави на македонскиот борбен дух за слобода и сопствена држава. Меѓутоа бугарскиот комитет „Единство“, пред сѐ Стефан Стамболов го злоупотребил востаничкото движење за бугарски интереси. Македонските водачи биле отстранети, со што на востаничкото движењето му се дал бугарски колорит. Всушност, бугарското замешателство во Македонското востание е само вовед на идната бугарска надворешна политика кон Македонија.
Во следните децении, Стефан Стамболов, еден од водачите на софискиот комитет „Единство“, како премиер на Бугарија ќе организира и финансира една бугарска просветна пропаганда, која ќе има цел да ја шири бугарската национална свет кај Македонците. По појавата и развојот на македонското револуционерно движење, предводено од Македонската револуционерна организација (МРО), бугарските замешателства ќе продолжат. Бугарскиот двор и бугарските политички фактори ќе се обидат да го преземат македонското револуционерно движење и да му дадат бугарски колорит. Д.Ст.