ВО РАМКИТЕ НА ПЕТТАТА ДЕМИРХИСАРСКА ЛЕТНА ШКОЛА

Продолжуваат активностите во рамките на Петтата демирхисарска летна школа. Црковниот одбор на храмот „Св. Никола“ и месната заедница Слепче им беа домаќини на учесниците на годинашната летна школа. Непосреден повод е издавањето на монографијата за црквата „Св. Никола“ од проф. д-р Сашо Цветковски, а како произлез на научниот интерес на школата за историјата на овој храм.
По тој повод, најпрвин пред студентите и граѓаните на Слепче се одржа пригоден промотивен настан на кој говореше авторот Цветковски, а веднаш потоа, познатиот македонски историчар проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, пред присутните одржа предавање на темата „Алберт Сониксен за македонското револуционерно движење со посебен осврт на Демирхисарско“.
Предводени од проф. д-р Елизабета Касапова, идните архитекти од Архитектонскиот факултет при УКИМ од Скопје, вчера претпладне спроведоа активности во селото Базерник. Предмет на нивна стручна опсервација беше црквата „Св. Атанасиј“.
Проф. д-р Ванчо Ѓеоргиев, со своите студенти од Катедрата за историја при Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје, престојуваше во Брезово и во Велмевци. Темите на неговите предавања беа поврзани со револуционерните активности од илинденскиот период и војводските подвизи на Јордан Пиперката. Беше посетена и одбранбената Кула во Брезово, како и гробот на Јордан Пиперката во месноста Черешна кај Велмевци.
Пред предавачите и идните теолози, археолози и архитекти, како и манастирското монаштво, се одржаа две тематски предавања. М-р Гоце Секуловски одржа предавање на темата „Етосот на првиот глас во источноцрковното пеење и неговата мелодиско-естетска примена во химномузикографската богослужбена литература – компаративна анализа на ирмолошкиот и тропарскиот напев во Осмогласникот и Слепченскиот пролог“.
Професорот на Православниот богословски факултет во Скопје, д-р Виктор Недески, говореше на темата „Феноменот на ’самоповиканите маченици‘ во православната Црква“.
Двете предавања се одржаа во манастирската трпезарија на „Св. Јован Претеча“ во Слепче.

По отслужената Божествена литургија од страна на отец Серафим, теолошката група учествуваше во предавањето на почитуваниот проф. д-р Сашо Цветковски, кој ја запозна групата со фрескоживописот во црквата „Свети Јован Претеча“. По предавањето, групата се упати до параклисот „Свети Јован Богослов“, каде што проф. д-р Сашо Цветковски имаше уште едно предавање, поврзано со фрескоживописот и историјата.
Студентите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје ги посетија Крушево и значајните симболи на македонската непокорност и борба за слобода – Мечкин Камен.
На оваа локација, д-р Зоран Богески одржа предавање за значењето на битката кај Мечкин Камен. Објаснувајќи ја конфигурацијата на теренот, која ја условила и стратегијата на распоредот на востаничките сили, која имала цел да ги оневозможи движењето и напредувањето на регуларните и нерегуларни османлиски сили кон Крушево.
Потоа беа разработени и презентирани текот и одвивањето на битката. За првпат откако во рамките на оваа школа се реализираат предавања за оваа битка пред нејзините учесници на терен беше изработена и карта, која шематски ги прикажува распоредот на силите на самиот терен и распоредот на силите од војнички аспект и напредувањето на османлиските сили кон локацијата каде што бил стациониран одредот на Питу Гули. Во оваа пригода, д-р Ванчо Ѓорѓиев посочи дека битката кај Мечкин Камен е вечен симбол на македонскиот непокор и борба за слобода и сопствена држава.
Некои од активностите на групата беа проследени и од градоначалникот на Општина Демир Хисар, Никола Најдовски, со чија поддршка се реализира летната школа.