Професорот Игор Јанев: Како Македонија да си го врати вековното име

Еден од најгласните борци за раскинување на меѓународните договори (кои уште при самото склучување беа повеќеслојно конфликтни: и како форма и како содржина, но и како услови и притисоци под кои беа потпишани) што, според меѓународно-прaвните експерти, предизвикаа многу повеќе штетни последици отколку корисни, а ги склучи Македонија, најпрво со Бугарија, една година подоцна и со Грција, е професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев

Анализа

Еден од најгласните борци за раскинување на меѓународните договори (кои уште при самото склучување беа повеќеслојно конфликтни: и како форма и како содржина, но и како услови и притисоци под кои беа потпишани) Што според меѓународно-прaвните експерти предизвикаа многу повеќе штетни последици отколку корисни, а ги склучи Македонија, најпрво со Бугарија, една година подоцна и со Грција, е професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев.
Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, професорот Јанев веќе неколку години заговара раскинување на Преспанската спогодба како генератор на сите проблеми, кои на крајот можат да бидат погубни за македонскиот идентитет и наметнување туѓ.
Во продолжение интегрално ги објавуваме неговото видување и анализа за тоа кои можат да бидат потенцијалните сценарија ако Македонија еднострано се повлече од Договорот од Нивици и кои треба да бидат чекорите потоа, односно како да се врати уставното име Република Македонија.

Раскинување на Преспанскиот договор и чекори потоа

– Основната претпоставка за запирање на процесот на бугаризацијата (поточно бугарската асимилација) и поврзано со ова воспоставувањето на името „Република Македонија“ (односно отстранување на сегашното, базирано врз Преспанскиот акт, „Република Северна Македонија“) е – раскинувањето на Преспанската спогодба!
По раскинувањето на оваа спогодба, неопходен чекор е да се извести генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации (ООН) и да се бара отстранување на овој акт од регистарот на ООН како раскинат договор.
Потоа, државата мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на државата „Република Северна Македонија“ под името – „Република Македонија“ во ОН.
Се разбира дека Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност на ООН бидејќи „Република Северна Македонија“ еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да ја наметне перцепцијата дека со тој чин „се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста“.
Понатаму, во таа насока, Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука со која ќе ѝ наложи на Македонија да мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанската спогодба) или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз (претходно раскинатиот) Преспански договор.
Доколку Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт (што е суверена одлука на секоја држава или, пак, да преговара за новото име), маневарскиот простор на СБ на ООН е многу мал и објективно екстремно лимитиран!
Имено, во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе:
1. Резолуција со која ќе наметне (повторно) привремена референца од каков било вид или да ја врати претходната референца БЈРМ (односно нема да може да ја воспостави „претходната состојба“ со наметната референца, бидејќи сега ги немаме истите околности – проблемот со референцата БЈРМ не заврши во СБ на ОН, туку во регистарот на ОН како спогодба од небезбедносен, поточно административен / несуштински карактер), а и нема да има консензус меѓу големите сили со различни доктрини околу суверенитетот на државите, посебно Русија и Кина нема да бидат индиферентни и да допуштат „интерферирање во внатрешните работи“ (се разбира водени од своите интереси);
2. Резолуција со која ќе се бара „оваа држава“ (РСМ) повторно да ја склучи истата спогодба, бидејќи СБ нема надлежност за овие суверени домашни (уставни) прашања и нема да има минимум консензус меѓу големите сили, од кои двете (Русија и Кина) ја базираат својата надворешна доктрина врз основа на апсолутен суверенитет за секоја држава-членка на ООН. Имено, суверено право на секоја држава е да склучува и да раскинува договори и суверено да го определува или менува своето државно име, а органите на ООН немаат надлежност да се мешаат во овие одлуки, кои се во строга внатрешна надлежност на секоја држава (посебно одлуката за уставното име);
3. Резолуција со која ќе наметне нови преговори околу државното име (ова е практично невозможно), освен ако самата држава имплицитно или експлицитно не даде некаков вид согласност за преговори или (ре)преговарање околу истата (апсолвирана) материја, за што и самата Грција нема да се согласи, како што и Македонија не смее да даде никаква согласност, од каков било вид (ниту „премолчено“) дека ќе го репреговара новото име на државата. Македонија мора да инсистира на име со кое аплицираше во ООН во 1993 г., како единствено легитимно име на нацијата и државата (за кое народот дал согласност и кое не беше резултат на надворешното интерферирање или надворешен акт/договор)!

Заклучок

Тргнувајќи од фактот дека РСМ денес нема веќе привремена референца, а нова не може да се наметне (ниту од македонската стана ќе се прифати), а истовремено државата не се согласува со постојното државно име РСМ (како нелегитимно), ниту со Преспанската спогодба, а земајќи го предвид фактот дека СБ на ООН е поделен по прашањето за интерпретација на концептот за суверенитет, можеме да заклучиме дека СБ на ООН нема да може да донесе каква било обврзувачка одлука со која повторно би можела да се инсталира привремена или трајна референца (деноминација) или да натера една суверена држава на преговори околу името (т.е. идентитетот, што впрочем не е ниту легално да се бара) или повторно склучување на истиот или сличен договор за дефинирање на државното име, односно на државниот идентитет.
Македонската дипломатија мора да го истакне фактот дека секој „идентитетски договор“ секогаш е нелегален акт бидејќи претставува несуверено определување на материјата што е во строга внатрешна надлежност!
Оттаму, секој надворешен акт за менување идентитетот е акт со кој, независно од легитимитетот – се наметнува националниот идентитет.
Понатаму, наводните „безбедносни причини“ (во споредба со 1993 г.) нема да влијаат врз донесување каков било вид обврзувачка резолуција, а без ваков акт Македонија може да оди напред и да го постави прашањето во Генералното собрание на ООН (водена од фактот што проблемот не е „заклучен“ во СБ, а спогодбата од Преспа немаше порано „завршна резолуција“ во Советот за безбедност, туку како несуштинска „пријателска спогодба“ само беше регистрирана во регистарот на ООН).
Со други зборови, доколку нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН (пример има само „претседателското соопштение“ или препорака), тогаш последниот збор околу државното име на оваа држава го има Генералното собрание на ООН (во кое државите немаат право на вето).
За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните што гласаат. Едноставно кажано, просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание (во кое членуваат 193 држави-членки на ООН).
Ако, на пример, во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе.
Доколку, на пример, не успее ваквата акција оваа година, на ова Генерално собрание на ООН, може повторно да се поведе акција следната (а потоа и ако треба и следната), сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува во ОН како „Република Македонија“ – објаснува Јанев.

Потребен е стручен и искусен тим за справување со предизвикот „враќање на името“

Според професорот Јанев, исклучително е важно во целата операција за враќање на уставното име Македонија да ангажира силен експертски тим, притоа несебично нудејќи да го сподели и сопственото стручно искуство и директно да учествува во тимот што ќе работи на враќање на уставното име на државата во ООН.
Професорот Јанев е скептик дека со актуелниот човечки кадар во македонското МНР може да се издејствува ваква победа во ОН, а причините за тоа ги гледа во високата нестручност на луѓето во дипломатијата.
Според него, со враќањето на името „Република Македонија“ во ООН ќе им се стави крај на грчката и на бугарската асимилација врз македонскиот народ.


Во последно време многу меѓународни договори се предмет на раскинување или на повлекување на едната договорна страна. Тоа, всушност, претставува аргумент плус дека она што во одреден момент било договорено во поинакви околности, услови и контекст, некогаш и под притисок, принуда или ултиматум кон една или друга договорна страна, повеќе не обврзува никого во иднина да се придржува до тој документ, бидејќи нанесува штета за државата, односно за граѓаните на некоја од договорните страни. Второ, и доколку за одредени клаузули од склучениот меѓународен договор се дијагностицира дека се во спротивност со меѓународното јавно право, а посебно со т.н. перемпторно право (јус когенс), таквите договори апсолутно се неважечки, односно ништовни.
Во продолжение следуваат неколку скорешни примери од раскинување или, пак, повлекување од одредени меѓународни договори. Имено, неодамна Аргентина најави дека се повлекува од меѓународниот договор постигнат со Велика Британија во врска со суверенитетот над Фолкландските Острови, документ со кој беше ставена точка на неколкумесечните воени дејства, во кои животите ги загубија повеќе од 900 луѓе. Аргентинската влада сака одново да преговара со Велика Британија за суверенитетот на Фолкландските Острови и се повлекува од пактот Форадори – Данкан.
Пред извесно време, САД официјално се повлекоа од меѓународниот договор „Отворено небо“, со кој се овозможуваат извиднички летови на невооружени авиони над територијата на 34 земји. Сличен чекор направи и Русија кога еднострано се повлече од меѓународниот договор за контрола на нуклеарното оружје постигнат меѓу САД и Русија.
Сето ова говори дека меѓународните договори не се аксиома ниту за најголемите светски сили со чие раскинување се доведува под ризик светската безбедност. Суштински е дека и склучувањето (како и раскинувањето) на меѓународните договори се случува во оној момент кога со таквиот чин се подобрува и унапредува статусот на договорните страни (држави) во врска со прашањата од конкретниот договор. Наедно, да се подобрува и унапредува положбата на граѓаните (народите, нациите) од државите-потписнички на конкретниот меѓународен договор.
Затоа што, всушност, меѓународното право и поредок се востановени токму заради постигнување просперитет и одржлив развој на глобален план, на сите држави во светот, изедначувајќи ги сите како засегнати страни, во уредување на светскиот поредок, мир и демократија, а никако на нивна штета, што, за жал, се покажува во повеќе меѓународни практики, вклучувајќи го и нашиот македонски пример.